1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

ЕУ го губи трпението со Косово и Србија

Бернд Ригерт
13 декември 2022

Освен со руската агресија кон Украина, ЕУ повторно мораше да се занимава и со опасниот конфликт меѓу Србија и Косово. И Иран беше тема на состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата во Брисел.

https://p.dw.com/p/4KrA7
Tschechien | Gymnich Treffen | Annalena Baerbock und Josep Borrell
Фотографија: Janine Schmitz/photothek/picture alliance

Жозеп Борел, шпански политичар кој однадвор делува смирено и опуштено, се занимава со сите можни конфликти во Европа и во светот. Во некои од нив, шефот за надворешна политика на Европската унија може да изврши влијание, во други само со големи тешкотии, како на пример, војната на Русија против Украина. Токму затоа за Борел е уште поважно да си ја чува во ред барем сопствената куќа Европа.

Вечерта по долгиот ден на состаноци во Брисел со министрите за надворешни работи на ЕУ, на првиот дипломат на Унијата буквално можеше да му се види и чуе фрустрацијата додека зборуваше за двете земји аспиранти за влез во ЕУ од Западен Балкан, Србијаи Косово. „Веќе не сме подготвени да го прифатиме ова. Ваквата ситуација мора да заврши“, порача Борел пред микрофоните во прес-салата со затегнат глас и потиснат гнев, мислејќи притоа на наводите дека српски сепаратисти нападнале возило на мисијата на ЕУ во северно Косово - Еулекс, која веќе 14 години по едностраното прогласување на независноста на Косово се обидува да воспостави владеење на правото во земјата со стотици правници, судии и полицајци. Покрај тоа, на улиците се забележани вооружени милиции.

Било пукано врз возило на Еулекс на Косово
Било пукано врз возило на Еулекс на КосовоФотографија: Vudi Xhymshiti/VX/picture alliance

ЕУ би можела да испрати повеќе персонал

Србите протестираа и за време на викендот, затоа што поранешен српски полицаец претходно беше уапсен од страна на косовските власти. „Советот на министри за надворешни работи ги повикува двете страни да престанат со нивните провокации и насилство“, изјави Жозеп Борел. ЕУ ќе испрати повеќе персонал во Косово доколку е потребно.

Србија го смета Косово како отцепена покраина. Во малата, економски слаба држава живеат 1,8 милиони луѓе, од кои 130.000 се етнички Срби, главно на север во пограничниот регион со Србија. Дипломатите на ЕУ имаат разбирање за фрустрацијата на Борел, бидејќи пред само една недела, на самитот меѓу ЕУ и балканските држави во Тирана, Албанија, најновиот спор меѓу Србија и Косово всушност беше решен. Стануваше збор за националистички спор околу регистарските таблички на автомобилите кој беше тешко разбирлив за набљудувачите отстрана.

Но, мирот договорен со посредство на Жозеп Борел не траеше долго. Во понеделникот, тој недвосмислено ги повика двете страни да се вратат на преговарачката маса и да ја вклучат ЕУ како посредник. 27-те министри за надворешни работи на ЕУ го одобрија предлогот за посредување, чии детали сѐ уште се тајни, со цел конечно да се разјасни косовското прашање. Специјалниот претставник на ЕУ за Косово треба да преговара за овој предлог в среда во Белград и во Приштина. Жозеп Борел побара одговори од двете страни уште пред крајот на самитот на ЕУ во четврток.

Српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти за време на преговорите во Брисел во ноември 2022
Српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти за време на преговорите во Брисел во ноември 2022Фотографија: EU Council / Pool / Handout/AA/picture alliance

Тие за почеток, меѓутоа, зазедоа конфронтирачка позиција: Србија побара од безбедносните сили на НАТО, КФОР да стационираат српски полицајци во северно Косово. 24 години по завршувањето на војната во Косово, НАТО сè уште е на терен со 3.500 војници под мандат на ОН.

Косовската претседателка Вјоса Османи ги откажа планираните локални избори во северно Косово, кои Србите сакаа да ги бојкотираат. На самитот во Тирана минатата недела таа најави дека Косово сака да аплицира за членство во ЕУ до крајот на годинава. Прашање е дали тоа  во моментов ќе наиде на симпатии кај Жозеп Борел. Србија веќе осум години преговара за пристапување кон ЕУ.

Русија се вмеша во спорот

Работите да бидат уште полоши, и Русија се јави за збор околу спорот во Косово. Кремљ побара да се почитуваат интересите на сојузничките Срби на Косово. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова ги обвини ЕУ и САД дека се одговорни за влошувањето на безбедносната ситуација. Ова ги потсети министрите за надворешни работи на ЕУ дека многу набљудувачи ја гледаат Србија како еден вид руска подморница во конвојот на ЕУ. Српскиот претседател Александар Вучиќ одбива да ги прифати санкциите на ЕУ против Русија, иако неговата земја како кандидат за членство во ЕУ  би морала да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Унијата.

Нови санкции против Русија

Надворешната политика на ЕУ кон Русија синоќа (12.12) повторно беше заострена. Министрите за надворешни работи на ЕУ се договорија за главните карактеристики на деветтиот пакет санкции против Русија поради инвазијата врз Украина. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Борел, најави дека оваа недела тие треба да бидат официјално одобрени. Пакетот има за цел да ги погоди руските воени сили и руското раководство, кои може да се обвинат за тековните напади врз цивилната инфраструктура во Украина. „Путин сака да ги остави луѓето да се смрзнуваат“, рече Жозеп Борел. „Тоа е воено злосторство“.

Украинскиот град Одеса во мрак и без струја по руските напади: ЕУ го смета тоа за воено злосторство
Украинскиот град Одеса во мрак и без струја по руските напади: ЕУ го смета тоа за воено злосторствоФотографија: Ukrinform/dpa/picture alliance

Министрите за надворешни работи по средбата во Брисел изјавија дека Украина мора да истрае и да победи. Затоа, во два чекора ќе бидат ставени на располагање уште 5,5 милијарди евра за купување оружје за Украина. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба поднесе список со желби за поддршка во Брисел, кои сега треба да се исполнат колку што е можно повеќе, изјави Борел. Унгарија веќе не го блокира ослободувањето на 18 милијарди евра директна помош за државниот буџет на Украина - откако амбасадорите на ЕУ постигнаа компромис за замрзнување на европските фондови наменети за Будимпешта.

Во говорот пред групата од седумте најважни индустриски нации на Западот, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара повеќе тешко вооружување, тенкови и артилерија со долг дострел, како и дополнителни испораки на природен гас за неговата земја.

Осуда за смртните казни во Иран

Европската унија повторно воведува санкции и против Иран. Поради извршувањето на неоправданите смртни казни против демонстрантите во Иран, 21 лице од Иран е додадено на списокот со санкции. Тоа значи дека нивниот имот ќе биде конфискуван и нивниот влез во ЕУ ќе биде забранет. Осум други лица се санкционирани поради испорака на борбени беспилотни летала за Русија. Според ЕУ, нема доволно докази за испорака на ракети од Иран на воинствената Русија. Преговорите за иранската нуклеарна програма не треба да бидат прекинати од страна на ЕУ, туку треба да се гледаат одвоено од кршењето на човековите права, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија