1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

„Тендери“: ослободителна пресуда за Елизабета Канческа

ДТЗ
12 мај 2023

Судот нема доволно докази за обвинувањата за местење тендери за поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа- Милевска. Одбраната е задоволна, обвинителството најавува жалба по ослободителната пресуда

https://p.dw.com/p/4RH4q
Елизабета Канческа Милевска, ексминистерка за култура
Елизабета Канческа ослободена од обвинувањата во случајот „Тендери“Фотографија: DW/S. T. Pavlovska

Основниот кривичен суд Скопје, донесе пресуда со која поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа- Милевска е ослободена од вина за  „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Канческа Милевска беше првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“. Судот смета дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото, поради што ексминистерката и обвинетите Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на Комисијата за јавни набавки, се ослободени од вина. Процесот го водеше судијата Осман Шабани, а обвинението го застапува јавниот обвинител, Стевчо Дончев. 

Одбраната задоволна - обвинителството ќе се жали 

Тој најави жалба на ослободителната пресуда. „Откако ќе ја добиеме пресудата во законскиот рок ќе вложиме жалба. Се надевам дека Апелацискиот суд Скопје, кој е надлежен да одлучува по жалбата, ќе донесе правилна и законита одлука“, изјави Дончев.

Скопје
Канческа Милевска беше првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според бранителот на обвинетата Елизабета Канческа Милевска, адвокатот Сашо Дуковски, ниту еден суд не може да донесе поинаква пресуда од ослободителна пресуда. „Цврсто сум убеден дека со оглед на фактите што се презентирани во оваа постапка пред сè и над сè,супервештачењето и сите други материјални и вербални докази, не може ниеден суд да донесе поинаква пресуда од ослободителна пресуда“, рече тој.

Пресудата следи по шестгодишна судска постапка.

Според обвинението, дел од градежните работи во музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, беше наведено дека Канческа Милевска, наводно, преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работата на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.