1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Декларацијата од Дубровник и оружјето од Балканот

Драган Максимовиќ
10 октомври 2024

Од самитот Украина-Југоисточна Европа произлезе Декларацијата од Дубровник, со која се осудува руската инвазија и се изразува поддршка за Украина. Беше отворено и прашањето за оружје од Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/4lcSI
Дубровник украинскиот претседател Володимир Зеленски и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ (д.) во име на Хрватска потпиша билатерален договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски за стручна помош, како помош за ветераните, деминирање, мирна реинтеграција во поствоениот период и во областа на судската обработка на воените злосторстваФотографија: Damir Sencar/AP Photo/picture alliance

Третиот самит на лидерите од Украина и Југоисточна Европа во Дубровник го донесе украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и челниците од регионот кои дадоа поддршка за Украина. За финалниот документ се преговараше, се бараа услови кои ќе обезбедат потпис од сите лидери, а најгласен меѓу нив беше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој побара документот да не содржи ништо поврзано со санкции против Русија. На крајот, тоа резултираше со Дубровничка декларација, со која ѝ се дава поддршка на Украина во војната со Русија, која трае повеќе од две години.

„Поминаа речиси илјада дена од почетокот на руската воена инвазија во Украина. Најостро ја осудуваме оваа неиспровоцирана, неоправдана и незаконска руска освојувачка војна против Украина... злосторството против украинскиот народ, очигледното кршење на меѓународното право... и големата закана за мирот и безбедноста на Југоисточна Европа, целиот европски континент и светот“, се наведува, меѓу другото, во декларацијата.

Сепак, во позадина има многу проблеми во односите околу ова прашање, особено во Хрватска, чии лидери имаат дијаметрално спротивни ставови.

На Пленковиќ му беше потребен „Украина Компакт 2“

„На Пленковиќ му беше важно Зеленски да дојде во Хрватска за да потпишат нешто налик на Украина Компакт (документ потпишан од 23 земји во Вашингтон со безрезервна поддршка за Украина, н.з.), бидејќи Пленковиќ има проблеми со прорускиот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој систематски ја попречува поддршката на Хрватска за Украина“, вели за ДВ аналитичарот од Загреб, Давор Џенеро.

Учесниците на самитот во Дубровник
Учесниците на самитот за Украина во Дубровник, меѓу кои и македонскиот премиер МицкоскиФотографија: AP Photo/picture alliance

Самитот во Дубровник се одржа во време на жесток политички судир меѓу Милановиќ и Пленковиќ во врска со Украина, откако Милановиќ не му даде согласност на Министерството за одбрана да испрати офицери во мисијата на НАТО за обука на украински војници во Германија. Од овие причини Милановиќ не беше ни поканет да присуствува на Самитот во Дубровник, што дополнително ги комплицира односите.

„НАТО досега формално-правно не беше во Украина. Сега одлучи тоа да се случи. И велам, слободно. Но, сѐ додека сум јас претседател на Хрватска, нема да ја потпишам согласноста (за офицери, н.з.)“, изјави Милановиќ само ден претходно, на лидерскиот самит Брдо-Бриони во Тиват.

Што се однесува до самата декларација, во текстот се наведува и дека поддршката на учесниците за украинската независност, суверенитет и територијален интегритет во рамки на меѓународно признатите граници останува и натаму „апсолутна“. Отворањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Украина беше поздравено, а нејзината енергетска стабилноста нагласена како клучна точка. Третиот самит се вртеше околу економската и воена помош за Украина.

„Хрватска ја понуди својата стручност во областа на помош за ветераните, деминирање, мирна реинтеграција во поствоениот период и во областа на судската обработка на воените злосторства“, рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој во име на Хрватска потпиша билатерален договор со Зеленски, во кој се дефинирани овие прашања.

Дуброовник самит за Украина
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ (во средина), побара документот да не содржи ништо поврзано со санкции против РусијаФотографија: AP Photo/picture alliance

Поддршка вон рамките

„Ви благодарам што сте против настојувањата на Русија да го дестабилизира и овој регион“, рече Зеленски, нагласувајќи дека сите го делат истиот интерес во обидот да се ослабне позицијата на Русија. „За жал, денес во Украина гледаме како изгледа модерното војување и знаеме колку е важно секоја земја, секоја нација да има технолошки напредно оружје. Преку оваа војна Украина ги зацврсти своите капацитети и одбранбените капацитети во смисла на производството на оружје“, посочи Зеленски.

Оружјето е нешто за што Украина е заинтересирана во БиХ и Србија. Не е тајна дека Зеленски претходно повикуваше на заедничко производство на оружје со земјите од Западен Балкан. Причините се практични и од нив профитираат БиХ и Србија.

Артилериската муниција што ја користи Украина главно се заснова на принципите и стандардите што ги користи и Русија, односно „остатоци“ од советското наследство, што ја зголемува побарувачката од овие две балкански земји.

Податокот дека компании од БиХ во последните три месеци извезле опрема и вооружување во вредност од 100 милиони марки, зборува за рушење на рекорд и потврда за барањата на Украина. Компаниите од БиХ се конкуренти на пазарот токму поради видот на оружјето, но и поради глобалната побарувачка.

Воениот коментатор Ѓуро Козар вели дека овој бизнис сега е добро етаблиран и дека во тој синџир на играта на смртта, сите добро заработуваат. „Од Западен Балкан, преку посредници, во Украина и во израелската војна се користи оружје и воена опрема со потекло од БиХ и Србија. Оружјето и муницијата од овие земји се барани бидејќи имаат и руско потекло, така што одлично се вклопуваат во украинските потреби“, вели Козар.

Американците се најголеми купувачи

Според извештајот на Организацијата за Југоисточна и Источна Европа за контрола на малокалибарско и лесно оружје од пред три години, се наведува дека Србија е водечки извозник на оружје и муниција во регионот, со профит од над милијарда евра. Зад неа е Босна и Херцеговина, чиј удел во вкупниот извоз од регионот изнесува речиси една третина од целото оружје и муниција. Според податоците на надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, најголеми купувачи се Американците, а потоа следат Србија, Турција, Словачка и Бугарија.

Меѓутоа, целиот овој систем на игра на воено-политичко криенка овозможува заобиколување на правилата. Во БиХ и Србија постојат закони со кои се ограничува продажба на оружје во воени зони. Тука на сцената стапуваат компании посредници или држави кои директно купуваат оружје, по што го дистрибуираат во Украина. Според статистичките податоци, најголем купувач на оружје од БиХ се САД, додека Србија тргува и преку Чешка и Турција.

„Сосема е сигурно дека во интерес на Украина е да продолжи испораката на она што тешко се наоѓа на пазарот. Пред сè, артилериска муниција што е направена според руски, а не според стандарди на НАТО, што освен од овие две земји не е лесно да се најде на пазарот“, заклучува Џенеро.