1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една третина од децата имаат проблем со дебелина

ДТЗ
4 март 2024

Физичката неактивност и лошата исхрана се посочуваат како главните причини за проблемите со телесната тежина. Лекарите велат дека станува збор за прогресивна болест која треба да се лекува.

https://p.dw.com/p/4d9YH
дебелина, спортување
Една третина од децата имаат проблем со дебелина - не спортуваат и лошо се хранатФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Над 30 проценти од децата на возраст од 6 до 9 години во Северна Македонија имаат проблеми со тежината. Околу 13,8 проценти од нив се соочуваат со екстремна дебелина, а физичката неактивност и лошата исхрана се посочуваат како главните причини за проблемите со телесната тежина. Лекарите велат дека станува збор за прогресивна болест која треба да се лекува.

Од лани функционира Центар за менаџирање со дебелината во Градската општа болница „8 Септември“, а на Клиниката за ендокринологија во Скопје се отвори Центар за справување и третман на обезност. Но, годинава во план е да се отворат уште неколку центри за менаџирање со дебелината во болниците во Тетово, Штип и Битола, како и на Клиниката за детски болести во Скопје.

По повод Светскиoт ден на обезноста, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираше дека дебелината во Македонија од 1990 до 2022 кај возрасните е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто. Во земјата, 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина. Најновите податоци покажуваат дека дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата. Според податоците на ИЈЗ, повеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина, живеат во урбани средини.

Храната како важен фактор

Исхраната со високо преработена и енергетски богата храна е значаен фактор што придонесува кон развојот на зголемена телесна тежина кај децата. „Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата. Физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини, што промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелина“, посочуваат од ИЈЗ.

Истражувањата покажуваат дека вкупно 32 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст консумираат безалкохолни пијалаци богати со шеќер повеќе од три дена во неделата. Половина од децата консумираат ужинки богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, а од нив 8,4 проценти и повеќепати секој ден. Само 24 отсто од децата консумираат свежо овошје секој ден, додека 21 процент консумираат свеж зеленчук.

Според ИЈЗ, потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина што влијаат врз дебелината, до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување

Новата студија објавена во „The Lancet“ покажува дека во 2022 година, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите - од пет до 19 години). Дебелината може да предизвика кардиоваскуларни болести, дијабетес и некои видови рак, наведуваат од СЗО.