1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден - Трамп и најлудото американско предизборие

15 септември 2023

Прв пат во историјата актуелниот американски претседател може да се најде под импичмент, неговиот син е под обвинение, а главниот ривал и предизвикувач веќе се соочува со четири кривични пријави. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4WMeM
Џо Бајден , Доналд Трамп САД
Актуелниот американски претседател Џо Бајден и поранешниот, Доналд Трамп

Една стара фраза на Роналд Реган гласи: „Сѐ она што ви делува како нормално, всушност е вистинско чудо“. Актуелната криза на САД, културната и идентитетска војна која изразито беснее веќе најмалку два изборни циклуси, како да ни навестува дека Америка е останата без чуда и без никаква организирана нормалност.

Актуелната предизборна кампања за претседателските избори во 2024, која допрва ќе се зажешти, веќе се наметнува како најлудата и најнепредвидливата во историјата на САД. За прв пат во историјата ќе наидеме на ситуација каде актуелниот американски претседател може да се најде под импичмент, неговиот син под обвинение, додека главниот противник и предизвикувач веќе  се соочува со четири кривични пријави.

Никогаш порано во историјата на САД се нема случено предизборието да биде пренатрупано со сослушување и кампањи, собраниски комисии, судски рочишта, дебати, телевизиски дуели и митинзи. Америка, која само пред една година и успешните мидтерм избори за Демократите, каде делуваше дека „ефектот Трамп“ е издишан, наликуваше на нормализирана демократска и политичка средина, сега дефинитивно запловува во едни нови и тотално непознати води на политички и правен хаос.

Импичмент против Бајден

Последниот чин на политичкото лудило од кое САД не може да се ослободи, доаѓа во формата на републиканска постапка за импичмент против претседателот Џо Бајден. Републиканскиот претседател на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти во вторникот изјави дека им дал налог на надлежните комисии да покренат соодветна истрага против претседателот Џо Бајден. Мекарти искрено немаше премногу избор. Ултра десничарските и трамповите пратеници како Марџори Тејлор Грин и Мат Гетц, јавно му се заканија дека доколку не отвори истрага за Бајден, нема да му биде изгласана потврда на позицијата спикер во Парламентот. Маратонскиот избор на Мекарти, за кој беа потребни дури 15 гласања, рекорд во преку 150 години парламентарна историја, беше условена од Гетц со правото да му се изгласа недоверба, во случај спикерот да не го почитува договорот или наредбите од горе. Мекарти свесно се согласи на тој дил само за да ја добие позицијата, па сега сметката му дојде за наплата.

Џо Бајден САД, Кевин Мекарти
Американскиот претседател Џо Бајден и републиканскиот претседател на Претставничкиот дом на САД, Кевин МекартиФотографија: Kevin Dietsch/Getty Images

Секако, ништо не гарантира дека целата процедура ќе резултира со импичмент. Дури и ако самиот Претставнички дом, кој е под контрола на Републиканците, гласа за тоа, постапката може да доживее неуспех во Сенатот, каде мнозинство имаат Демократите на Бајден. Републиканците спроведуваат истраги за Бајден откако ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом во јануари. Сослушувањата што ги спроведоа не открија конкретни докази за недолично однесување, но успеаја да откријат повеќе деловни зделки на синот на претседателот – Хантер Бајден, за кои Републиканците велат дека се сомнителни, како и за тоа дека  Бајден знаел за бизнисите на својот син.  И покрај тоа, голем дел од Републиканците гледаат на импичментот како на еден вид на освета за поразот од 2020-та, за обвиненијата против Трамп, но и како на џокер во предизборната кампања за изборите во 2024-та, во која треба да завладее комплетен хаос и токсична атмосфера.

Истрагата којашто наводно планира да открие сомнежи за сериозни злоупотреби на претседателот Бајден во текот на поранешните функции кои на неговото семејство му донеле нелагални милионски заработки, бездруго ќе фрли сенка врз неговите намери за втор мандат во кампањата за претседателските избори во ноември 2024 година, дури и доколку не успее да изроди конкретни докази. Сигурно е дека ќе привлече големо внимание на медиумите, особено кај конзервативните почнувајќи од Фоксњуз, сега онлајн зајакнати од десничарскиот преврат на платформата на Елон Маск, како и кај сѐ посиромашната средна класа, и ќе го сврти вниманието од неговите предизборни пораки за економијата и другите важни теми и успешни политики.

На тоа се придодаваат и правните проблеми на синот Хантер Бајдер соочен со обвинение за даночна измама и недозволено поседување оружје. Хантер Бајден поседувал пиштол Колт кобра 38 специјал во октомври 2018 година, иако знаел дека е корисник на дрога, нешто што му забранува да поседува оружје. Лажењето на ФБИ за својата состојба на зависник во Америка се смета за тешко кривично дело. Според државниот обвинител на Делавер, Дејвид Вајс, новоименуван за специјален обвинител во истрагата, обвиненијата во случајот за даночно затајување и случајот за нелегално поседување огнено оружје против Хантер Бајден ќе бидат поднесени пред 29 септември. Доколку обвининето биде поднесено, ќе има судски процес, а доколку биде осуден, Хантер Бајден ризикува да заврши во затвор.

Четири кривични постапки против Трамп

И додека за Бајден таткото и син, обвиненијата и правните процеси се нешто што можеби допрва следува, кога станува збор за политичкиот противник Трамп, тие се една сигурна и недискутабилна реалност. Трамп се соочува со четири кривични пријави и тоа под дури 91 точки обвинение. Судењето за изборен заговор треба да започне на 4 март 2024 година, утврди надлежната сојузна судијка во Вашингтон. Процесот почнува еден ден пред таканаречениот „супер вторник“, на кој се одржуваат прелиминарни избори во повеќе од десетина американски сојузни држави. Трамп, кој повторно претендира да стане претседателски кандидат од Републиканската партија, сакаше неговите адвокати да го одложат почетокот на судењето до 2026 година. Тој сега најави жалба на одлуката за терминот за судење. 

Доналд Трамп САД
Историска полициска фотографија на екс американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Fulton County Sheriff's Office/Getty Images/AFP

Само три недели подоцна, на 25 март за Трамп почнува судењето за обвинението дека фалсификувал деловни записи за да ги прикрие парите платени за замолчување на порно ѕвездата Сторми Даниелс. 

И тоа не е се, Трамп дочека и обвинение за  изборен заговор во сојузната држава Џорџија.  Во Џорџија, Трамп е обвинет заедно со 18 други осомничени за обид да влијае на исходот на претседателските избори во оваа сојузна држава во 2020 година. Меѓу обвинетите се и поранешниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани и поранешниот шеф на кабинетот на Трамп во Белата куќа, Марк Медоус.

Пред три недели Трамп веќе мораше да се појави во затворот во округот Атланта за официјално да се претстави пред властите и да ги даде на евидентирање неговите лични податоци. Канцеларијата на локалниот шериф потоа ја објави  полициската фотографија на поранешниот претседател  и личните информации што ги дал. Тоа е првата полициска фотографија на поранешен претседател на САД, слика која влезе во историјата и која веќе се претвори во меме.

И покрај четирите обвиненија од кои барем две се мошне сериозни, Трамп делува како да не губи ни тронка поддршка во својата републиканска база. Трамп ужива поддршка од 54% во внатрепартиските избори, наспроти 17% за ДеСантис, и просечно води помеѓу 30-48% во однос на противкандидатите. Според сондажите Бајден и Трамп се изедначени во претседателската трка со 43%-43%. Републиканците во огромно мнозинство, дури 88% се на страната на Трамп, додека кај Демократите Бајден ужива поддршка од 83%. Независните гласачи се поделени, со 42% за Демократите, наспороти 37% за Републиканците, додека народниот ентузијазам доживува ново дно, со 55% од граѓаните кои изјавиле дека го мразат Трамп, а веднаш до него, 54% го мразат Бајден.

Кој и да победи за 14 месеци ќе се најде во блокирана, поделена и тензична атмосфера, но прво и двајцата мора да ја преживеат истата состојба во предизборието, овој пат зајакната со четири кривични обвиненија, семејни правни проблеми и импичмент над главата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи