1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии и инциденти во Чашка - што се крие зад случајот?

ДТЗ
14 декември 2023

Незадоволство веќе дваесетина дена владее во Чашка, по одлуката на Министерството за образование да се формира паралелка на албански јазик во која настава треба да посетуваат само неколку ученици.

https://p.dw.com/p/4aAG4
настава училница
Бојкот, тензии и инциденти во Чашка, МОН апелира да не се меша политиката во образованиетоФотографија: P. Stojanovski

Бојкот и незадоволство веќе дваесетина дена владее во Чашка, по одлуката на Министерството за образование (МОН) да се формира паралелка на албански јазик во која настава треба да посетуваат само неколку ученици. Родителите чии деца посетуваат настава во ОУ „Тодор Јанев“ во општина Чашка протестираат со денови, тврдејќи дека станува збор за незаконски потег за отворање на паралелката, прекршување на процедурите и статутот на училиштето. Тензиите ескалираа дотаму што родителите не и дозволуваа на директорката да влезе во училиштето, поради што беше неопходно да интервенира и полицијата.

Од МОН денеска порачаа дека е непотребно мешањето на политиката во случајот во училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка, затоа што со тоа се наштетува на најдобрите интереси на младите – а тоа е да имаат квалитетно образование достапно на својот мајчин јазик. 

Бојкот на наставата 

Дел од родителите на учениците, поддржани од жителите и наставниците, со денови ја бојкотираат наставата и бараат МОН да ја укине новоформираната паралелка на албански наставен јазик. Но, од МОН порачаа дека се заложуваат за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученик, затоа што тогаш воспитно – образовниот процес е најефикасен и ефективен.

Јетон Шаќири
Од МОН порачаа дека се заложуваат за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученикФотографија: Government of North Macedonia

„Во посоченото училиште во Чашка е постапено согласно барањата на дел од жителите во населеното место и имајќи предвид дека сите останати услови се исполнети, а најважно е што постојат и просторни услови, како и обезбедени се средства од Министерството за финансии, се отвори паралелка на албански наставен јазик“, велат од МОН.

Случајот во велешката полиција го има пријавено в.д директорката на ООУ „Тодор Јанев“ во населба Чашка, која навела дека утрото пред влезот на училиштето каде се одржувал јавен собир на група на граѓани, била физички нападната од едно лице. Од велешката полиција информираа дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Предлози 

Родителите на учениците поддржани од жителите и наставниците ја бојкотираат наставата, а децата седат дома. Тие бараат МОН да ја укине новоформираната паралелка на албански наставен јазик, а четирите првачиња да се вратат на настава со учениците Македонци со кои ја следеа наставата изминатите месеци.

Министерот за образование,Јетон Шаќири, деновие информираше дека родителите побарале тие ученици кои сакаат да следат настава на албански јазик да учат во селото Сливник кое се наоѓа на околу 11 километри од Чашка. Но, тој не го прифатил таквото барање.

„Сакам да апелирам до сите граѓани на земјата, дека тие деца не се ниту политички субјекти, но не знаат ниту политички партии, ниту за парламентарни избори, ниту за локални, за некој да им го скрати нивното уставно право за да учат на албански јазик“, порача министерот за образование.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема