1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Западен Балкан: Борел ги искара Србија и Косово

Бернд Ригерт
22 мај 2023

ЕУ сака да го забрза пристапниот процес со шесте земји од Западен Балкан. Но, пречките се големи - бавни реформи, стари непријателства и колеблива ЕУ.

https://p.dw.com/p/4RgI3
Шеф-дипломатот на ЕУ, Жозеп Борел со министрите за надворешни работи на западнобалканските земји во Брисел
Шеф-дипломатот на ЕУ, Жозеп Борел со министрите за надворешни работи на западнобалканските земји во БриселФотографија: Virginia Mayo/AP Photo/picture alliance

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија редовно ги канат своите шест колеги од Западен Балкан на неформален ручек. Темата е секогаш иста: како може да се забрзаат пристапните процедури, од кои некои траат со децении.

Пред самитот на ЕУ со земјите кандидати и соседните земји, таканаречената Европска политичка заедница, следната недела во Молдавија, денешниот ручек беше важен за да се направи слика на актуелната состојба. „Можеби тоа треба да го правиме почесто“, рече првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, кој потоа започна со предавање кое беше насочено особено кон Србија и Косово.

Проруски став го исклучува членството

Борел му посочи на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ дека блиските врски со Русија веќе не одат рака под рака со членство во ЕУ. ЕУ воведе строги санкции против Русија, која води војна против Украина, но Србија не ги поддржува. „Тие им штетат на сопствените национални интереси, но ставот секако не е во согласност со процесот на проширување“, предупреди Жозеп Борел. „Блиски односи со Русија повеќе не функционираат и тоа не се однесува само на Србија.“

ЕУ води пристапни преговори со Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Босна и Херцеговина е кандидат за преговори, но сѐ уште се смета за нестабилна. Косово, кое ниту Србија ниту сите земји-членки на ЕУ го признаваат како независна држава, е само потенцијален кандидат за приклучување. Жозеп Борел најави дека за некои од нив се чекаат „стратешки“ одлуки на ЕУ, но само за оние кои ја поддржуваат политиката против руската агресија.

„Нема веќе провокации“

Конфликтот меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово постојано ескалираше во последните месеци и, според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, го блокира секој напредок во пристапните преговори. Според европските дипломати во Брисел, земјите од ЕУ немаат којзнае каков апетит да примат држави кои не можат да ги решат меѓусебните конфликти.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и албанската министерка за надворешни работи Олта Џачка
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и албанската министерка за надворешни работи Олта ЏачкаФотографија: Virginia Mayo/AP Photo/picture alliance

Жозеп Борел рече дека денеска (22.05) повторно им објаснил на двајцата противници дека „ЕУ се заснова на соработка. Држави кои се бореле меѓусебно во минатото, не само што мора да станат соседи, туку и пријатели и партнери. Станува збор за соживот.“ Затоа, Белград и Приштина треба конечно да го спроведат договорот постигнат со посредство на ЕУ за решавање на неодамнешните спорови. Деструктивните провокации од двете страни мора да престанат.

Да се учи од Украина?

Присутни на самитот следната недела ќе бидат и најновите земји-кандидати, Украина и Молдавија, кои во рекордно време добија посакуван статус поради руската агресивна војна. Владите во Киев и Кишињев се надеваат дека официјалните преговори за пристапување ќе започнат пред крајот на годината. Во таков случај Украина и Молдавија би го завршиле процесот за 20 месеци за кој на балканските држави би им биле потребни речиси 20 години, велат дипломатите на ЕУ во Брисел. Ова може да доведе и до одредена завист или конкурентно однесување меѓу земјите-членки. Во својот извештај, Европската комисија потврдува дека Украина и Молдавија постигнале огромен напредок во борбата против корупцијата и во реформирањето на владеењето на правото. Се чини дека сето тоа на Балканот трае многу подолго. „Украина предводи, другите мора да го следат овој пат и да ја искористат шансата“, нагласи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика.

Што мислат младите за Европската политичка заедница?

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија