1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Дали напад на болница е воено злосторство?

АРД
17 ноември 2023

Израел беше критикуван за нападот на болницата Ал-Шифа во Газа, а се редат и обвинувања дека е извршено тешко воено злосторство. Меѓутоа, според меѓународното право, дури и напад на болница не мора да биде тоа.

https://p.dw.com/p/4YuEW
Болницата Ал Шифа во Газа
Болницата Ал Шифа во ГазаФотографија: Doaa Rouqa/REUTERS

Сведоштвата од големиот болнички комплекс Ал Шифа во Газа се застрашувачки: израелски војници влегле во болничките простории среде ноќ, тенкови биле поставени во дворот на болницата, пациентите, лекарите и медицинскиот персонал сведочат за експлозии и куршуми како летаат над нивните глави. 

Според меѓународното право, воен напад врз болница е воено злосторство, дури и ако војниците од спротивната страна се лекуваат во болницата, а особено кога таму има цивили. Затоа акцијата на Израел беше најстрого осуденане само од многу земји, туку и од цела низа меѓународни организации, од СЗО до Црвениот крст.

Меѓутоа, професорот по кривично и меѓународно право на универзитетот „Фридрих Александер“ во Ерланген-Нирнберг и директор на Меѓународната академија на Нирнбершките принципи, Кристоф Саферинг објаснува дека тоа не е сосема едноставно:

„Во принцип, болниците, исто како училиштата или верските институции се цивилни објекти кои како такви не можат да бидат цел на воен напад. Но, оваа заштита заснована на меѓународното хуманитарно право не е апсолутна. И, во принцип, цивилните објекти можат да станат воени цели доколку имаат воена намена и ако борбата или нивното уништување претставува недвосмислена воена предност“, изјави професорот за АРД. 

претрес болница Газа
Упадот на израелските војници и претресот на болницата беше страшно искуство за невините цивили, но болницата може да го изгуби својот заштитен статус доколку се користи за воени целиФотографија: Israel Defense Forces/REUTERS

Болницата може да го изгуби својот заштитен статус

Во случајот со болницата Ал-Шифа, се слушаат сосема различни толкувања: од една страна, палестинското Министерство за здравство упорно тврди дека болницата немала апсолутно никаква воена намена, додека израелските сили тврдат дека болницата ја набљудувале цели пет дена и дека непрекинато од таму се пукало кон израелските војници - што повторно е неспоиво со цивилната функција на здравствена установа. Израел, исто така, тврди дека пред нападот објавил рок од 12 часа за да престанат ваквите непријателства, но тоа не се случило. Израел тврди и дека има документирано не само пукање и борби со припадниците на Хамас во областа на болницата, туку и дека е откриено оружје, воена опрема и командни и разузнавачки документи во областа на болницата. Хамас повторно ги негира сите овие обвинувања и тврди дека ништо од тоа не е точно. 

болница Газа
Израелската страна тврди дека во болницата немало само неколку пушки, туку таа активно се користела како воена база и командно-разузнавачки центар за терористите на ХамасФотографија: Israel Defense Forces/AP/picture alliance

Германскиот професор по меѓународно право предупредува дека неколку пушки и грст борци не се доволни за цела болница да го загуби својот заштитен статус, но и дека целиот команден процес мора добро да биде аргументиран и дека - во овој случај, израелската војска е должна постојано да ги одмерува можните загуби на цивили и колатералната штета според воената важност на уништувањето на непријателот кој ја злоупотребува болницата како заштита. До тој степен што воената операција мора да се прекине ако се покаже дека претпоставките за воена закана на непријателот од областа на болницата сепак не се точни. 

Воено злосторство, но на Хамас

Но, ако израелските тврдења се точни и ако Хамас навистина ја користел таа болница како упориште и засолниште за своите борци, тогаш израелската армија не извршила воено злосторство, туку таквата злоупотреба на цивили е јасно и огромно воено злосторство на самиот Хамас. 

„Тука доаѓаме до апстрактните правила на безбеден терен: земање заложници, нивно киднапирање, користење цивили за заштита на борците се целосно јасни воени злосторства. А, во оваа војна мора јасно да се согледа ситуацијата: израелската војска е демократска вооружена сила на една правна држава која се труди да се придржува до меѓународното хуманитарно право и која ги обучува своите војници за тоа. Противник е Хамас, терористичка организација која не само што не се грижи за меѓународното право, туку и врши воени злосторства земајќи заложници и користи цивили како заштита“, предупредува професорот Саферинг.

Кристоф Саферинг
Професорот Саферинг е убеден: дури и ако израелските војници на крајот прекршиле некои правила, тие ќе бидат кривично гонети и казнетиФотографија: Lérot

Тој е целосно убеден дека државата Израел, доколку има какво било прекршување на меѓународните прописи, ќе повика на одговорност и ќе ги гони или командата, командантот на поединечен одред или дури и поединечен израелски војник: во претходните конфликти што Израел мораше да ги води, имало такви случаи, а овие лица навистина биле казнети. 

Со Хамас е сосема поинаква приказната: дури и во претходните конфликти се виде дека тој воопшто не се двоуми намерно да ги постави своите воени упоришта во близина на болници, училишта, џамии и во густо населени цивилни области, така што нивното уништување ќе доведе до што е можно повеќе невини жртви. Но, ако загинат и тие борци и команданти, тие не се повикуваат на кривична одговорност, туку се прогласуваат за маченици.