1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
18 мај 2023

Делото на Вајда не ми предизвика носталгија за минатото, за младоста, најмалку за тогашното едноумие. Она што го предизика е недоумицата зошто Полска е таму каде што е, а ние сме таму каде што Полска беше пред децении?

https://p.dw.com/p/4RX3C
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

„Убаво е да не се плашиш од ништо. Во зандана барем знаеш дека нема да можат да те уапсат” – Агњешка, „Човек од железо”

По речиси четириесет години од првото гледање, викендов на мојот телевизор повторно осамна „Човекот од железо” (1981) на полскиот режисер Анджеј Вајда. Согласно младоста, некогашните впечатоци за филмот – како и за претходниот дел „Човек од мермер” (1977) – беа одбележани од немање акција, немање напнатост и имање многу дијалози. Низ маглите на сеќавањето ги сочував единствено студениот амбиент и незапирливото чурење цигари на невротичната и брзозборечка новинарка Агњешка. Сѐ на сѐ, за тогашниот мој вкус двата филма беа премногу уметнички, премногу монотони и недоволно елоквентни во бунтовноста. Не попусто се вели дека младоста е подарок бесцелно даден на младите.

Постарите можеби се сеќаваат на темата на триологијата на Вајда, заокружена со „Човекот на надежта: Лех Валенса” (2013). Двете први дела се доку-драма првично инспирирана од судбината на советскиот ударник-работник Алексиј Стаханов (модел врз кој ќе се изгради и јусгословенскиот убер-ударник Алија Сиротановиќ), но подоцна посветена на бунтот на работниците во Полска и појавата на движењето Солидарност. Во првиот дел - херојот на работниците, ѕидарот Матеуш Биркут и неговиот пад во немилост на комунистичкит моќници. Во вториот дел, бунтот на Матеуш е продолжен од неговиот бунтовен син Мачеј, паралелно со подемот на Солидарност и првата согласност на полските комунисти за прифаќање дијалог со работниците. Драмата на семејствиото Биркут е заокружена со хепиенд венчавањето на Мачеј и Агњешка, со Лех Валенса  како сведок.

Нема веќе луѓе од мермер, а уште помалку од железо

Повторното гледање на „Човек од железо” (инаку Кански победник) за мене беше всушност повеќе премиера отколку реприза, во смисла на седимензионалното поимање на темата и пораката на филмот. Наместо навраќање во минатото на настанот и младоста на гледачот, филмот прерасна во актуелна аналогија на современоста која ја живееме, ние и овде. Трансгенерациската спона е толку моќна што ниту идеолошките дискрепанци помеѓу комунизмот од минатото и демократијата како сегашност не можат да наштетат на безвременскиот квалитет на делото на Вајда. Неговиот филм не е само критика на комунизмот, ниту е славење на демократијата. Филмот е едноставно уметнички потсетник за незапирливата, насушна, исконска борба за правда и еднаквост, слобода и почит, вистина и човечност, доброто и злото како нишка подолга од идеолошките ери и етапи на човештвото. Затоа, слободно може да се каже дека тој филм, снимен во полутајни услови, во далечната 1980 година, ја нуди можеби најпрецизната слика за нашата состојба денес.

Канцелариите на нашите пара-капиталистички комунистички моќници веќе не се обложени со ламперии од кои висат Маркс, Тито, Ленин. Пред нашите продавници нема веќе редови на чекање за месо, млеко, бензин. Нашите телевизиски програми не завршуваат на полноќ со национални химни или нежни звуци од ксилофони. Нема работници, нема ни работнички совети. Низ екраните не дефилираат едноумни моќници со педа широки вратоврски, темни очила и срп-чекан значки на ревери. Новинарите не пушат по редакции и не завршуваат на робија. Нема фолклор-фестивали со ансамбли од Новосибирск и гости кои со една тешка советска рака нѐ лупаат по рамо, а со друга нѐ заливаат со вотка за здравици „во име на работничката класа” кои не е домаќински да се одбијат. Генералите не се веќе чекор позади политичарите, а велат дека и полициските марици веќе не смрдеат на повраќаници, крв и плунка. Нема веќе луѓе од мермер, уште помалку од железо.

Сега полициските марици мирисаат на парфем

Сега е сѐ поинаку. Пуштени од ланецот на едноумието и тргнати ударнички ревносно кон незапирливи демократски промени без крај, поради кои наместо на 180, во духот на Сиротановиќ и Страханов завршивме на 360 степени ретро-промена. Во бегство од црвената партократија поминавме низ ант-бирократски револуции, европски интеграции, американски стабилократии и завршивме во нулта, статус-кво фаза на зерократија.

Канцелариите на нашите моќници сега трепкаат под неонски стерилни светла на ѕидови украсени со постмодернистички уметнички плунки закачени за да ја докажат авангардноста на тековниот потстатнар. Продавниците се полни, месото и бензинот се понедостапни. Безбројните телевизиски екрани зрачат бескрајно, но со сѐ помалку гледаност. Инфлуенсерите, старлетите и социјалните мрежи ги заменија работниците и синдикатите. Низ екрани дефилираат брборливи глави во борба за воздух помеѓу рецитали на напамет научени флоскули. Новинарите немаат редакции и се надеваат да завршат во партија. Нагости ни доаѓаат дипломати кои со една рака нѐ критикуваат за корупција, а со друга нудат амнестија за корупција во име на „позабрзани евроинтеграции”. Генералите клечат пред политичари за безбедносни сертификати како аусвајс за бркање работа во некоја организација. Полициските марици мирисаат на парфем салони благодарение на превозот на синовите и љубовниците на моќните, приведени од некое младо, од село доселено полицајче незапознато со скопските шеми на недопирливост и неказнивост. Современиот лик на денешницата е човекот од пиксели.

Делото на Вајда секако не ми предизвика носталгија за минатото, за младоста, најмалку за тогашното едноумие. Она што го предизика е недоумицата зошто Полска е таму каде што е, а ние сме таму каде што Полска беше пред децении? За земја во која сѐ уште низ екрани се вртат „Сутјеска”, „Неретва” и „Валтер го брани Сараево”, но нема публика за „Човек од мермер / железо”, упатно е да се запрашаме дали разликата е во тоа што Полска сакала да се менува. За разлика од Македонија, стокхолм-синдромски заробена во некаков разгалено перверзен Петар Пан-синдром на одбивање да се порасне, надрасне и одрасне. Ако веќе сме сите согласни дека нешто е гнило во оваа земја, зошто немаме капацитет и храброст да ја детектираме клетката на гнилоста од која гниеме одделно и заедно, засебно и колективно?

Еволутивноста на Полска и статичноста на Македонија

Полска не страдала помалку од нас. Напротив. Полска немала повеќе подршка од нас. Напротив. Полска нема позначајна гео-стратешка позиција од нас. Напротив. Полска немала попријатни соседи од нас. Напротив. Полска е етнички и религиозно похомогена од нас. Точно. Полска има подолга традиција на државен резон од нас. Точно. Полска е демографски, економски, воено далеку посилна од нас. Факт. Но сите про и контра аргументи паѓаат во вода пред еволутивноста на Полска (и источна Европа) и статичноста на Македонија во последните три децении на пост-комунизмот.

Најголемата и суштествено најбитна разлика помеѓу Македонија и Полска (и безмалку сите други источноевропски земји) е во решителноста на вторите да расчистат со комунистичкиот модус операнди и нашата итроманштина секоја промена да ја моделираме или вткаеме со комунизмот наследно шверцуван и прикриен во етничкиот кибуцен колективитет. Втората, не помалку битна разлика, е традиционалниот, несоборлив интелектуален дискурс на политичката и општествена сцена на Полска, за разлика од традиционалниот антиинтелектуален дух кој доминира во Македонија и е притоа поддржуван, хранет и фаворизиран од дипломатските кругови во земјата. Токму делата на Вајда во Полска во времето на комунизмот укажуваат на критичниот квалитет на антикомунизмот и моќта на интелектуалната средина. Македонија никогаш немала таков уметнички реагенс против комунизмот. Не поради недостатокот на критични умови, туку поради баналната просечност на публиката, во која и ден денес доминира менталната склопка на постмешливост кон „дрн-дрн филозофи”, надградена со поучност „не читај, ќе станеш будала” и комплетирана со „не соли памет”.

„Не е време за дрн-дрн филозофирање“

Треба ли да нѐ чуди што Македонија ја нема во регионалните, континенталните академски дијалози или интелектуални полемики? Нека ми простат однапред определени ликови кои ќе се затрчаат да ме побијат со нивните „маркузе репринт” публикации по специјализирани списанија или гостувања по фондациски конференции. Од Македонија никој не бара и не очекува мислење, бидејќи во Македонија концептот на интелектуална провокација е или диктиран од тесните „партија-нво-медиум” кланови, или пак сведена на помодарско имитирање на туѓи трендови. Нашата култура, нашето општество е дисциплинирано издресирано да ја третира провокацијата како закана, агресија и загрозување на поредокот на избраните и привилегираните, а не како поттик за промислување, интроспекција или индивидуалност. За земја која се двоумела околу сопствената слобода и независност, таквата состојба не е екцесна, туку е синдром, клетката на благопријатниот гнилеж на духовно чергарско живеење – во апартмани или колиби, сеедно.

Македонија ги преспа сите континентални големи пресврти. Чинам, месечарски се движи и низ тековните регионални турбуленции. За жал, за очекување е дека и последната можност за суштествена промена и пресврт - онаа за уставни измени и фаќање на евроинтеграциските процеси - ќе биде искористена не за промени на размислувањето, туку за уште една „не е сега време за дрн-дрн филозофирање” рунда на погубно морализирање без ефект врз општеството и државата. Затоа, попусти се заплашувањата „ако не влеземе во ЕУ” и „ако влеземе во ЕУ”. Доволно сме сите престрашени кукавици и без заплашувањата од власта и опозицијата. Поупатно би било да се обидат со провокации, да нѐ испровицираат надвор од дупката во која самите нѐ имаат втерано. А можеби е наивно да се очекува некоја асална провокација од храбри политичари изгласани од кукавици.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи