Една третина од Германците се психички болни
7 март 2024Во моментов, околу 31% од Германците страдаат од психичка болест. Исто толку ги има во Кина и на Тајланд. Во САД, 40% се борат со ментални проблеми како што се депресија, анксиозни нарушувања или нарушувања во исхраната. Ова е резултат од репрезентативното истражување на меѓународната агенција за истражување на јавното мислење Ипсос.
За нивното ментално здравје беа прашани 1.000 луѓе од 16 земји во Европа, Азија и во Северна Америка. Во споредба со 2023 година, зачудувачки е што состојбата во повеќето земји е влошена во 2024 година. Во Франција, Ирска и во Мексико, процентот на луѓе со ментална болест се зголемил за 6 до 7%. Во Турција дури за 8%.
Менталното здравје се чини дека е и генерациски проблем: особено младите на возраст меѓу 18 и 34 години почесто пријавувале дека страдаат од ментална болест. Во Ирска, Турција и во САД особено се погодени лицата на возраст од 18 до 24 години. Но, и САД и Турција водат во оваа област и во возрасната група од 25 до 34 години.
Според извештајот, 43% од сите анкетирани лица на возраст од 18 до 24 години рекле дека се ментално болни. Најчесто споменувани болести се депресијата, која погодува 22%, и анксиозните пореметувања, како фобиите или посттрауматското стресно растројство, кои исто зафаќаат 22%.
Колку се постари испитаниците, толку се поретки менталните болести: само 14% од луѓето на возраст од 65 до 75 години изјавиле дека моментално страдаат од депресија, анксиозни нарушувања и од други ментални болести.
Меѓутоа, истражувањето не открива само генерациска разлика, туку и родова разлика: жените почесто се изјаснуваат како ментално болни отколку мажите. Ова се однесува на сите 16 земји во кои е спроведено истражувањето. Истото важи и за тоа дека младите жени се чувствуваат полошо од постарите жени.
Во извештајот се објаснува и како испитаниците ги добиле своите информации за нивната ментална болест. Во Германија, мнозинството од 57% добиле дијагноза од психолози и од психијатри. Околу 17% биле дијагностицирани од општите лекари. Бројот на Германци кои преку сопствено истражување, на пример на интернет, се оценети како ментално болни е 16%. Во други земји, бројот на самодијагнози понекогаш е значително поголем: на Филипините, на пример, тој е 60%, а во Турција 36%.
Истражувањето покажува колку е важна стручната помош во случај на ментална болест: 57% од испитаниците од Германија велат дека успешно се опоравиле од болеста поради тоа. Сепак, приближно секој четврти човек од Германија (24%) воопшто не бара лекување. Само во Јапонија повеќе луѓе, 25% од нив, не бараат никакво лекување.