1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државен удар и општествена шлаканица

15 декември 2022

Добрата вест е што немаме ербап армија за воени и принцови за државни удари. А сепак, ако потрезвено размислиме, Будимпешта и не е толку далеку. Пишува Арсом Зеколи

https://p.dw.com/p/4Kxet
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Планираниот црн ден за државата неочекувано стана светол час на демократијата на Германија. Тоа е сумираниот пресек од шокантните наслови за планираниот државен удар во Сојузна Република Германија, објавени во утринските часови на 7 декември 2022. Настан кој како куриозитет, според намерата и локацијата, секако заслужуваше должно медиумско и читателско внимание. Кое и го доби. За разлика од далеку поинтересните за анализирање пост-фестум реакции и одеци кои уследија како далеку попоучни отколку самиот чин на планирање на државниот удар. 

Имено, она што се случи по објавата на драматичната вест ме принуди во еден миг да си помислам: Бреј, од кога тоа Германците станаа Англичани, сосе емблематичната вкочанета горна усна (stiff upper lip)? Велам Англичани бидејќу севкупното поведение на медиумите и особено општеството во Германија беше речиси пресликана од фамозниот британски военодопски постер Остани Спокоен и Терај Понатаму (Keep Calm and Carry On). Во сиот океан на вознемирувачки, драматични, алармантни поводи за загрижувачка анализа, неочекувано - и за мене воодушевувачки - веста на денот не беше самиот обид, туку апсолутно беспрекорната, за секоја почит вредна и примерна реакција на институциите, на јавноста и пред сѐ на граѓаните. Велам воодушевувачка, бидејќи гледано од аналитичко гледиште, таа реакција е поиндикативна за состојбата на демократијата во Германија и континентот отколку мизерните авантуристички замисли на грст воспалени авантуристи. Токму затоа, постер-момчето на пропаднатиот државен удар не е комично забеганиот Принц, туку просечниот Германец и неговата цврста верба и доверба во системот.

Гледано во ретроспектива, ова е вториот обид за државен удар во некоја од западноевропските држави по Втората светска војна. По оној на неславниот потполковички мустаклија Алехандро Техеро, кој во име на Цивилната гарда и Армадата упадна во парламентот на Шпанија и среде директен телевизиски пренос испали неколку куршуми пред запрепастените пратеници и збунетата јавност. Државниот удар од 23 февруари 1981 година беше последниот обид на франкизмот да го запре прогресот и триумфалниот миг на кралот Хуан Карлос и младата шпанска трагедија. Оттогаш, на континентот ќе се случат уште неколку неуспешни обиди за државен удар: во Романија во 1984 година, Грузија во 1991, Турција во 2007 и 2016 година, Русија во 1991, Црна Гора во 2016, Австрија во 2017, Македонија во 2017 и Украина во 2022 година. Сепак, со исклучок на оние во Австрија и Германија, сите обиди зад себе оставија неисполнети цели и длабоко растревожени општества, политички сцени и чувство на несигурност. Некаде и со драматични крвави последици, како во Украина. 

Без потресување

Вечерта по утринската објава, на една од регионалните телевизии го следев балканскиот дописник како низ насмевка и позитивен сеир коментираше дека „продавниците се полни, улиците живи, пивниците весели, а саемот во полна пареа, небаре ништо се нема случено”. Љубопитен за реакциите, контактирав роднина во Германија, кој по кус, лежерно-блазиран опис на состојбите, ми пререче „што толку се потресувам”. На крај, неславниот обид на музејскиот Принцне заслужи барем една Фејсбук-објава од Германската амбасада во Скопје. Онака, колку за смирување на гастарбајтерштината пред портите им. 

Полиција Рација Франкфурт
Германската полиција го приведува принцот Хајнрих 13 во ФранкфуртФотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Сѐ на сѐ, планираниот државен удар наместо да зададе барем шлаканица, на крај се покажа како причина за манифестација на германските институции, систем и општество во речиси беспрекорна светлина и пример како треба да реагира една сериозна држава и средено општество. Тоа е она што е лесно видливо и логично како заклучок. А сепак, позади таа површина се кријат и некои други, можеби уште позначајни индикатори за тивката промена која се случува како во Германија, така и во Европа и ширум западната хемисфера. 

Радикализам без деструкција 

Комплетната претстава за таа промена е можна единствено доколку настанот во Германија се стави во контекстуален мозаик на тектонски длабоки и веќе површно видливи еволуции на општествата. Манифестирани низ изборните резултати на конгресните избори во САД, слабеењето на примамливоста на Трампизмот во Америка, падот на последниот Брегзит-фан Борис Џонсон и подемот на лабуристите во Британија, неочекувано солидната победа на Емануел Макрон во Франција, подеднакво како и онаа на Роберт Голоб во Словенија. Низ кабинтетите на премиерите и претседателите веќе нема трпение и места за разни параексперти од типот на Доминик Камингс, Стив Бенон, Келиан Конвеј. И редица други изборни резултати и политички рокади кои со право наведуваат кон заклучокот дека ерата на екстремот полека бледнее. Отстапувајќи пред реставрацијата на новоизградениот центризам на рационалност без ексцес и радикализам без деструкција. 

Велам, радикализам без деструкција бидејќи причините кои доведоа до подемот на екстремизмот во европските политики секако немаат исчезнато преку ноќ, ниту пак се скршени до степен на невозможен камбек во некоја сѐ уште блиска иднина. Она што е сепак евидентно е дека адутот на колоритност, вревливост, шокантност и провокативност станува сѐ понеатрактивен за гласачите, заморени од перпетуалната состојба на страв, депресија, анксиозност и гнев без понуден ефективен лек за маките и предизвиците. Навистина, успаниот дедо Џо Бајден е здодевен на Твитер ТВ, но е поубедлив во нудење одржливи решенија и нови работни места од тирадите на гневниот, но суштински неспособниот Доналд Трамп. Новиот канцелар Олаф Шолц успеа со лик и вокабулар да биде уште посив од Ангела Меркел, но со далеку порешителен однос кон проблемите од деценискиот статичен меркелизам. Емануел Макрон сѐ уште ја нема убедено Европа дека тој е човекот кој треба да ја предводи, но во Фрација е прифатен како нужно предвидливо зло, поприфатливо од лавиринтите на Ле Пен и сезонските бунтовници за еднократна употреба. 

Тивката еволуција од екстремот кон центарот е можеби последното од трите разочарувања на Путин во однос на Западот генерално и Европа особено. Доколку првото разочарување се манифестираше низ брзопотезната и сѐ уште солидно одржлива солидарност на Европа и Америка со Украина и санкциите против Русија, втората со сепак изненадувачки вештото справување со енергенсите и одбивањето на руските уцени, третото изненадување - долгорочно можеби и најзначајното изненадување - е реакцијата на општествата кон екстремните политики во сопствените земји поддржани од Москва. Дури и неочекувано тврдиот став на Џорџа Мелони, новата премиерка на Италија кон Русија и поддршката за Украина е секако индикатор кој го потврдува правилото дека апетитот за divide et impera стратегиите на Путин е сѐ помал ширум континентот. А со тоа и убедливоста на манипулативните доктрини со експлоатација на внатрешните политички, социјални, расни, религиски, цивилизациски, етнички, културни точки на триење, несогласување и политичко-идеолошки борби и кавги. Што секако не подразбира дека таквите точки на триење се исчезнати или паднати во втор, трет план и надвор од вниманието на западните општества и гласачки тела. Тоа само значи дека општествата разбрале дека за нив е поупатно да се дискутира, полемизира и најде решение без притоа да се побараат и уште помалку прифатат „добрите услуги” на потпалувачите на омразата од Кремљ. 

Каква е поуката за нас? 

Има ли во тој (не)славен настан во Германија некаква поука и за нас? Одговорот е позитивен во суштина и релативен во амбалажа. Првата поука е дека досегашниот наратив за „системот е виновен, треба да се смени системот” полека бледнее во очите на гласачите, кои по долго чекање и сиот интерес сепак не добија конкретна, алтернативна, полезно одржлива алтернатива на системот. Заморот од политички стратегии базирани врз брутална атака на сите сетила преку катадневни, секојдневни скандали не само што не предизвикува мобилизација, туку поттикнува на внатрешен азил, на бегство во сѐ помалите оази на нормалност лишени од катастрофални, катаклизмички, кататонично ужасни проблеми безмилосно лиферувани од „јавноста”. За кои наместо решенија, истата „јавност” нуди уште повеќе гнев, повеќе пизма и повеќе причини за вртење грб кон нив. 

Наместо поттик, се поттикнува апатија. Наместо бунтовност, се инсталира чувство на безизлезност. Накусо, нашата несреќа, нашата неспособност, нашата коруптивност, нашата сиромаштија и нашата несреќа веќе не е вест, не е скандал, не е новост и не е мотив за следење и причина за револт. Власта, чинам, го има разбрано тоа и дава сѐ од себе за преку имитации на позитивност и успешност да ја дотолчи спремноста или барем желбата на општеството да им поверува ним или си даде шанса себеси. Опозицијата, сѐ уште верува дека треба само да се продолжи со скандалите денешни за низ иглени уши да се протнат до власта низ заборав за сопствените минати црнила и убедливи потврди дека со ништо немаат докажано оти нема да бидат ниту како овие денес и уште помалку како тие самите до вчера. Среде таква состојба, добрата вест е што немаме ербап армија за воени и принцови за државни удари. А сепак, ако потрезвено размислиме, Будимпешта и не е толку далеку. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема