1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двеипол години затвор за Борис Бекер

ЖА / агенции
29 април 2022

Црн ден за поранешниот светски тениски ас, Борис Бекер. Во Лондон е осуден на двеипол годишна затворска казна поради кривични дела поврзани со банкрот

https://p.dw.com/p/4AdWB
London Boris Becker erscheint vor Southwark Crown Court
Фотографија: Frank Augstein/AP/picture alliance

Длабок пад на една германска спортска икона: Борис Бекер го доживеа неговиот досега најголем пораз и мора да оди во затвор. Нему му останува можноста да ја обжали пресудата која денеска ја изрече судијката Дебора Тејлор во Лондон, но тоа не го одлага извршувањето на казната - тој мора да замине диретно од судницата зад решетки. Во случај на добро поведение, ќе треба да одлежи најмалку 15 месеци.

Пред три недели (8.04.2022) судската порота го прогласи Борис Бекер за виновен по четири од првичните 24 обвиненија – за одлагање на неликвидноста, сокривање имот и долгови. Поконкретно, станува збор за хартии од вредност, за шестцифрени трансфери на пари на име на неговите бивши сопруги Барбара и Лили Бекер, за сопственост на родителската куќа во која живее неговата мајка Елвира, а која исто така е под хипотека. Станува збор за кредит во висина од 825.000 евра, односно, во постапката за несолвентност е докажано прикривање на преку еден милион евра. За останатите точки од обвинението Борис Бекер беше ослободен.

Во јуни 2017 година стечаен суд во Лондон го прогласи Борис Бекер, бившата тениска ѕвезда, за несолвентен поради неподмирени долгови. Во тоа време долговите на Бекер беа проценети на околу 60 милиони евра.

Boris Becker Wimbledon 1985
Борис Бекер во неговите „златни времиња“ - Вимблдон 1985 годинаФотографија: picture-alliance/Augenklick/Foto Rauchensteiner

Бекер и неговиот адвокат во текот на судењето сугерираа слика на човек кој загубил сметка околу својот имот и трошоците. Обвинителството тоа го отфрли со аргументација – Бекер свесно ја одолговлекувал неликвидноста и го прикривал имотот. 54-годишникот изјави дека тешко го погодила неговата неможност да ги плати долговите, бил „шокиран“ и  „посрамен“.​​​​​​​

Судијката Дебора Тејлор, која исто така претседава со судиите во предметот против основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, се смета за прилично строга. 

Во текот на процесот во повеќе наврати таа истакна дека Бекер во Минхен во 2002 година веќе бил осуден на двегодишна казна затвор и парична казна од 500.000 евра за затајување данок од околу 1,7 милиони евра, и за влакно избегнал затвор. 

Борис Бекер, шесткратен освојувач на Гренд слем и татко на пет деца, повеќе пати имал правни тешкотии поврзани со пари. Шпанското правосудство го имаше на мета поради долгови во врска со неговата вила во Мајорка, а швајцарскот правосудство поради наводно неплаќање на свештеникот кој го венчал во 2009 година. Во текот на својата кариера трикратниот победник на тенискиот турнир Вимблдон инаку собра околу 25 милиони долари од награди и по сопствена проценка уште толку заработил од реклами, но сепак потона во финансиски проблеми.