1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Божиќ во време на војна на европскиот Исток

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
19 декември 2022

Додека ги гледаме (и покрај енергетската криза!) уште раскошно украсените улици во европските метрополи, брзо забораваме дека во украинските градови владее мрак по секој ракетен напад. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4L9pX
Украина Киев војна елка
Божик во војна - новогодишна елка во центарот на КиевФотографија: Vladyslav Musiienko/REUTERS

Годината 2022, која започна со руската агресија врз Украина, завршува во Германија со прогласувањето на „Карловатa награда на градот Ахен“ (Karlspreis der Stadt Aachen) за 2023-та за украинскиот народ и за украинскиот претседател, Володомир Зеленски. Meѓународната награда се доделува од 1950-та на личности од јавниот и политичкиот живот за особени заслуги за Европа и за европското обединување. Таа го носи името на кралот Карло Велики, чија престолнина бил градот Ахен. Комитетот за наградата му оддава признание на украинскиот народ, предводен од претседателот Зеленски, во борбата против агресивниот руски напад врз украинската сувереност.  Наградата е знак на солидарност  со украинскиот народ. Таа е поддршка за украинскиот народ во борбата за слобода, која е и борба за заштитата на човековите права и европските вредности, се вели во образложението.

Партнерство меѓу два града

Неодамна градот Ахен се збратими со украинскиот град Чернигов, што е, исто така, симболичен акт на солидарност со историјата и со географската положба на Украина како мост меѓу Западот и Истокот на Европа. Не случајно е избран токму овој најстар град на некогашната Киевска Рус, центарот на источнословенското племе на Северјаните, за партнерството со древниот град Ахен, престолнината на некогашните Франки во каролинското кралство. Двата града доживеале историска слава, но често биле и жртва на империјални борби и окупации. За да се надминат империјалните војни, во Ахен по Втората светска војна се обликуваше свеста за европското обединување и помирувањето меѓу Германија и Франција. Карловата награда традиционално свечено се врачува на празникот Вознесение Христово (Спасовден), кој во 2023-та е на 18 мај. Дали тоа ќе биде возможно, засега е неизвесно, затоа што логиката на војната е непредвидлива. Смее ли во ова скудно време да се сонува за идна награда на градот Чернигов за особена заслуга во  помирувањето меѓу Русите и Украинците,  по углед на наградата на градот Ахен? За да биде воопшто возможна таква мировна визија, треба најнапред да заврши војната во Украина. Освен тоа, Русија треба да прифати дека  Украинците не се Руси,  туку самостојна нација. А тоа, за жал, денес е очигледно тешко замисливо за многу Руси.

Украина Русија војна
Потресни слики од воените уништувања во Украина Фотографија: ALEXANDER ERMOCHENKO/REUTERS

Војна меѓу два христијански народи

Во очи на големиот празник на Христовото раѓање, во време на војна во Европа, се прогласува наградата која треба да се додели на празникот Вознесение Христово. Меѓу нив е времето на велигденскиот пост и празникот на празниците, Велигден. Христијаните, особено оние кои христијанството не го разбираат само како народен обичај, би требало веднаш да согледаат дека сите војни, но особено војната меѓу два христијански народа, како рускиот и украинскиот, темелно и‘ противречи на пораката на мирот која ја донесе во светот Христовото раѓање: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!” Кога оваа порака на 24-ти и 25-ти декември ќе ја изговараат во црквите во Украина и во целиот свет христијаните кои го слават Христовото раѓање по новиот црковен календар, православните руски христијани би требало да ги прекинат воените напади, барем во чест на Божиќ.

-повеќе од авторката: Во потрага по загубениот мирис

Во Првата светска војна, за Божиќ, барем за миг замирале бомбите на фронтот. Иако руските православни христијани Божиќ ќе го слават во јануари 2023-та, ќе се потсетат ли руските властодршци и црковни великодостојници и на 24-ти декември, кој е вистинскиот „Цар на мирот“, кој се раѓа како незаштитено дете? Христовата порака на мирот зрачи постојано во мракот. Не само во древното време пред 2022-години во Витлеем, туку и во модерното време. Особено кога тоа се преобразува во сурово време на војна. Витлеем е таму каде што светлината, благоста на пораката на мирот на Христовото раѓање ги преобразува не само срцата, туку и постапките на луѓето.Затоа во ова трагично време радоста за претстоечките празници на Христовото раѓање не смее да ја заборави и тагата на секој мирољубив човек, но, во особена мера, на секој христијанин,  поради војната во која досега на двете завојувани страни умреа многу луѓе. Од грижа за финансиската и енергетска криза често забораваме дека причината за сето тоа е  една империјална војна  во нашиот модерен свет. Небаре човештвото уште да се наоѓа во предмодерното време. Додека ги гледаме (и покрај енергетската криза!) уште раскошно украсените улици во европските метрополи, брзо забораваме дека  во украинските градови владее мрак по секој ракетен напад.

Мрачниот дух на Средниот век“

Може ли да се живее во спокој во скудно време, додека на друго место во Европа се војува?  Се‘ до постјугословенските војни не верував дека еден ден ќе си го поставам ова прашање. Сета Европа, сепак, живееше спокојно, додека во непосредна близина, на Балканот, се војуваше. Ваквите времиња навистина наликуваат на Ничеовата изрека за „вечното враќање на истото”- на војните. Но, без  пораката на мирот на Божиќ,  човештвото не би сознало дека посилна од мракот на злото, на војните е кревката светлина од Витлеемските јасли. Таа ја разобличува пропагандата која империјалната војна ја оправдува како „религиозна војна“, како „метафизичка борба“ на доброто и злото, како што се обидува да ја прикаже агресијата врз Украина рускиот патријарх. Источните христијани во Средниот век беа жртви на Крстоносните војни кои започнаа со пропагандата за „светиот поход” против неверниците, додека тие, во суштина, беа империјални војни. Сите ние, луѓето на модерниот дигитален свет во кој ни се достапни сите информации, сознаваме соочени со „хибридната војна” и со теориите на заговор, дека „мрачниот дух на Средниот век“ не е неминовно поврзан со древните минати времиња, туку дека тој е таму каде што пропагандата ги замрачува умовите дури и на модерните луѓе.

-повеќе од авторката: Наследената траума од минатото – што паметат Македонците, што забораваaт Бугарите

Затоа, да се подготвуваме за Божиќ за мене денес значи да се бдее врз мирот, како што еднаш истакна филозофот Теодор В. Адорно по лудилото на Втората светска војна. Да се памети дека, додека ние имаме среќа да го славиме Божиќ во своите топли домови, на друго место, други луѓе, други христијани, Бадник ќе го слават во урнатините, во подррумите, во бункерите. Да се бдее врз мирот значи да се разобличува цинизмот на маловерните, кои не веруваат дека мирот е возможен, дека мирот што мистично зрачи во најтивката ноќ во годината на Бадник, може да го промени светот. Притоа мирот, кој Христовото раѓање го донесе во светот би бил возможен во секој миг. Зашто кога тие што ја пропагираат војната навистина би го поседувале духот на Божиќ, тие воопшто не би започнале војна. „Блажени се миротворците, затоа што тие ќе се наречат синови Божји”, не‘ поучува Евангелието.

 

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.