1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сопствен дом: Битола е најевтин европски град

ДТЗ
26 февруари 2024

Во градот под Пелистер просечната цена за стан од 100 метри квадратни е 90 илјади евра. На второ место е Кишињев во Молдавија - каде цената е 127 илјади евра.

https://p.dw.com/p/4csvC
Битола
Битола на врвот на листата на европски градови со најевтини станови и куќиФотографија: picture-alliance/dpa/R. Kaufhold

Битола се најде на врвот на листата на десетина европски градови во коишто странците можат да купат недвижност. Во градот под Пелистер просечната цена за стан од 100 метри квадратни е нешто над 90 илјади евра*. На второ место е Кишињев во Молдавија каде просечна цена за стан од 100м² е 127 илјади евра, додека на листата на најевтини европски градови за купување на имот се наоѓаат дури три града во Романија - Крајова, Сибиу и Орадеа.

Користејќи ги податоците од Нумбео, веб-страница за споредба која обезбедува резимеа на трошоците за живот во поголемите градови низ светот, компанијата Money Transfers состави листа на европски градови каде може да се купи имот по најевтина цена за квадратен метар.На листата доминираат градови од Источна Европа. 

Битола
Најголем интерес за купување има во центарот на Битола.Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Kaufhold

Авантура, бизнис, прифатливи цени 

Без разлика дали станува збор за желба за авантура, нови бизнис можности или прифатливи цени за купување на недвижности, се голем број странци се одлучуваат да купуваат имот во неколку европски земји. Битола, според Money Transfers, е град кој нуди најприфатливи цени за недвижностите. 

„Битола е втор по големина град во Република Северна Македонија и е дом на античкиот град Хераклеја Линкестис, кој е прогласен за културно наследство од особено значење. Во современо време, градот е препознаен како културен епицентар на Македонија“, се наведува во описот на градот во истражувањето коешто го пренесуваат и британските медиуми. 

Притоа се наведува дека странците можат да купат имот во градот, но тоа зависи од договорот за реципроцитет меѓу Северна Македонија и нивната матична земја. 

Студентски маки со прескапи станови

Голем интерес за стари куќи 

Најголем интерес за купување има во центарот на Битола. Од агенциите за недвижности во градот велат дека куќите и становите во атрактивните делови на градот се продаваат преку ноќ, така што ретко и стигнуваат до агенциите за недвижности за да бидат ставени на продажба.

„Голем интерес за купување на недвижности има од страна на гастербајтерите, кои купуваат станови особено во центарот на градот“, вели за ДВ, Боро Стојановски, сопственик на агенцијата за недвижности „Гео Балкан“. 

Поголем е интересот за купување на станови за кои цената се движи од 1.000 до 1.200 евра за квадратен метар. „Ретко се наоѓаат некои постари станови на север за 800 до 900 евра за квадрат“, вели нашиот соговорник. 

Додека расте цената на становите, опаѓа вредноста на куќите. Па така, раскошни куќи со неколку ката, кои не се во центарот на градот, можат да се купат за „бадијала“. 

„Локацијата е многу важна, сите бараат во центарот на градот. Таму и стари куќи се продаваат по 1.000 евра од квадрат“, вели Стојановски. 

Покрај Битола, меѓу најевтините европски градови се и Мостар (БиХ), со просечна цена на станот од 100 m² за близу 129 илјади евра, потоа Пловдив и Бургас во Бугарија, по што следуваат три града во Романија и Патра во Грција. 

Идејата за ваква листа произлегува од интересот, пред се на американски граѓани, за купување на имоти на што подалечни дестинации. 

*Истражувањето за цените во Битола се правени есента 2023 година.

Мини решение за големиот проблем на пазарот за недвижности?