1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Честит Божик!

7 јануари 2024

Православните верници кои се водат според Јулијанскиот календар денеска го слават Божик.

https://p.dw.com/p/4avdg
Православен Божик
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Во своето послание по повод големиот празник, Христовото раѓање - Божик, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, побара проштевање и надминување на поделбите. Во посланието на поглаварот на МПЦ-ОА, меѓу другото, се вели:

„И денес гледаме страшни поделби во светот. Изгледа како омразата да царува, а љубовта да згаснува. Се чини дека човештвото никогаш не било толку поделено и спротивставено. Братоубиствените војни леат реки од невина крв, која не е различна од онаа на витлеемските младенци. Поделби гледаме и внатре во Црквата. Православието никогаш не доживеало толкава подвоеност и внатрешно неединство.

За жал, поделбите на различни основи не ја одминуваат ниту нашата македонска земја. А духовното и национално единство ни е попотребно од било кога, за да можеме како Црква и како народ да опстоиме и да зачуваме сѐ што е наше – македонско. Па се поставува прашањето: што можеме да направиме тука ние како Црква? Можеме да го направиме токму тоа за што сме повикани – да се обединиме и да се обединуваме, онака како што некогаш се обединија луѓето и ангелите пред Витлеемската пештера... Токму во името на мирот и на добрата волја, во средината на 2022 година се збидна и прифаќањето во канонско единство и признавањето на автокефалниот статус на нашата Света Црква, со што таа повторно беше вброена помеѓу помесните православни цркви. Таа подадена рака во името на љубовта, даде можност да се надмине повеќегодишната поделба на православните христијани во нашата Македонска Црква, да си простиме и меѓусебно да се измириме, та, еве, сега повторно заедно да му се радуваме на овогодишниов Божик.“

По повод Божик, честитка до сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, упати македонскиот претседател Стево Пендаровски.

„Годинава Божиќ се празнува во време на голема неизвесност, страв и човечки страдања предизвикани од војни, кризи и социјални неправди. Предизвиците не ги одминуваат ниту македонските граѓани, особено најранливите меѓу нас. Како заедница на верните, Црквата е повикана активно да учествува во обновата на надежта. Со солидарност кон ранливите, со заложби за социјална правда, со личен интегритет, со почит кон различните, Црквата и верниците можат да придонесат кон обновата на довербата и добрината во нашата заедничка македонска татковина. Нека Христовото раѓање биде поттик за секој од нас, да ја следиме Божиќната порака: 'Мир на земјата, а меѓу луѓето добра волја'“, се вели во честитката на претседателот Стево Пендаровски.