1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураУкраина

Киев ги забрани рускиот јазик и култура во јавниот живот

Лилија Ржеутска
19 јули 2023

Во главниот град на Украина е забранета јавната употреба на културни производи на руски јазик. Активистите за човекови права предупредуваат дека таквите забрани може да имаат дискриминаторски ефект.

https://p.dw.com/p/4U7CX
Отсега уличните музичари во Киев нема да смеат да изведуваат песни на руски јазик
Отсега уличните музичари во Киев нема да смеат да изведуваат песни на руски јазикФотографија: Jae C. Hong/AP/picture alliance

„Рускиот јазик е јазикот на земјата агресор и за него нема место во срцето на нашиот главен град“, изјави заменик-претседателот на градскиот Комитет за образование, наука, млади и спорт, Вадим Василчук. Според него, забраната се однесува на книги, музика, театарски претстави, концерти, како и понуди од областа на културата и образованието. 

Неефикасно средство? 

Иницијативата ја покрена граѓанското движење „Одбивање“, кое од 2014 година се залага за забрана на сѐ што е руско во Украина, како и за бојкот на руската стока, филмови и музика. „Неопходна е забрана за производите на руски јазик. Тоа е дополнителен лост за активистите кои се борат за бојкот на сѐ што е руско, може да се каже: исклучете го, отстранете го рускиот од јавниот живот“, вели за ДВ Катерина Чепура, активистка од организацијата.

Во исто време, се покажува дека овој мораториум е неефикасен. „Тоа е повеќе морален фактор, кој ги охрабрува луѓето кои не сакаат веќе да ја трпат руската музика на улица или во театар“, смета Чепура.

Историјата на забраните на руските културни производи во Украина започна уште во септември 2019 година. Првата таква забрана беше издадена во градот и регионот на Лвов. Потоа истото го направија градовите Тернопил и Житомир, како и регионот Волинија.

Руски книги во книжарница во Киев
Руски книги во книжарница во Киев во јуни 2022 година: Ако не биле отстранети досега, со новата забрана дефинитивно ќе бидат тргнати од полицитеФотографија: Oleksandr Sawytsky/DW

Кршење на Уставот?

Володимир Јаворски од Украинскиот центар за граѓански слободи смета дека овие одлуки го кршат Уставот. „Тоа се незаконски одлуки, кои немаат правни последици. Имено, локалните власти немаат право да ги регулираат овие прашања и да воведуваат забрани, бидејќи се дискриминаторски“. Тој додава дека судството веќе го потврдило незаконскиот карактер на тие одлуки. Јаворски вели дека оној кој ќе го прекрши овој мораториум не може да биде изведен пред суд. „Сите тие одлуки на локалните власти се чисто политички чекор. Само Парламентот на Украина може да ја воведе таквата забрана на правно ниво, само тогаш таа е обврзувачка и прекршувањето може да предизвика правни последици“. 

Во јуни 2022 година Врховниот труд на Украина навистина ја забрани употребата на песни од руски уметници на јавниот простор. Но, тоа не беше целосна забрана. Ова не важи за руските пејачи кои ја осудуваат војната на Русија против Украина. Неодамна, украинскиот претседател Володимир Зеленски го укина законот за забрана на увоз и дистрибуција на руски книги, што Врховната Рада го донесе минатата година.

Во Украина секогаш одново има инциденти за време на јавната изведба на руска музика. Така стана позната кавгата меѓу еден седумнаесетгодишен уличен музичар од Одеса и заменичката на партијата „Голос“ Наталија Пипа.

На улица во Лвов, музичарот ги изведувал песните на Виктор Цој, пионер на рок музиката од советско време. Пратеничката се побунила, но младиот музичар почнал да пцуе и да инсистира на правото да ја изведува музиката што му се допаѓа. Но на крајот морал да сними видео во кое ѝ се извинува на пратеничката. Познат е и случајот од селото Погреби кај Киев. Девојка била исфрлена од кафуле затоа што се пожалила дека ја пуштаат музиката на рускиот уметник со грузиско потекло Григориј Лепс, кој ја поддржува војната на Русија против Украина. 

Уличен музичар во Лвов
Уличен музичар во ЛвовФотографија: Amien Essif

„Да не се биде одраз на агресорот...“ 

Украинската уметница и авторка Јевгенија Белорусец, која пишува на украински, руски и на германски јазик, смета дека забраната на рускиот јазик ќе доведе до конфликт во украинското општество. Таа смета дека забраните се дискриминаторски. „Сите овие забрани се мит за улогата на жртва на украинската култура, која има право да ги дискриминира другите форми на културно изразување. Културата на украински јазик многу добро знае што значи да се биде изложен на дискриминација. Затоа, надминувањето на таа траума не треба да доведе до нанесување слична болка на другите“. Таа ги повикува сите да не бидат „одраз на агресорот и да не ги проектираат агресивните намери на Русија врз внатрешната комплексна и повеќеслојна културна ситуација на Украина“.

Белорусец предупредува дека таквите забрани внесуваат раздор во украинското општество. „Во Украина е сè потешко да се зборува за тоа, бидејќи таквиот дискурс е жигосан како непријателски“, вели уметницата. Според нејзино мислење, иднината на демократска Украина лежи токму во фактот дека секој има свои права и комплексно минато. „Предизвикот е во тоа, да се дозволат поинакви погледи во општеството“, вели таа.