Џафери: Има време да се заменат документите до избори
6 март 2024Граѓаните имаат уште 50 дена до избори за да ги заменат старите документи со нови на кои стои името „Северна Македонија“, согласно Договорот од Преспа. Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека со сегашната динамика на издавање на документи во МВР, реално е да се очекува дека околу 100 илјади граѓани, за кои се претпоставува дека ги немаат заменето документите, ќе можат да ги обноват доколку навреме аплицираат за тоа. Тој се повика на податок на МВР, според кој само за еден месец, од 1 до 29 февруари се изготвени над 95 илјади пасоши со новото име на државата.
Динамика
„Од 1 до 29 февруари годинава во Министерството за внатрешни работи биле поднесени 123.873 барања за пасоши, од кои биле изготвени 95.267, што е показател за динамиката на работа. За еден месец се издадени над 95 илјади патни исправи“, изјави техничкиот премиер на прес-конференција во Владата.
Но, дилемата е дали документите коишто се издадени во февруари се однесуваат на барањата поднесени истиот месец, или се документи за коишто граѓаните аплицирале и се фотографиле во изминатите неколку месеци.
Исто така, голем проблем и е трупањето на готови документи во МВР, коишто не им се доставуваат на граѓаните, на што неодамна укажа Народниот правобранител. Во МВР деновиве беше најавена внатрешна истрага за да се утврди каде затаил системот.
Џафери повикувајќи се на статистиката на МВР, информираше и дека во текот на февруари биле поднесени 82.235 барања за лични карти, а изготвени се 71.410, како и барања за 46.280 возачки дозволи, а нови дозволи добиле 39.552 граѓани.
„Ако се има предвид дека има 50 дена до изборите, тие 100 илјади што се споменуваат дека немаат документи, во март можат сите да ги добијат потребните документи. Но, најважно е граѓаните да побараат замена на документите“, вели Џафери.
Одговорност и надлежност
Што ако се случи определен број граѓани да останат без важечки документи во пресрет на изборите? „Има време секој да побара замена на документите, а потоа е наша обврска да излеземе со соодветна одлука како да постапиме доколку има некој проблем. Јас не преферирам да зборувам хипотетички - што ќе сработам, ќе излезам и ќе кажам конкретно кој проблем сум го решил“, рече Џафери.
Тој порача дека надлежната институција (МВР) треба да ја заврши својата работа, а не да се правда за несработеното. Во однос на критките за неговата неодамнешна посета на Отсекот за управни работи Тетово, порача дека „ако е прв одговорен по хиерархија, тогаш е и прв надлежен да направи контрола на работата на институциите“.
Замената на старите документи со нови кои го содржат името „Северна Македонија“ создаде низа главоболки за граѓаните. По укажувањата дека голем број граѓани нема да успеат навреме да ги заменат документите пред пролетните избори, се наметна и дилемата дали тие ќе можат да гласаат со старите документи, на кои не им е истечен рокот.
За надминување на проблемот, Државната изборна комисија (ДИК) испрати предлог до Собранието во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи. Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, најави дека партијата ќе го поддржи предлогот граѓаните да можат да гласаат и со стари лични документи, на кои не им е истечен рокот на важност.