1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Борец од Азовскиот полк: „Или заробеништво или смрт“

Тамара Киптенко
17 септември 2022

Богдан бил во руско заробеништво. За ДВ раскажува за борбите околу Мариупол и условите во бункерот во тамошната челичарница. Ослободен е во рамки на размена на заробеници, но по опоравувањето сака да се врати на фронтот.

https://p.dw.com/p/4GyqM
Богдан, украински борец од полкот Азов
Богдан, украински борец од полкот АзовФотографија: DW

Ноќта на 24 февруари гледал филм со еден пријател. Во пет часот утрото ги разбудил еден другар: „Момци, спремајте се, војна е!“

21-годишниот Богдан, со прекар „Будимпешта“, е борец од украинскиот полк Азов. Вели дека на почетокот не сакал да верува, но добил куп пораки на мобилниот телефон за ракетни напади врз Киев, Харков, Житомир и други градови. Мажите веднаш биле испратени во Мариупол, пристанишен град на Азовско Море, каде се наоѓа големата Азовска челичарница.

Репортерката на Дојче веле се сретна со Богдан на 1 септември во Киев, а интервјуто го организираше прес-службата на Азов. Богдан верува дека комуникацијата со јавноста е една од ретките работи кои може да ги направи за да им помогне на своите другари, кои сѐ уште се во руско заробеништво. Изјавите на Богдан Дојче веле не можеше да ги провери од независни извори.

Тој самиот, вели е ослободен на 29 јуни, во рамките на најголемата размена на заробеници меѓу Русија и Украина од почетокот на војната. Во Украина во таа прилика се вратиле 144 затвореници, вклучително и 95 бранители на челичарницата и 43 борци на Азовскиот полк.

На интервјуто, Богдан се појави во црна маица со симбол познат како „црно сонце“, кој во 1930-те години е користен од националсоцијалистите во Германија. Порано симболот беше дел од официјалниот амблем на Азовскиот полк, но подоцна, без наведување причини, беше отстранет од логото. Полкот ја оправдуваше употребата со тврдење дека „црното сонце“ е стар украински симбол, кој симболизира уништување на старото и создавање нешто ново. Богдан вели дека маицата му ја подарил близок човек.

Богдан израснал во Харков и зборува руски. Високото момче со темна коса и кафеави очи оди со патерица по тешка повреда на колкот. Минатата зима се приклучил кон Азовскиот полк и зимата ја поминал во камп за обука во близина на Мариупол, каде отишле сите негови пријатели. Мајка му ја поддржала неговата одлука, додека баба му остро се противела.

Надеж за ослободување

Од 7 март, раскажува Богдан, во Мариупол почнале улични борби, а на 10 март градот бил опколен. Со секој ден бледнеело верувањето дека мариуполскиот гарнизон ќе може сам да се одбрани. Меѓутоа, канцеларијата на украинскиот претседател ги уверувала населението и  борците во Азов  дека ќе го пробие обрачот околу Мариупол.

Мариупол е целосно уништен град од руските гранатирања
Мариупол е целосно уништен град од руските гранатирањаФотографија: Peter Kovalev/TASS/IMAGO

„Во април, не можам да се сетам на точниот ден, рекоа дека операцијата ќе почне во четири часот утрото“, вели Богдан. Но, откако десет дена ништо не се случило, Богдан веќе ништо и не очекувал, уште повеќе што колоните со украинска опрема веќе не можеле да продрат до градот. Тогаш Богдан сфатил: или ќе биде заробен или ќе умре. „Знаев само дека нема долго да издржиме“, раскажува младиот маж.

Во бункерот на челичарницата Азов

Во текот на  борбите во Мариупол , Богдан бил ранет во главата од шрапнел, па другарите го одвеле во  бункерот на челичарницата Азовстал,  каде наскоро ќе се засолнат сите бранители на Мариупол. „Снабдувањето со храна беше критично. Дневно имавме шолја каша, понекогаш и половина, плус мало парче сланина“, објаснува Богдан.

Просторијата во која лежел Богдан со други ранети била затрупана откако руските трупи го нападнале бункерот со бомби. Единствено тој успеал да се спаси, но со здобиени нови повреди, сите останати ранети загинале. Во бункерот сѐ повеќе борци зборувале за предавање, но тој самиот во почетокот не сакал да оди во заробеништво. „Мислеа дека нема друг излез, или заробеништво или смрт“, се присетува Богдан. На крајот, не му преостанало ништо друго освен да им се придружи.

Како течеше евакуацијата на бранителите на Азовстал

Во средината на април 2022 година, откако руските сили и проруските сепаратисти зазедоа големи делови од градот Мариупол, преостанатите украински бранители, заедно со цивили и странски борци, се повлекле во бункерите на челичарницата. Се проценува дека тука имало околу 3500 луѓе.  Околу 500 жени и деца се евакуирани  на почетокот на мај 2022. Потоа, ноќта спроти 17 мај, се предадоа неколку стотини украински бранители,  а на 18 мај Русија извести за предавање на уште 700 борци.

Од Новоазовск до Доњецк

Богдан се присетува дека руски знамиња и симболи биле насекаде додека на носила го изнесувале од челичарницата. Руските окупатори прво го довеле во Новоазовск, град во Донбас, 50 километри источно од Мариупол, каде го презел Црвениот крст, за што не зборува радо. Од него барале податоци за контакт со неговото семејство, што тој одбил да ги даде. Богдан претпоставува дека и претставниците на руската канцеларија биле заинтересирани за тие податоци. „Им реков дека нема да им го дадам бројот на телефонот на мајка ми, освен ако не можам сам да ѝ се јавам“. После тоа никогаш веќе не ги видел тие работници од Црвениот крст. Богдан поминал еден ден во Новоазовск, каде го третирале „нормално“: „Руски војник ми инјектираше средство против болки, беше океј.“

Потоа го префрлиле во болницата во Доњецк. Сите катови, освен еден, биле полни со украински ранети заробеници. На посебен кат лежеле борци од самопрогласената „Народна Република Доњецк“. Во просториите во кои биле сместени украинските борци, вратите морале да бидат постојано отворени. Приврзениците на „Народна Република Доњецк“ често вербално ги понижувале: „Една медицинска сестра ни тврдеше дека сме многу лоши и дека веќе осум години страда поради бомби.“

Страотните видеа од Мариупол на украинска болничарка

Еден ден кај Богдан дошле претставници на руската тајна служба ФСБ. „Сакаа да знаат со колкава опрема располага полкот Азов, каде се наоѓаат складиштата со муниција и да ги дознаат имињата на офицерите“, вели Богдан и додава – ФСБ го прашувале зошто убивал руски војници. Богдан одговорил: „Затоа што во мојата куќа влеговте со оружје. Ако видам човек со чудна униформа, секако дека пукам.“ Претставник од руските истражни органи го испитувал дали го симпатизира  Бандера – контроверзниот националистички политичар  од Втората светска војна.

Копнежливо чекана размена

Тоа што не можел да чуе ништо за своето семејство го тиштело Богдан. Од разговорите дознал за очигледно пропаѓање на размената на заробеници, затоа другарите на Богдан, наводно одведени за размена, биле вратени во болницата. На заробениците им било речено дека борците од Азов веќе нема да бидат разменувани, тогаш го совладал очај.

Но, по извесно време, на ранетите украински војници, вклучувајќи го и Богдан, им наредиле да ги спакуваат своите работи. Се случила вистинска размена на заробеници. „Не можев да верувам. Сигнав во Запорожје, го видов градот, луѓе. Веднаш ме ставија на носила. Ми пријдоа неколку лекари и сите ми помагаа“, се присетува Богдан.

Тој верува дека и неговите другари наскоро ќе се вратат дома. „Многу од нив се во Оленивка“, вели Богдан, но не им верува на руските списоци на ранети и мртви. Борецот од полкот Азов истакнува дека командата на украинската војска го цени секој поединец и прави сѐ за да забрза размена. Што се однесува до воените заробеници од Русија и од псевдорепубликите, ним им е подобро во украинско заробеништво отколку дома, вели Богдан: „Овде имаат повеќе права отколку во својата земја."

По рехабилитацијата, Украинецот сака да се врати на фронт: „Моја должност е да ја бранам својата земја, нејзините интереси и нејзиниот територијален интегритет.“

Текстот е актуелизиран со податоци за полкот Азов и симболите на маицата на главната фотографија.