1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ и конфликтот на Блискиот Исток: Важно е да се определиш

Норберт Мапес-Нидик
31 октомври 2023

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика поделби во многу општества. Исклучок не е ниту БиХ, која и онака е веќе до крајна мера поларизирана. Таму дискусијата се користи за внатрешнополитички судири.

https://p.dw.com/p/4YEt2
Република Српска Бања Лука
Бања Лука, 8.10.2023Фотографија: President of the RS Milorad Dodik/X

Секој кој тензичната светска ситуација ја објаснува како нов конфликт меѓу Истокот и Западот, веројатно во моментов зачудено ги следи настаните во Босна и Херцеговина. И луѓето излезени на вечерна прошетка во Бања Лука на топлиот 8 октомври беа зачудени кога ја видоа „Палатата на Република Српска“ осветлена во боите на Израел, со голема Давидова ѕвезда во средината.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој штотуку се беше вратил од Анкара, демонстративно се солидаризираше со Израел ден по терористичкиот напад на Хамас. „Српскиот народ и израелскиот народ се тесно поврзани со заедничка историја на страдање“, рече тој, алудирајќи на Втората светска војна, кога Србите и Евреите беа подложени на геноцид од страна на усташкиот режим.

И надворешнополитички против Сараево

Од друга страна, во Сараево, каде по војната во 1990-тите, најмоќните поддржувачи на Израел, Соединетите Американски Држави, беа перципирани како ослободители, преовладуваше солидарност со опколената Газа. „Знаеме што значи кога нема вода, кога нема што да се јаде, кога се убиваат деца“, рече градоначалничката Бенјамина Кариќ на палестинскиот собир, повлекувајќи паралела со српската опсада на нејзиниот град од 1992 до 1995 година.

Она што луѓето во Бања Лука го видоа на својата Палата на Републиката беше проекција - и буквално и фигуративно. Од терористичкиот напад на Хамас и израелската реакција, изјавите на политичарите полни со емпатија кон Израелците или Палестинците и националните интереси на сопствената етничка група, се измешани до непрепознатливост.

Пропалестински собир во Сараево Босна и Херцеговина
Пропалестински собир во Сараево на 22 октомври 2023 годинаФотографија: Stringer/AA/picture alliance

Контроверзите околу Блискиот Исток му даваат на Додик - кој вообичаено е цврсто на страната на поддржувачот на Хамас, Владимир Путин од Москва - можност да ги обвини омразените структури на власта во главниот град Сараево за антисемитизам. Згора на тоа, тоа овозможува зајакнување на сојузништвото со Хрватите од ХДЗ, кои исто така го критикуваат Сараево. За многу Бошњаци, пак, кои и без верски врски се доживуваат себеси како дел од „муслиманската културна сфера“, реакциите на вестите од Израел откриваат сè поприсутно отуѓување од глобалниот Запад.

Обид за смирување на страстите

Најпогодените се обидуваат да ја смират ситуацијата. Јакоб Финци, лидер на малата еврејска заедница во Сараево, избегнува да дава поларизирачки изјави, но истовремено предупредува на растечкиот антисемитизам и го критикува „отсуството на реакција на властите“. На средбата со градоначалникот и претседавачот на Претседателството, Жељко Комшиќ, претставниците на Евреите се обврзаа на „заедничка борба против антисемитизмот и исламофобијата“.

Сепак, како мерка на претпазливост, Евреите поради безбедносни причини го откажаа концертот планиран за следната среда во спомен на „Кристалната ноќ“ и погромот во Германија во 1938 година. На последниот попис на населението во 2013 година, само 281 лице во целата земја се изјасниле како Евреи. Бројот на Евреите во поширока смисла се проценува на 1.000 до 1.100 лица.

Дел од учесниците на пропалестински собир во Сараево
Дел од учесниците на пропалестинскиот собир во Сараево, 22.10.2023Фотографија: Armin Durgut/AP/picture alliance

Муслиманските организации исто така се фокусираат на тоа да не се долева масло на огнот. Исламската заедница соопшти дека „неправдата што Палестинците ја трпат со децении“ не може „да го оправда тероризмот, исто како што нападите врз израелските цивили не можат да го оправдаат прогонот на палестинските цивили“. Советот на бошњачките интелектуалци се осврна на „петвековната заедничка судбина на муслиманите и Евреите во Босна“ и вети дека ќе ја „штити честа на Евреите“. „Терористичките акции на муслиманските воени и паравоени формации“, како што се вели, „немаат никаква врска со исламот“.

Локални интереси

Изјавите на локалните власти често се засноваат на настојување да се одржи еднаква дистанца со двете страни. Градоначалникот на етнички поделениот град Мостар, Марио Кордиќ, умерен Хрват, повика на „солидарност со сите жртви на војната“ и увери дека собири во корист на едната страна во војната на Блискиот Исток „нема да бидат охрабрувани или поддржувани“.

Поддршка за Израел во Мостар
Поддршка за Израел во МостарФотографија: Sveučilište u Mostaru

Од друга страна, поедностраните ставови помалку може да се објаснат со грижата за мирот или односот кон Блискиот Исток, а повеќе со соодветните интереси во внатребосанската борба за моќ. Драган Човиќ, лидер на ХДЗ и антагонист на бошњачкото мнозинство во својот дел од државата, „Федерацијата“, и неговата партиска колешка, новата шефица на владата на БиХ, Борјана Кришто, покажаа изразито произраелска ориентација.

Во исто време, актуелниот шеф на државата, етничкиот Хрват, Комшиќ, дури и го изрази своето разбирање за Хамас, а нивните убиства и киднапирања од почетокот на октомври ги протолкува како „чин на очајик кој гледа излез во тероризирање на цивили". На негодувањето на израелската амбасадорка Галит Пелег, Комшиќ одговори невообичаено грубо и рече дека само „злонамерен или изманипулиран идиот“ може да го протолкува толку погрешно. Иако е хрватски претставник во тричленото државно претседателство, Комшиќ претежно има поддршка од бошњачкиот електорат.

Поддршка за Хамас од редовите на СДА

Од редовите на најсилната, но од неодамна опозициска бошњачка национална партија СДА, исто така повремено доаѓаат хушкачки изјави.

Членот на Претседателството, Харис Захирагиќ, кој уште пред последната ескалација се истакна со своите радикални, силно антизападни изјави, изјави дека „отпорот во окупирана земја под апартхејд“, односно Палестина, „не може да биде тероризам“.

Шериф Патковиќ, истакнат локален партиски политичар со минато на водач на „муслиманска бригада“ во војната во Босна, дури и се понуди како борец за Хамас: „Во одреден момент“, вели тој, „би се ставил на располагање.”

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема