1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ гледа можна саботажа врз гасоводите Северен тек

ЖА / агенции
28 септември 2022

ЕУ во оштетувањата на гасоводите гледа можна саботажа и се заканува со остри санкции. ЦИА наводно уште летоска предупредила од можни напади врз Северен тек 1 и 2 во Балтичко Море.

https://p.dw.com/p/4HRKw
Меури на морската површина поради истекување гас од оштетениот гасовод Северен тек 2
Меури на морската површина поради истекување гас од оштетениот гасовод Северен тек 2Фотографија: Danish Defence Command/AP/picture alliance

„Сите расположливи информации укажуваат дека оштетувањата на гасоводите се резултат на намерно дејство“, изјави првиот човек на европската дипломатија Жозеп Борел денеска во име на 27 земји-членки на Европската унија. „Секое намерно попречување на европската енергетска структура ќе наиде на робустна и заедничка реакција“, истакна Борел.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен синоќа соопшти дека разговарала со данската премиерка Мете Фредериксен околу „актот на саботажа“. Мислењето на Фредериксен е дека оштетувањата на гасоводите настанале со „намерно дејство“, а не не последица на случаен дефект. Од  гасоводите Северен тек 1 и 2  кои  транспортираат гас од Русија кон Германија, од понеделникот на три места во данските и шведските територијални води, близу данскиот остров Борнхолм, истекува гас. Данската морнарица објави снимки на кои се гледаат меури на морската површина.

Официјално објаснување за можните причини засега нема, но претпоставките одат во насока на саботажа.

Данскиот министер за енергија и за клима, Дан Јоргенсен, смета дека дупките низ кои истекува гасот се „премногу големи“ за да се настанати случајно. Шведската премиерка Магдалена Андерсон соопшти за регистрирани детонации во делот на Балтичкото Море каде се настанати оштетувањата на цевководите. Нејзината министерка за надворешни работи Ан Линде меѓутоа не сакаше да шпекулира околу мотивите на извршителите.

Разјаснувањето на инцидентите сега има огромно и приоритетно значење, за да се добие целосна јасност за настаните и позадината, напиша на Твитер Урсула фон дер Лајен. Секое намерно попречување на  европската енергетска структура е „неприфатливо и ќе води кон најостра можна реакција“, предупреди таа.

Сѐ повеќе европски политичари сметаат дека оштетувањата на Северен тек 1 и 2 се намерно предизвикани
Сѐ повеќе европски политичари сметаат дека оштетувањата на Северен тек 1 и 2 се намерно предизвиканиФотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Американската влада исто така ги истражува индициите според кои оштетувањата на гасоводите се резултат на напад или на саботажа, изјави министерот за надворешни работи Етони Блинкен.

Германскиот магазин „Шпигел“, повикувајќи се на доверливи извори, вчера објави дека американската тајна служба ЦИА уште пред повеќе недели испратила предупредување до германската влада за можни напади врз гасоводите во Балтичко Море.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во инцидентот гледа акт на саботажа, кој веројатно е вовед во следен степен на ескалација во украинскиот конфликт. Од аспект на норвешкиот воен експерт и морнарички офицер Тор Ивар Стромен, во прашање како виновник доаѓа само Русија. „Оштетувања на гасоводите се екстремно ретки“, истакнува тој, а во случајот со Северен тек 2 – цевководот е речиси нов. Оттаму се наметнува заклучокот – како објаснување останува само саботажа. „Гледам само еден можен актер, а тоа е Русија“, вели експертот.

Украина, согласно на очекувањата, е уште подиректна: „Големоповршинските оштетувања на  Северен тек 1  не се ништо друго освен од Русија планиран терористички напад и акт на агресија кон ЕУ“, напиша советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак на Твитер.

Гасоводите Северен тек 1 и 2 моментално не се во функција, но се полни со гас, а фирмата оператот не може да изврши точна проценка на времето потребно за поправка на оштетените гасоводи.