Човекот што го победи Мило Ѓукановиќ: Кој е Јаков Милатовиќ?
3 април 2023Германската новинска агенција ДПА пишува дека на претседателските избори во Црна Гора победил економистот Јаков Милатовиќ, кој е поддржан од просрпскиот табор.
„Милатовиќ е близок до Српската православна црква која е контролирана од Белград. Беше министер за економија во краткотрајната просрпска влада од декември 2020 до април 2021. По падот на оваа влада, тој и колеги ја основаа партијата 'Европа сега!', која се залага за влез на Црна Гора во ЕУ, но истовремено сака блиски односи со Србија“.
Прозападно ориентираниот Мило Ѓукановиќ, кој повеќе од три децении ја одредуваше политиката на земјата, со овој пораз ја губи последната функција. Пред повеќе од две години, неговата партија ДПС беше поразена на парламентарните избори од коалиција на просрпски и реформски партии.
Ѓукановиќ ја донесе поранешната југословенска република до независност во 2006 година, а во 2017 Црна Гора стана членка и на НАТО. Истовремено, неговото владеење често беше критикувано поради корупција и непотизам“, наведува ДПА во текстот кој го пренесуваат бројни германски медиуми.
Победи резервата Милатовиќ
Франкфуртер Рундшау пишува дека „за Милатовиќ, кој доцна се вклучи во политиката, на Запад воглавно малку се знае. Меѓудругото работел во Народната банка на Црна Гора, Дојче Банк и во Европската развојна банка во Букурешт. Премиерот Здравко Кривокапиќ го доведе непартискиот банкар во владата како министер за економија во 2020 година. Но таа коалиција издржа едвај една година. Но, популарноста на Милатовиќ порасна со даночната реформа која ја изработи заедно со тогашниот министер за финансии Милојко Спајиќ: со намалувањето на придонесите за социјално осигурување на просечната нето плата, платите се зголемија за речиси една третина. Критичарите го обвинуваа дека последиците од недоволното финансирање на системот на социјално осигурување на крајот ќе мора да ги сноси државата.
Но, кога двајцата бивши министри во 2022 го основаа движењето Европа сега!, тоа на локалните избори веднаш го освои советот на главниот град Подгорица. Европа сега најпрво го предложи партискиот лидер Спајиќ за претседателски кандидат, но откако тој се откажа поради српскиот пасош, во трката влезе Милатовиќ како резервен кандидат“, пишува Франкфуртер Руншдау.
Страв од влијанието на Србија, СПЦ и Кремљ
Во неделата заврши „возбудливиот претседателски натпревар во Црна Гора“, пишува австрискиот Стандард, оценувајќи дека политичката линија на новиот претседател Јаков Милатовиќ е „нејасна“.
„Неговата партија, Европа сега, која промовира популистички теми како зголемување на платите и поголем просперитет, беше основана минатата година, Милатовиќ рече дека тој ќе биде политичарот кој ќе ја воведе Црна Гора во ЕУ. Но, малку се знае за неговите геополитички намери. Не само во Црна Гора, туку и во ЕУ и САД, прозападните сили се загрижени дека Црна Гора под Милатовиќ би можела да се најде под засилено влијание на Србија, но индиректно и од Кремљ“.
Наведувајќи дека речиси една третина од црногорските граѓани се изјаснуваат како Срби, Стандард пишува дека „Милатовиќ никогаш не зазема јасен став за чувствителните прашања, а тоа се односите кон Србија и Русија и улогата на Српската православна црква“.
„Фактот дека го поддржуваат и шовинистичките етнички српски екстремисти како Воислав Шешељ загрижува некои набљудувачи“, пишува Стандард и ги споменува „стравувањата од влијанието на претседателот на Србија Александар Вучиќ, Кремљ и политички активната Српска православна црква, која последните години се почесто ги влече конците во Црна Гора, а против што со сите средства се бореа ДПС и Ѓукановиќ“.
Стандард наведува дека владата во заминување веќе ги ограничила овластувањата на претседателот, што го критикуваше и Венецијанската комисија. А за премиерот во заминување, Дритан Абазовиќ, Стандард пишува дека „се смета за политичар од лесна категорија кого Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама наголемо го инструментализирале“.