Депресијата и анксиозноста се` поприсутни меѓу младите
4 мај 2023Пандемијата остави сериозни последици врз здравјето на младите. Долгата социјална изолација, затворањето на училиштата, прекинот во дневните рутини, несигурноста, грижата за здравјето и добросостојбата на членовите од семејството и блиските луѓе, се одразија врз менталното здравје на адолесцентите. Се поголема е бројката на млади кои се жалат на депресија и анксиозност. Ова го покажуваат студиите за менталното здравје на младите на УНИЦЕФ и Универзитетската клиника за психијатрија, чија презентација се одржа во Скопје.
Секој трет адолесцент се жали на депресија
Секој трет адолесцент во истражувањето изјавил дека има симптоми на депресија по пандемијата, а 42 отсто се изјасниле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност. Повеќе од половина од испитаниците имале проблеми, но не побарале помош. Шестпати е поголема веројатноста девојчињата да пријават симптоми на депресија во споредба со момчињата.
Студиите покажуваат и дека повеќе од 54 отсто од младите мајки, кои пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденчето што е клучен фактор за здравјето и развојот на детето, но, исто така и за менталното здравје и благосостојба на мајката.
Стигма
УНИЦЕФ во средата (03.05.) ги претстави клучните резултати од програмите за ментално здравје на децата и адолесцентите, како и главните наоди од двете истражувања за менталното здравје, први од таков вид во земјата, што се спроведени со финансиска поддршка од УСАИД и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија. Истражувањата се спроведени во средината на 2022 година.
Надлежните укажуваат дека е потребно системското зајакнување на поддршката на менталното здравје на децата и нивните семејства, зголемување на инвестициите во услугите за ментално здравје и психо-социјална поддршка, соодветен пристап кон менталното здравје во училиштата и во заедницата и промена на јавниот дискурс за да се намали стигмата поврзана со менталното здравје.
Менталното здравје е глобално прашање. Над 1 милијарда луѓе, според Светската здравствена организација (СЗО), се соочуваат со проблеми поврзани со менталното здравје, додека пак УНИЦЕФ проценува дека 1 од 7 деца и млади луѓе ширум светот имаат одредени проблеми со менталната здравствена состојба.