1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата најлесен плен за трговците со луѓе во Македонија

ДТЗ
30 јули 2024

Околу 70% од жртвите во Северна Македонија се токму деца. Просечната возраст на децата жртви е 15 години - најчесто станува збор за девојчиња кои се подложени и на сексуална и на трудова експлоатација.

https://p.dw.com/p/4iu2D
Symbolbild Kindesmisshandlung Bestrafung
Фотографија: picture alliance/dpa/P. Pleul

Децата се најчести жртви во мрежата на трговците со луѓе. И покрај тоа што децата-жртви на трговија со луѓе често остануваат неоткриени и непријавени, податоците од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, што опфаќаат две децении (2001-2021), покажуваат дека 70 отсто од жртвите во Северна Македонија се токму деца. Просечната возраст на децата жртви во земјата е 15 години. Најчесто станува збор за  девојчиња кои се подложени и на сексуална и на трудова експлоатација.

Оваа бројка значително го надминува глобалниот просек, според кој речиси една третина од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе се деца, укажуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, по повод Светскиот ден на борба против трговија со луѓе, кој оваа година е посветен на децата жртви на трговија со луѓе. 

трговија со деца
Најчести жртви се девојчињата на околу 15 годишна возраст, кои се подложени и на сексуална и на трудова експлоатацијаФотографија: Marco Ugarte/AP Photo/picture alliance

Предаторите демнат на социјалните мрежи

Ваквата алармантна распространетост која особено ги погодува младите девојки, го нагласува загрижувачкиот тренд што се влошува во дигиталната ера и употребата на социјалните мрежи, каде предаторите лесно ги намамуваат своите жртви.

Трговците со луѓе го искористија технолошкиот напредок за да оперираат во поголема тајност и да ја зголемат својата профитабилност. Националната подгрупа за борба против трговија со деца известува дека трговците со луѓе сè повеќе ги намамуваат децата со помош на технологијата, преку меѓународно организирани криминални групи и онлајн предатори.

Поради тоа, УНИЦЕФ повикува на поголеми инвестиции во превенција, заштита, прогон на сторителите и склучување партнерства за да се стави крај на трговијата со деца. 

предатори
Предаторите демнат на социјалните мрежиФотографија: Vernon Manlapaz

Зајакнување на системот на детска заштита

Сиромаштијата, дисфункционалните семејства и дискриминацијата ги ставаат децата во поголем ризик да станат жртви на трговија со луѓе. Ситуацијата дополнително се усложнува со слабото спроведување на законите за работни односи и за детска заштита. Поддршката и услугите за превенција мора да опфатат пристап до социјална заштита, здравство и образование за децата и нивните семејства, посочуваат од УНИЦЕФ.

Се препорачува да се зголемат инвестициите во службите за детска заштита и во зајакнување на системот за детска заштита за подобро справување со основните причини за трговија со деца. Потребно е и зајакнување на капацитетите за откривање и заштита на децата-жртви на трговија со луѓе, меѓу кои спаѓаат и децата „во ризик“ од трговија.

Отсуството на долгорочна помош и рехабилитација, како и преголемата зависност од сместување на децата во неадекватни шелтер-центри го зголемува ризикот од натамошна трауматизација и ревиктимизација. Според УНИЦЕФ, итно се потребни подобри механизми за идентификација и одржливи решенија за ранливите деца, како и дополнителни инвестиции со кои ќе се гарантира дека системот за детска заштита нуди соодветно старателство и други алтернативни форми на згрижување.

Се препорачува да се зголемат и капацитетите за децата да добијат пристап до правда, а сторителите кривично да се гонат. Потребни се инвестиции за спроведување на постоечките закони, каде што спаѓаат и постапките за истрага, складирање и зачувување на електронските докази. Ова налага континуирани инвестиции во градење капацитети на обвинителите, обвинителските одделенија, судството, специјалните полициски единици и другите релевантни стручни лица и практичари кои треба да се справат со новите предизвици што технологијата ги носи во експлоатацијата и злоупотребата на деца.

трговија до деца
Трговијата со деца може да се спречи, а на децата што преживеале злоупотреба мора да им се понуди заштита и пристап до правдаФотографија: picture alliance/dpa

Трговијата со деца може да се спречи

Соработката со граѓанскиот сектор, со децата кои преживеале злоупотреба и со групите предводени од поранешни жртви на трговија со луѓе преживеани, е исто така клучна за градење превентивни стратегии и системи за реагирање по мерка на децата и врз основа на информации за доживеаната траума.

„Потребна е прекугранична соработка и соработка со технолошки компании за да се осигура дека напорите се исто така насочени кон справување со новите ризици. За подигање на свеста околу опасностите од трговијата со луѓе, од суштинско значење е да се работи со заедниците и децата и адолесцентите во ризик, како на пример, да се споделат практични информации за тоа како да се пријават инциденти и да се побара помош. Трговијата со деца може да се спречи, а на децата што преживеале злоупотреба мора да им се понуди заштита и пристап до правда“, посочуваат од УНИЦЕФ.

Децата жртви на трговија со луѓе доживуваат незамисливи ситуации и често се изложени на тешка експлоатација и злоупотреба. Неоткриени и незаштитени, тие се невидливи, лишени од грижа и поддршка, обесправени и пречесто заробени во мачен циклус на злоупотреба и експлоатација што продолжува дури и кога ќе станат возрасни.

Девет жртви на трговија со луѓе од кои осум женски и едно машко лице се евидентирани во 2022 година во Северна Македонија. Најголем број од нив, се деца - седум на возраст од 14 до 17 години. Според видот на експлоатацијата, во најголем број од случаите се идентификувани како присилен брак - шест лица, а две се идентификувани како сексуална експоатација од кои едниот случај е онлајн експлоатација. Лани три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација.

Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободите и безбедноста на секое општество. Северна Македонија и земјите во регионот често играат улога во секоја од фазите на трговијата со луѓе, како земја на потекло, транзит или дестинација. Надлежните посочуваат дека е потребна заедничка акција во која сите засегнати институции ќе се фокусираат на справување со мрежите на трговци со луѓе, во кои се заробени голем број деца.