Бундесверот почна да евакуира германски државјани од Судан
24 април 2023Во Берлин денеска (24.04) слета првиот авион со лица евакуирани од Судан. Во Ербасот А321 имало 101 лице, јави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на извор запознат со ситуацијата.
Бундесверот започна со евакуација од Судан во текот на вчерашниот ден. Досега, како што се вели, од таа африканска земја се вкупно изнесени 313 лица. Портпарол на Бундесверот за агенцијата АФП изјави дека од Судан се изнесуваат „и германски државјани и припадници на други нации“. Евакуираните прво со воени летала од типот А400М се префрлаат во Јордан, а оттаму потоа продолжуваат за Германија.
Во Судан повеќе од една недела се водат борби помеѓу армијата и паравоената милиција РСФ. Претходно пропадна договорот за интегрирање на РСФ во вооружените сили на земјата. Со оглед на ескалацијата на насилството во Картум, во кое досега загинаа над 420 луѓе, а повредени се над 3700 лица, Германија и многу други земји започнаа операции за евакуација на своите државјани од Судан.