1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската надворешна политика во „кризен режим“

Кристоф Хаселбах
8 јануари 2024

Поминаа мирни времиња за германската надворешна политика: Берлин мора да пронајде одговори за две војни, за сè поагресивната Кина и за предизвиците за светскиот поредок.

https://p.dw.com/p/4alFF
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок со министерот за одбрана Борис Писториус (лево) и канцеларот Олаф Шолц (десно)
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок со министерот за одбрана Борис Писториус (лево) и канцеларот Олаф Шолц (десно)Фотографија: ANNEGRET HILSE/REUTERS

На почетокот на декември, Друштвото за германски јазик го прогласи терминот „кризен режим“ (Kriesenmodus) за збор на годината. Во исто време, ова добро ја опишува состојбата на  надворешната политика на Германија.

Војна на Блискиот Исток: германско балансирање

Војната меѓу Хамас и Израел е само најновата сериозна криза, но моментално најдраматичната, бидејќи може да се прошири - со потенцијално катастрофални последици. За да го спречи ова, Германија се обидува да балансира.

А канцеларот Олаф Шолц истакнува дека безбедноста на Израел е „државен резон“, односно национален интерес на Германија. Тој смета дека оваа обврска произлегува од национал-социјалистичкото минато на Германија.

Но, тоа не ја спречува министерката за надворешни работи Аналена Бербок да го критикува Израел во неговата борба против Хамас. Во ексклузивното интервју за ДВ во ноември, Бербок, на пример, се пожали на насилството на еврејските доселеници врз Палестинците на Западниот Брег: „Израелскиот премиер (Нетанјаху) мора да го осуди ова насилство на доселениците, тоа мора кривично да се гони, тоа е во интерес на безбедноста на Израел.“

Копенена офанзива на Израела во Појасот Газа (1.11.2023)
Копенена офанзива на Израела во Појасот Газа (1.11.2023)Фотографија: Israel Defense Forces/Handout via REUTERS

Германија учествува и во дебатата за иднината на Блискиот Исток по завршувањето на војната. Што се однесува до иднината на Појасот Газа, Бербок во интервју за ДВ советува: „Кога станува збор за безбедноста на Појасот Газа, потребна е меѓународна одговорност“.

Германија, како и ЕУ и САД, цврсто стои зад решението за две држави, според кое покрај израелската треба да има и палестинска држава. Експертот за Блискиот Исток Ханс-Јакоб Шиндлер од Меѓународната организација за борба против екстремизмот за ДВ вели:

„Јасно е дека решението за две држави во моментов е многу далеку, дека е многу нејасна цел, поради актуелните настани и она што се случува во последните 20 години. Но, какво друго решение воопшто постои, освен решението на две држави?" Тој ја советува германската влада да продолжи да ја следи таа цел.

Руската агресорска војна против Украина: преговори или воено решение?

Веројатно ниту еден надворешнополитички настан во изминатите децении не бил таков предизвик за Германија и Европа како руската агресија врз Украина во февруари 2022 година. Германија дава голема воена помош, како и другите западни земји. И покрај тоа, речиси две години подоцна, Украина не постигна голем напредок во повторното освојување на териториите окупирани од Русите.

Во меѓувреме, подготвеноста на западните земји да ѝ помогнат на Украина воено се намалува, дури и во САД. Доколку во 2024 година Доналд Трамп биде реизбран за претседател на САД, Вашингтон би можел значително да ја намали помошта за Украина.

Заморот од војната што се шири на Запад ги наведува политичарите да размислуваат за ставање крај на војната на преговарачка маса.

Политикологот Јоханес Варвик од Универзитетот во Хале смета дека тоа сепак е неизбежно. „Верувам дека примирјето ќе мора да биде на маса, проследено со тешки дипломатски преговори за територијални промени во Украина, за неутралноста на Украина“, изјави тој за ДВ.

Но, Роман Гончаренко од украинската редакција ДВ истакнува дека формулата „територија за мир“ нема да биде прифатена во Украина: „Премногу се случи, страдањето е преголемо. Тоа би било награда за Русија“.

Украина, Доњецка област 18.03.2023.
Украина, Доњецка област 18.03.2023.Фотографија: Aris Messinis/AFP

Родерих Кизеветер, експерт за безбедност на германската Христијанско-демократска партија (ЦДУ), смета дека говорењето за решение на конфликтот преку преговори е опасно и е убеден во можноста за украинска победа: „Офанзивата за ослободување е попречена од самиот Запад со испраќање премалку помош и предоцна. Според него, стратегијата треба да биде: „Да се испорача сѐ (оружје), што е можно поскоро“.

Аналена Бербок речиси очајно повтори на состанокот на НАТО на крајот на ноември дека, според неа, нема алтернатива за понатамошна поддршка, колку и ситуацијата да изгледа „тешка, заморна, безнадежна“.

Кина сѐ повеќе се гледа како закана

Многу се промени во кинеско-германските односи од крајот на мандатот (2005 до 2021 година) на Ангела Меркел како канцеларка. Меркел се однесуваше претпазливо кон кинеската влада, додека актуелната германска владејачка коалиција, која ја сочинуваат социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП), во својот стратешки документ усвоен ова лето наведува дека Киназа Германија и за ЕУ. во исто време е „партнер, конкурент и систематски ривал“. При тоа Берлин сѐ повеќе го истакнува - ривалството.

Германската влада нервозно ги следи кинеското ѕвечкање со оружје по прашањето Тајван, кој Кина го смета за своја провинција, и блиските односи на Кина со Русија, и покрај руската инвазија врз Украина. Последица на сето ова е што Кина во Берлин се повеќе се доживува како некој што внесува немир и го нарушува светскиот политички поредок.

Но, Кина е најважниот трговски партнер на Германија од 2016 година. Затоа главната стратегија на германската влада кон Кина не е одвојувањето на економиите, што премногу би 1 наштетило на самата Германија, туку напорите за намалување едностраната економска зависност на Германија од Кина.

Вредности наспроти интереси?

Во случајот на Кина, границите на германската надворешната политика, која е дефинирана со вредности, и која првенствено ја застапува министерката за надворешни работи од редовите на партијата на Зелените, Аналена Бербок, се особено јасно видливи. На нејзината забелешка во април во Пекинг дека човековите права во Кина треба повеќе да се почитуваат, нејзиниот кинески колега во тоа време одговори: „Она што најмалку ѝ  треба на Кина се учители од Запад“.

Кинеско-руски поморски маневри, 18.08.2023.
Кинеско-руски поморски маневри, 18.08.2023.Фотографија: Pacific Fleet Information Office/Tass/dpa/picture alliance

Уредникот на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг,“ Мортен Фрајдел, во онлајн изданието на тој весник на 30 ноември 2023 година напиша:

„Во свет каде либералниот Запад се најде под притисок, со постојани апели за вредности, брзо се создаваат непријатели. Тоа не значи дека вредностите се непотребни, туку само дека не треба постојано да се истакнуваат во преден план." Тој советува дека би било подобро Германија „попрецизно да ги формулира своите интереси“.

Наспроти тоа, Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика попозитивно ја оценува политиката на германската влада. Тој за ДВ изјави дека владата „ја надминала наводната контрадикторност со тоа што јасно ставила до знаење дека секогаш станува збор за двете нешта-  за вредностите и интересите. „Ако вредностите целосно се запостават, како што правевме во односот со Русија, тогаш тоа има катастрофални последици, а тоа го гледаме во Украина“, нагласи Хоф.

Потрага по сојузници

Војната во Украина ѝ донесе на германската влада горко искуство: кога ширум светот се бараа сојузници подготвени да ги поддржат санкциите против Русија, многу земји го отфрлија тоа и сè уште сакаат да одржуваат трговски односи со Москва.

Земјите кои всушност би можеле да се сметаат за западни, како што се Индија и Бразил, „открија нов простор за маневрирање во овој се попроменлив светски поредок, така што си земаа слобода да не заземаат страна“, објаснува Хоф. Тој посочува дека германската влада сѐ уште бара рамноправен дијалог со овие земји. Ова е „активно проширување на досегашната германска надворешна политика и мислам дека Берлин во основа е на добар пат“, оцени Хоф.

Гласање во Генералното собрание на ОН за Украина, 23.02.2023.
Гласање во Генералното собрание на ОН за Украина, 23.02.2023.Фотографија: John Minchillo/AP/picture alliance

Германците се уморни од интервенции

Германската влада бара одговори за надворешно-политичките настани како што се војните во Украина и на Блискиот Исток или споровите со Кина. Без разлика дали тоа ѝ одговара на Германија или не, не само ЕУ и САД очекуваат поактивна улога од најсилната европска и четврта светска економска сила. Но, ова очигледно не им се допаѓа на повеќето Германци.

Во истражувањето на јавното мислење спроведено во септември од страна фондацијата Кербер, 54 отсто од испитаниците изјавиле дека Германија треба да биде повоздржана во меѓународните кризи. Само 38 отсто од нив сакаат поголем ангажман на својата земја – што е најниско ниво од 2017 година, кога започна овој тип на истражување- кога тоа го посакуваа 52 отсто од испитаниците. Покрај тоа, големо мнозинство од 71 отсто од испитаниците се противат на улогата на Германија како воен лидер во Европа.

Се чини дека Германците сакаат пред сѐ едно нешто: да се одморат од бурите на светската политика. Но, тоа е желба чие исполнување е многу неизвесно.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи