1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто не ги славиме децата-херои?

12 мај 2023

Со медиумско и општествено валоризирање на добрите примери, чекор по чекор може да се менува сликата за тоа кои се вистинските херои од нашата улица, училиште, општина.

https://p.dw.com/p/4RFSc
Македонските ученици по дојавите за поставени бомби (на фотографијата се прикажани ученици од скопско училиште при евакуација по дојава за бомба), сега се соочени со нови стравови
Македонските ученици по дојавите за поставени бомби (на фотографијата се прикажани ученици од скопско училиште при евакуација по дојава за бомба), сега се соочени со нови стравовиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Родители се вознемирени, а дел од учениците се плашат да одат на настава, откако во изминативе денови доаѓаа информации дека „малолетник со нож дошол во училиште“ или дека „средношколец на социјална мрежа споделил порака дека со пушка ќе дојде во училиште“. Стравот отиде дотаму, што директор на средно училиште вчера упатуваше смирувачка порака до родителите.

„Ситуацијата ја држиме под контрола, и апелирам до родителите совесно, мирно да ги пуштат децата на училиште и дека се ќе биде во најдобар ред“, изјави тој, пред школска табла испишана со матемачки формули.

Во моментов најголемиот проблем е како да ја најде најсоодветната „формула“ со која ваквите настани нема дополнително да влијаат врз психата на учениците. Ако се знае дека убиства како оние во Белград и околината на Младеновац може да резултираат со ефект на „копикет“ (инспирација за копирање на злосторства) или со закани за тоа, како што веќе се случува со целиот регион, тогаш примарна задача на надлежните институции е да работат за создавање атмосфера и акција за превенирање на такви индиции. Односно, тежиштето да биде ставено на сузбивање на изворот и инспирацијата за насилство, а не само реакција на нивната манифестација.

Во спротивно, тенка ќе биде линијата што ќе не дели меѓу превенирање и акомодирање на проблемот.

Во оваа ситуација од огромна важност, можеби и најважна, е улогата на медиумите. Бидејќи, не е исто дали вестите за ученик кој дошол со нож или се заканил со пушка е прва вест, со сензационалистички тон, или информација ослободена од елементи на сензационализам чиј ефект може да биде паника, иако полицијата веќе постапува по тие случаи. Исто така, известувања кои се воздржуваат од пренесување детали од убиствата во Белград и Младеновац (за крик на жртви, плач на семејства), е еден од начините да се спречи несвесна интернализација на насилството и неговите „ефекти“ на друг, во случајов на наш, домашен терен.

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Фотографија: Privat

Примерот од Тетово  

Оттука, во (ре)продуцирање на општествена реалност од големо значење е на кои и какви вести ќе им се даде предност. Зошто на пример, веста дека осум средношколци од Тетово го реновирале детското одделение во тетовската болница не заслужи да биде ударна вест? Во време кога голем дел од објектите во јавното здравство изгледаат како однесени од поплава, кога во буџетите редовно недостигаат средства за реновирање, кога здравството главно се крепи на странски донации на медицински апарати, зарем чинот на осумте ученици не заслужи насловна страница и прајм тајм?

Во време кога голем број млади не знаат како да го искористат слободното време освен да дремат на социјалните мрежи, овие волонтери од економското и медицинското училиште во Тетово, вклучени во Проект за хумани вредности при Црвен крст, преку повеќе едукативни активности собирале донации и со нив направија нешто што не го направија возрасните. Бојадисале три соби во детското одделение, ги илустрираа со ликови од цртани филмови, ги бојадисале ходниците, собата за чекање, амбулантата, собата за ехо-прегледи, обезбедиле нови постелнинии, неколку инхалатори и ваги. И не се единствени што прават такво нешто. Тие се само една од четири групи волонтери, кои исто така прават неверојатни нешта: едната помагала во реноврање на куќа на семејство со социјален ризик, другата веќе обезбедила апарати за кислород за болни деца, третата го помага Дневниот центар за деца со посебни потреби. Сигурно има уште многу ученици кои со слични активности помагаат во локалните заедници, но за жал, малку или воопшто не се предмет на медиумски и општествен интерес.

Или, зошто не е меѓу првите вести онаа дека македонски учесници се вратија од 40-тата Балканска математичка олимпијада во Анталија со шест медали - златен, сребрен и четири бронзени. Зарем тоа не е одличен пример кој треба да го видат учениците, во време кога земјава и натаму има недоволни резултати во однос на ПИСА-тестовите?

Јасно е дека по случаите во Србија не може да се очекува коперникански пресврт во излезот од атмосферата на страв за безбедноста на учениците. Но со промена во пристапот, со медиумско и општествено валоризирање на добрите примери, чекор по чекор може да почне да се менува сликата за тоа кои се вистинските херои од нашата улица/училиште/општина. Тоа е тежок и одговорен, но најсигурен пат за општеството да стигне до вредносната „кота“, каде насилното однесување или нож во ранецот никако нема да бидат „препорака“ за јавно внимание.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема