Бугарските клубови во Битола и Охрид бараат помош од Софија
21 декември 2022Бугарските клубови во Битола и Охрид бараат помош од Софија. Тие се жалат на систематско кршење на правото на слободно изразување и етничко самоопределување на бугарските граѓани во Република Северна Македонија и побарале сериозно следење и поактивна помош од бугарската држава и бугарските европратеници во Брисел. Како што јавуваат бугарските медиуми, собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство веќе ги сослушала претставниците на бугарските културни центри во Охрид, Битола и Прилеп.
Во Собраниската комисија за политики за Бугарите во странство биле сослушани претставниците на клубовите „Цар Борис Трети“ од Охрид, „Иван Михајлов“ од Битола и здружението „Југ“ од Прилеп.
Претседателот на Комисијата за политики на Бугарите во странство, Костадин Костадинов, изјави дека подготвил писмо до бугарскиот технички премиер Галаб Донев и дека бара средба со него. Заменик-претседателката на комисијата, пак, Елисавета Белобрадова од „Демократска Бугарија“ најавува дека ќе се подготви детален извештај на оваа тема кој ќе биде доставен до Европската Унија.
Поплаки
Според бугарското радио „Дарик“, претседателот на Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, Томе Блажески, првпат јавно проговорил за притисоците и заканите кои ги добивал по отворањето на клубот. Блажески изјавил дека за ниту еден од нападите на клубот се уште никој не е уапсен. Благој Шаторов од Центарот за култура „Иван Михајлов“ од Битола додал дека се што е различно од македонското е проблем. Костадинов инсистирал на поддршка на сонародниците во РСМ од целата бугарска дипломатска и административна структура, како и преземање административни мерки против евентуални идни непријателски дејствија.
Сослушувањето следи откако претседателот на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола минатата недела беше повикан на сослушување во битолскиот суд, каде што е осомничен за ширење расизам и ксенофобични дејствија на социјалните мрежи. Љупчо Ѓоргиевски изјави дека не очекувал оти превирањата околу отворањето на бугарски клубови во земјата ќе добијат ваков тек.
Клубовите во најскоро време ќе треба да ги променат имињата, откако македонското Собрание донесе одлука со која се отвара вратата за нивно згаснување доколку за три месеци не ги променат спорните називи. Роковите истекуваат, а клубовите се` уште немаат поднесено барање за промена на името до Централен регистар. Ѓоргиевски најави дека не планираат да ги променат имињата на клубовите и дека ќе ги искористат сите правни алатки за да ги остварат правата. Изминативе неколку месеци бугарските клубови во Битола и во Охрид предизвикаа незадоволство и критики во јавноста, по што беа иницирани и законски измени со коишто се ограничи нивната понатамошна регистрација.