1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СБ: Што ја очекува македонската економија во 2023 година?

ДТЗ
12 јануари 2023

Светска банка ги намали проекциите за раст на македонската економија. Експертите велат дека тоа е очекувано, со оглед на бројните фактори коишто влијаате не само на земјата, туку и на регионот.

https://p.dw.com/p/4M3vE
Светска банка
Светска банка ги намали проекциите за раст на македонската економија, експертите велат дека тоа е очекуваноФотографија: ANDREW CABALLERO-REYNOLDS/AFP

Светска банка во најновиот Извештај за глобалните економски перспективи ги намали проекциите за раст на македонската економија. Па така, се прогнозира раст на македонската економија од 2,4 проценти годинава, што е за 0,7 процентни поени помалку во однос на објавената проекција во јуни лани. Проекцијата на Владата за економскиот раст на државава за годинава е 2,9 проценти. Светска банка има надолна ревизија и на проекцијата за македонскиот БДП за 2024 година за кога прогнозира дека ќе изнесува 2,7 проценти, односно надолната корекција е 0,5 процентни поени. Анализите покажуваат дека Северна Македонија ја заврши 2022 година со раст од 2,1 процент.

Според проф. д-р Борче Треновски од Економски факултет- Скопје, имајќи ја предвид неизвесната околина и факторите кои се менуваат од недела во недела, не изненадуваат информациите за, пред сѐ надолни ревизии на стапките на раст на економиите на глобално ниво и во нашето окружување. 

Неизвесни прогнози 

Ваквите прогнози, според него, се особено неизвесни за малите отворени економии во развој имајќи ја предвид нивната поврзаност, односно зависност од глобалните пазари (трговски партнери и инвеститори) и нивната внатрешна структурна ранливост. „Оттука не треба да не изненадат и корекциите на нашите стапки за раст на БДП до страна на Светска Банка за 0,7 процентни поени (на 2,4% во 2023) кое е скоро идентично со намалувањето на прогнозите за раст на земјите од Западен Балкан од 0,6 процентни поени (на 2,5% во 2023)“, вели професорот Треновски. 

Ваквите корекции, пред се во македонската економија, доаѓаат имајќи го предвид миксот од фактори кои може да се ефектуираат во периодот кој доаѓа како што се намалените проекции за економската активност на ЕУ, пред се во Германија, безбедносната неизвесност од конфликтот во Украина, која има и значајни економски импликации (евентуални дополнителни санкции или ескалација ја влошуваат значајно сликата). 

„Дополнително влијаат и несигурната патека на цените на енергенсите во следната година, исцрпените фискални амортизери („уморниот” буџет) кои треба да ги ублажат негативните ефекти на економската активност, преземањето на дополнителни мерки од монетарната и фискалната власт за зауздување на евентуалната инфлација, намалената ликвидност во економијата, воздржаната инвестициона активност и намалената финансиска сила на бизнис секторот и слично“, анализира Треновски. 

паричник
Ценовниот шок им нанесува се поголем удар на и онака испразнетите паричници на граѓаните.Фотографија: K. Schmitt/Fotostand/imago images

Најмал раст во регионот 

Од државите во регионот, СБ проектира раст од 0,8 проценти во Хрватска, од 1,7 проценти во Бугарија, од 2,2 проценти во Албанија и од 2,3 проценти во Србија, додека поголем раст од македонскиот ќе имаат економиите на Босна и Херцеговина од 2,5, на Црна Гора 3,4 проценти и на Косово од 3,7 проценти. Во Западен Балкан, како што се наведува во извештајот се предвидува раст од 2,5 проценти во 2023 година, наспроти првично проектираниот од 3,1 проценти.

Во него се посочува и дека реформите за пристапувањето во ЕУ и инвестициите ги ублажуваат негативните ефекти од високите цени на енергијата и храната, како и нарушувањата на трговските и инвестициските текови и прелевањата од забавувањето во еврозоната. Сепак, СБ посочува дека постои значителна политичка несигурност од парламентарни стопирања што би овозможиле доцнење во спроведувањето на реформите и со тоа спречување на ефикасна апсорпција на поврзаните средства за Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, немањето вистински мерки, но и задоцнети мерки за економијата во оваа година на кризи, слабата реализација на капитални инвестиции се целосен неуспех на власта и доведуваат до најмал процент од БДП. Криминалот и корупцијата во државата, според опозицијата, се вистинската причина за намалување на странските директни инвестиции. 

Забавување на инфлацијата 

Народната банка (НБМ) во макроекономските прогнози во ноември минатата година предвидуваше раст на брутодомашниот производ до 2,3 отсто и на инфлацијата од 14,3 отсто. НБМ направи надолна ревизија на априлските проекции, со која најави надолна проекција за економскиот раст, а нагорна за инфлацијата.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска вели дека Народната банка годинава очекува забавување на инфлацијата, а на среден рок целта е инфлацијата да се врати на историски ниските стапки од околу 2%. Ова го посочила и во разговор со директорката за Централна и Југоисточна Европа на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Шарлот Рухе на маргините на Форумот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ) во организација на  „Еуромани" во Виена, Австрија.

Ангеловска-Бежоска вели дека како мала и исклучително отворена економија, каде што трошоците за храната и енергентите сочинуваат околу половина од потрошувачката кошничка, Македонија беше исклучително подложна на шоковите на меѓународните пазари, коишто брзо се пренесоа и во домашната економија. Според неа, и покрај силните шокови со кои се соочи македонската економија, како и глобалната економија, стабилноста беше зачувана.