1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Дигитализацијата на матичните книги како швајцарско сирење

ДТЗ
20 јули 2023

Министерот за внатрешни работи, Спасовски смета дека нема масовна злоупотреба на податоци. Но, супервизијата утврдила низа неправилности при дигитализацијата на матичните книги. Течат рокови за нивно отстранување.

https://p.dw.com/p/4UCbM
матични книги
Дигитализацијата на матичните книги на поправен тестФотографија: P. Stojanovski/DW

Управата за водење на матични книги (УВМК) во најкус можен рок мора да ги отстрани слабостите во нивното работење, по укажувањата на антикорупционерите за можни злоупотреби на личните податоци на граѓаните. По алармот кој што бил вклучен пред неколку месеци, извршена е супервизија од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци по што се дадени конкретни забелешки и рокови до кога мора да се отстранат слабостите при обработката на личните податоци во процесот на дигитализација на матичните книги кои се чуваат во хартиена или електронска форма. Антикорупционерите изнесоа сомнеж дека е можна злоупотреба на личните податоци на граѓаните при дигитализацијата на матичните книги, но мистерија е колкав број на податоци биле изложени на ризик. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, смета дека нема масовна злоупотреба на лични податоци, ниту пак таква тенденција.

Кои податоци се под ризик? 

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на седница отворила сериозни сомнежи за трговија со милиони лични податоци на македонските граѓани. Како што објави деновиве „Мета“, случајот се однесува на дигитализацијата на матичните книги, со податоци за умрени, родени и венчани, спроведуван преку Управата за водење на матичните книги.

Според антикорупционерите, во две тендерски постапки кои биле спроведени, не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста, односно личните податоци на граѓаните при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката на личните податоци од страна на компанијата која што ја спроведувала дигитализацијата на матичните книги. 

Помош за случајот пред неколку месеци била побарана од Агенцијата за заштита на личните податоци, која што извршила супервизија во УВМК, со цел да се провери кој сè имал пристап до скенираните документи за лични податоци, како тие биле чувани и дали биле заштитени. 

документи
Супервизијата утврдила низа неправилности при дигитализацијата на матичните книги.Течат рокови за нивно отстранување. Фотографија: picture alliance/dpa/Patrick Pleul

Сериозни пропусти 

Агенцијата утврдила дека има сериозни пропусти при дигитализацијата на матичните книги. „Во периодот од декември 2022 година до април 2023 година спроведена е вонредна супервизија во Управата за водење на матичните книги, по поднесена иницијатива од страна на Државната комисија за спречување корупција“, велат од Агенцијата за заштита на личните податоци за ДВ. 

При супервизијата бил проверен степенот на воспоставениот систем за заштита на личните податоци, како и применувањето на техничките и организациски мерки за обезбедување на безбедност на обработката на личните податоци при процесите на дигитализација на матичните книги кои се чуваат во хартиена или електронска форма. 

„За извршената вонредна супервизија составен е записник и донесено е решение со корективни мерки за отстранување на констатираните повреди на прописите на заштита на личните податоци, односно дадени се конкретни рокови за отстранување на тие повреди“, додаваат од Агенцијата. 

Па така, Управата има обврска за секој преземен чекор да извести и да достави доказ дека се надминати слабостите во нивното работење. За дел од повредите Управата веќе има доставено докази до Агенцијата за нивно отстранување. По потреба, можно е да се спроведе и контролна супервизија по истекот на роковите. 

Јавната набавка за дигитализација на матичните книги била спорна и за Управата за финансиска полиција која поднела кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал.

Оливер Спасовски
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, смета дека нема масовна злоупотреба на лични податоци, ниту пак таква тенденцијаФотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Нема масовна злоупотреба на податоци“ 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, смета дека нема масовна злоупотреба на лични податоци, ниту пак таква тенденција. Тој при посетата на СВР Битола во четвртокот (19.07) рече дека сите институции кои постапуваат со тој тип податоци постојат посебни правила и процедури. 

За да се спречи злоупотребата на личните податоци треба да се работи многу повеќе на подигање на јавната свест, но и на репресивниот елемент. „Ние и досега сме имале постапување по предмети коишто значат злоупотреба на лични податоци. Не може да стане збор за некакво масовно злоупотребување податоци или, пак, тенденција на некакво зголемување. Дополнително е познато дека постои посебна Агенција за заштита на податоци и тука за сите институции коишто постапуваат со личните податоци има посебни правила, прописи, процедури на основа на коишто се постапува“, вели министерот.

Најголемиот дел на злоупотребата на личните податоци, тој смета дека е преку порталите и социјалните мрежи. „Затоа треба да се работи многу повеќе во делот на подигање на јавната свест, меѓутоа и репресивниот елемент. Така што, тие предмети што ги работиме, ако имаат завршница во судот, тоа ќе влијае и на другите лица коишто злоупотребуваат лични податоци, а од друга страна мора да се работи на подигањето на јавната свест на граѓаните, тие мора да бидат запознаени дека не можат да се злоупотребуваат личните податоци на кој било“, рече Спасовски.