1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден на чекор да се откаже од својата кандидатура?

ЖА
19 јули 2024

Според пишувањата на медиумите во САД, американскиот претседател Џо Бајден е сѐ поблиску до откажување од трката за Белата куќа.

https://p.dw.com/p/4iUhz
американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден на чекор да се откаже од својата кандидатура?Фотографија: SAUL LOEB/AFP/Getty Images

„Њујорк тајмс“ цитираше неколку луѓе од опкружувањето на Бајден кои велат дека веруваат дека 81-годишникот почнал да прифаќа дека може да ги загуби изборите во ноември од неговиот републикански ривал Доналд Трамп и можеби ќе мора да се откаже од трката за Белата куќа.

Се цитира човек со следните зборови: „Реалноста почнува да пробива“. Личноста нема да биде изненадена доколку Бајден наскоро ја поддржи потпретседателката  Камала Харис да стане демократска претседателска кандидатка.

Во меѓувреме, порталот Аксиос цитираше партиски претставници според кои Бајден би можел да се откаже од  трката за Белата куќа веќе овој викенд. Телевизијата Ен-Би-Си цитираше личност блиска до Бајден која вели: „Ние сме блиску до крајот“.

Според извештај на весникот „Вашингтон пост“, влијателната демократка и поранешна претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси верува дека претседателот Џо Бајден наскоро би можел да биде убеден да се откаже од  трката за претседател на САД.  Во извештајот, весникот цитира тројца неименувани функционери од Демократската партија.

Се тврди дека и поранешниот претседател Барак Обама им изразил сомнеж на доверливи луѓе во врска со  повторното кандидирање на Бајден.  Обама смета дека шансите за победа на Бајден станале помали и дека 81-годишникот треба „сериозно да размисли за изводливоста на неговата кандидатура“, ги цитира „Вашингтон пост" изјавите на лица блиски до Обама. Досега нема директна реакција од Обама.

Бајден беше потпретседател за време на претседателствувањето на Обама од 2009 до 2017 година. Обама сè уште има големо влијание во Демократската партија.

Дискусијата за соодветноста на Бајден за втор мандат беше поттикната од неговото непредвидливо и збунето појавување на телевизискиот дуел со поранешниот претседател и предизвикувач Трамп на крајот на јуни. Оттогаш, Бајден направи дополнителни грешки. Но, тој инсистира на својата кандидатура, посочувајќи на неговата убедлива победа на прелиминарните избори на Демократската партија и промовирајќи се себеси како најдобар кандидат против Трамп. Бајден моментално е во својата куќа во сојузната држава Делавер на источниот брег  со корона инфекција.

Но, расте притисокот врз претседателот. Тој, наводно, неодамна се сретнал со лидерот на мнозинството на Демократите во Сенатот Чак Шумер и со лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис. И двајцата го предупредиле Бајден дека неговата кандидатура ќе ги замати изгледите на Демократите на изборите во ноември.