1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дуел во погрешно време и на погрешно место

17 ноември 2022

Не мора хибридни напади да доаѓаат само од надвор, ние имаме доволно ресурси и самите одвнатре да си ги приредиме.

https://p.dw.com/p/4JeBE
Македонија НАТО
Знамиња на Македонија и на НАТОФотографија: Regierung Mazedoniens

На денот кога многу национални совети за безбедност заседаваа за да ги анализираат заканите од можна ескалација на конфликтот во Украина (по инцидентот и жртвите во Полска), во престолнината на 30-тата членка на НАТО се случи најтривијалната и најнеодговорна јавна дебата. И тоа преку форматот „ТВ-соочување“, меѓу министерката за одбрана Славјанка Петровска и поранешниот припадник на Армијата, а сега пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и член на партискиот Извршен Комитет, Драган Ковачки.

Дуелот уследи откако Ковачки на седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност обвини дека за учество во мировна мисија во Министерството за одбрана се давало мито по 3.500 евра, а за курс за подофицери и за прием како професионален војник по 5.000 евра. Со цел да ги разјаснат сите обвинувања, Петровска го повика на ТВ-соочување.

И тоа се случи токму вчера, на денот на интензивни консултации во НАТО, на денот кога целото светско внимание беше апсорбирано од  настаните во Полска,  околу „потеклото“ на падната ракета, можните безбедносни импликации, односно опасноста Алијансата да биде инволвирана во конфликтот. Дури и под претпоставка дека соочувањето можеби било снимено претходно, неговото емитување можело да се одложи. Причини има многу, и внатрешни, и надворешни. На таков ден, пред земјите партнери се испраќа впечаток за нетангираност од посочените настани и ризици. И не е во прашање само тајмингот. Се презентира високо отсуство на безбедносна култура, кога како на кванташки пазар пред екраните „дефилираат“  службени документи, извештаи, копии од разни постапки...  Нешто што не и` доликува на членка на НАТО.

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска, автор на коментаротФотографија: Privat

Ако целта била да се покаже дека не сме дораснати за тој статус, дел од работата сигурно е завршена. Бидејќи, шпекулацијата е како скината перница со пердуви рафрлени насекаде, а демантот – залуден обид да се соберат пердувите.

Иако министерката повика на соочување за да одговори на сите прашања и да го заштити угледот на МО, и настапи прилично сталожено, би требало да знае дека на таков начин не се расправа за прашања кои имаат и безбедносен карактер. Одговор на пласираните обвинувања од Ковачки може да даде само истрага/постапка на надлежна институција а не министерката, како што и самата потенцираше. Тогаш, на кого му служеше вчерашното соочување?

На угледот и безбедноста сигурно не. Особено што оваа дебата се случува во еден безбедносно многу чувствителен момент, на непрекината серија од хибридни атаци преку  дојави за бомби во училиштата,  кои подолг период го парализираат наставниот процес во училиштата, внесуваат вознемиреност кај учениците и родителите и вонредно ги трошат ресурсите на полицијата, додека сѐ уште  се трага по испраќачите на лажните дојави,  а се чекаат и одговори за начинот на кој  контроверзниот украински бизнисмен Олександр Онишченко добил македонски пасош.

Имајќи го предвид овој „куп“, извесно е дека обвинувањата кои вчера беа тема на дуелот, не се водени од искрени намери за расчистување на евентуални девијации. Искажаната недоверба кон обвинителство не смее да биде покритие за приод кон медиумско третирање на „вистината“. Тие наводи морале да бидат доставени до обвинителството од страна на оној што обвинува. Но, бидејќи тоа не е сторено, останува впечатокот дека целта можеби била да се внесе црв на сомнеж и во работите во армиската сфера, која според сите анкети досега уживаше највисока доверба кај граѓаните.

И што добија граѓаните, освен наметната перцепција за хаос и корупција во МО, што води кон засилено чувство на несигурност и небезбедност, а во време кога нема институционална потврда на посочените наводи. Дали тоа била целта? Таквиот приод оди единствено во „корист“ на штета за државата, но и кон првичен лаички заклучок: не мора  хибридни напади да доаѓаат само од надвор, ние имаме доволно ресурси и самите одвнатре да си ги приредиме.