1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Бунтот на Пригожин и иднината на Сергеј Шојгу

Роман Гончаренко | Маркиан Остапчук
28 јуни 2023

Вооружениот бунт на групата „Вагнер“ заврши. Неизвесна е судбината на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Зошто претседателот Путин молчи за ова? И што значи ова за војната во Украина?

https://p.dw.com/p/4T9fC
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу
Рускиот министер за одбрана, Сергеј ШојгуФотографија: Russian Defence Ministry/AP/picture alliance

Сергеј Шојгу се врати на телевизиските екрани. За време на вооружениот бунт на приватната армија „Вагнер“ насочен против него лично од и ден потоа, рускиот министер за одбрана не се појави во јавноста. Руските медиуми во понеделникот (26 јуни, 2023) покажаа снимки од него - наводно наутро во воената зона во Украина и вечерта на состанокот на безбедносните власти со претседателот Владимир Путин. Сергеј Шојгу до денес нема дадено изјава за бунтот.

Експерт: Обвинувањата се насочени и против Путин

„Тој ги следи своите инстинкти“, вели професорот Брајан Тејлор, експерт за Русија од Универзитетот Сиракуза во Њујорк. „Кога беше министер за справување со катастрофи, сакаше да се појавува на местото на несреќите. Нагласуваше дека тој е надлежниот и влеваше доверба кај луѓето. Сега кога станува збор за катастрофа за која самиот е одговорен, тој не сака да излезе во јавноста. Но, зад сцената тој работи со Путин и со другите за да ја зацврсти својата позиција“, вели Тејлор за ДВ.

Конфликтот меѓу Евгениј Пригожин, шеф и основач на групата „Вагнер“, и раководството на Министерството за одбрана се градеше со месеци. Пригожин првично ги обвини Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов за недостатокот на муниција во борбите околу Бахмут. Прес-службата на Министерството за одбрана го отфрли ова и Шојгу не се вклучи во расправија.

Сепак, Пригожин критикуваше не само како се води борбата и по која цена, туку и како Кремљ ја оправдува војната, со сè поостри зборови. Тејлор вели дека обвинувањата против Шојгу и Герасимов „до одреден степен имаат право и дека војната оди многу лошо за Русија“. Но, многу од наводите на Пригожин експлицитно  го „засегаат и Владимир Путин“, кој ја нападна Украина под измислени изговори.

Евгениј Пригожин во Ростов на Дон (24 јуни 2023 година)
Евгениј Пригожин во Ростов на Дон (24 јуни 2023 година)Фотографија: Press service of "Concord"/REUTERS

Зошто Путин не може веднаш да го отпушти Шојгу

Рускиот претседател мора да одлучи дали ќе го разреши Шојгу или ќе го задржи на функцијата. Професор Тејлор забележува дека голем дел од она што министерот за одбрана им го кажал на своите претпоставени за новата армија „испадна како невистинито, па би било логично Шојгу да замине“. Но, овие невистини беа очигледни пред една година, веднаш по инвазијата врз Украина. Експертот потсетува дека Шојгу е цивилен министер за одбрана. Војската е одговорна за неуспесите на различни нивоа. Сепак, претседателот мора да одговара за стратешки погрешните проценки и неостварените цели, како што е промената на власта во Украина. Но, Путин не може веднаш да го отфрли Шојгу, бидејќи тоа би било знак на слабост. Притоа, објаснува Тејлор, би му попуштил на Пригожин, кого го обвини за предавство. Фабијан Буркхарт, експерт за Русија од Универзитетот во Регенсбург, исто така, смета дека тоа би бил „јасен сигнал за слабост“ доколку Путин го тргне Шојгу веднаш по востанието на Пригожин. „Дури и ако сега е јасно дека Шојгу е исклучително непопуларен во армијата, сепак може да има добри аргументи за да се почека и да се ослободи подоцна“, вели Буркхард за ДВ.

Познато е дека Путин не ги отпушта луѓето кои ги смета за свои. Особено поради фактот што Шојгу е посебен случај, како што покажува неговата биографија.

Повеќе од министер...

68-годишниот Шојгу потекнува од богато семејство во советската номенклатура. Неговиот татко бил секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз во денешна руска република Тува. По обуката како градежен инженер, Шојгу брзо направил кариера. Уште како млад човек раководел со големи градежни проекти. Во последните години на Советскиот Сојуз, тој се преселил во Москва, каде што ја основал и раководел државната служба за брза помош. Кога стана Министерство за управување со катастрофи, Шојгу беше на чело на службата речиси 20 години. Во доцните 1990-ти, тој важеше за најпопуларен руски министер, а на изборите за Државната дума ја предводеше тогаш новата про-Кремљ партија „Единство“ - претходник на денешната партија „Единствена Русија“.

Како Евгениј Пригожин стана милијардер?

Во 2012 година, веднаш откако Путин се врати од премиерската функција на претседателската функција, Шојгу најпрво стана гувернер на Московската област. Само неколку месеци подоцна беше назначен за министер за одбрана и почна со реформи. Руската армија набрзо, меѓу другото, се врати на советската практика на неочекувани проверки на борбената готовност. На изборите во 2021 година, Шојгу исто така беше на првото место на листата на неговата партија.

...но, не и наследник на Путин

Во пролетта и во есента 2021 година, непосредно пред Русија да распореди војници на границите со Украина, претседателот и министерот за одбрана се повлекоа во тајгата. Фотографиите од овој период го нагласуваат посебниот однос меѓу Путин и Шојгу, за кој веќе се говори како за можен наследник на Путин.

За Брајан Тејлор, сепак, тоа е малку веројатно. Тој нагласува дека „целата логика на високо персонализираниот систем на Путин не предвидува алтернатива, ниту наследник“. Тој гледа две причини за ова. Прво, Шојгу е речиси стар колку Путин и новиот претседател мора да дојде од помладата генерација. Второ, „Потенцијалот на Шојгу да стане руски претседател е исто така ограничен од фактот дека тој не е етнички Русин“, рече експертот. Во оваа смисла, Шојгу е „многу сигурен министер за одбрана и човек од доверба на Путин, кој е почитуван и омилен“.

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу и претседателот Владимир Путин во Тува (2021 година)
Министерот за одбрана Сергеј Шојгу и претседателот Владимир Путин во Тува (2021 година)Фотографија: Alexei Druzhinin/Kremlin/ZUMA Wire/imago images

Детал од биографијата на Шојгу му дава емотивна нота на неговиот конфликт со Евгениј Пригожин. Во раните 1980-ти, Шојгу раководел со градежна компанија во Сибир, каде, според него, под негова команда биле повеќе од 10.000 затвореници. И 40 години подоцна, „Групата Вагнер“, која денес вклучува многу поранешни затвореници, меѓу нив го и самиот Пригожин, започна вооружен бунт за да го собори Шојгу од функцијата.

Како ситуацијата околу Шојгу ќе влијае на војната во Украина?

На Путин му претстои тешка одлука, смета Тејлор. Разрешување на Шојгу би било знак на слабост. Одржувањето на функцијата може дополнително да го поттикне незадоволството во армијата од раководството на Министерството за одбрана. Во секој случај, експертот за Русија, Тејлор не би бил изненаден доколку Путин за неколку недели го смени министерот за одбрана - и најде некоја друга почесна функција за Шојгу.

„Во секој случај, Украина може да има корист од последиците од вооружениот бунт на „'Вагнер'“, смета експертот. Одговорот на руската армија на украинската контраофанзива може да биде помалку организиран и да биде намален моралот. Но, борбите, според Тејлор, продолжиле и за време на бунтот, така што не се очекува колапс на фронтот на руска страна.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема