1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Следната година ќе биде подобра

ДТЗ
30 декември 2022

Државниот врв во новогодишните честитки повикува на обединување со цел напредок на државата кон ЕУ, подобар стандард за живот и работа за граѓаните, како и на подобро и поквалитетно образование за младите.

https://p.dw.com/p/4LaAQ
Новата година ќе биде подобра за граѓаните, вели премиерот Ковачевски
Новата година ќе биде подобра за граѓаните, вели премиерот КовачевскиФотографија: Bihlmayerfotografie/IMAGO

Државниот врв во новогодишните честитки до граѓаните повика на обединување и фокусирање околу напредокот на државата во евроинтеграциите, со надеж за подобар стандард и посветла иднина за младите. „Во новата 2023 година, која ќе биде подобра за граѓаните, државата ќе продолжи да напредува и да ги остварува целите“, вели премиерот Димитар Ковачевски. 

„Можам со сигурност да кажам дека наредната година ќе биде подобра. Платите и пензиите ќе продолжат да растат, завршени се големи проекти важни за државата, а продолжуваме понатаму со нови инвестиции кои ќе значат подобар живот за сите. Затоа што никого не оставаме сам. Никој, никогаш нема да биде оставен сам“, порача Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните.

Тој се осврна на годината што изминува, во која фокусот беше ставен на справување со последиците од пандемијата, како и од економската и енергетската криза, но и на исполнување на евроинтегративниот процес.

„Во исто време моравме да носиме тешки одлуки за нашата европска иднина. Тоа, за мене лично, беше најголемиот предизвик во мојот живот. Можеби и најтешкиот затоа што знаев дека сум одговорен за мојот народ, за секој еден граѓанин, за вашата, за нашата иднина. Оваа зима се погриживме сите македонски домови да се топли, исто како и овој. А тука сме да се погрижиме да има и доволно храна на сечија празнична трпеза. Сакам да искажам посебна благодарност до сите граѓани кои во овие празнични мигови неуморно и посветено работат за нашето здравје, нашата безбедност и нашиот мир“, вели Ковачевски.

„Да се фокусираме на напредокот“

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во новогодишна честитка до граѓаните порача дека е потребен фокус на напредокот на земјата на евроинтеграцискиот пат, на подобриот стандард за живот и работа за граѓаните, како и на подобро и поквалитетно образование за младите, коишто се иднината на државата.

Џафери посочува дека граѓаните треба да се насочат кон „обединување како општество, како граѓани, за да можеме поподготвени и посилно да одговориме на предизвиците пред нас“. Според него, мора да се занемарат разликите кои прават вештачка поделба, како што е етничката, верската, партиската припадност.

Северна Македонија ЕУ знамиња
Државниот врв во новогодишните честитки повикува на обединување со цел напредок на државата кон ЕУФотографија: Government of North Macedonia

„Сите заедно, без оглед на сите вештачки поделби, ако сме единствени околу тоа што нѐ обединува, а тоа е Република Северна Македонија да биде дом на нашата младина, земја со европски стандарди и вредности, тогаш мораме да си веруваме, да се почитуваме, меѓу нас внатре и надвор со нашите соседи, да се вложиме несебично и да се запрашаме – не само што може државата да направи за нас, туку, што можеме ние да направиме за државата за да ѝ помогнеме да биде земја пример“, посочува собранискиот спикер.

Во периодот кој следи, вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ вели дека треба мудро да се искористи наклонетоста која што земјата ја има кај европските институции, геополитичките случувања и доброто ниво на подготовка на земјата за побрзо да напредува во процесот на евроинтеграциите. „Сето ова ми дава реален оптимизам дека 2023 ќе биде уште подинамична, но и поуспешна. Очекувам, во позитивна атмосфера, со заеднички консензус и обединување околу евроинтеграциите, да ги направиме и уставните измени“, вели Маричиќ.

Ова е прашање кое ќе го одреди правецот на движење на државата и европската перспектива. „Очекувам сите да преземат одговорност за судбината на европскиот пат на Северна Македонија и место домашна блокада, Северна Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ“, вели вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ.

Реформа на умот

На прагот на Новата 2023 година, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во честитката до граѓаните посакува таа да биде посреќна, помирна и побериќетна.

„Што ни останува за идната 2023 година? Реформа на умот! Тоа е она што зависи само од нас и што, секако, имаме потенцијал да го постигнеме. Од најбаналните работи до најкомплексните. Да не седнуваме на волан ако сме консумирале алкохол или без поговор да ја почитуваме максимално дозволената брзина на патот, притоа размислувајќи со подеднаква грижа и за своето, но и за другите деца како учесници во сообраќајот. Или, да не нудиме пари за нешто што е обврска на системот да ни го обезбеди, а доколку некој ни побара, тоа веднаш да го пријавиме во полиција. Доколку сте сведоци на криминално дејствие, пријавете го во најбрз можен рок, затоа што доколку тоа не го сторите, токму вие може да станете следната жртва. И такви примери има безброј“, вели Спасовски.