Ќе владеат ли десничарските популисти наскоро со Австрија?
6 јануари 2025Сојузниот претседател на Австрија, Александер Ван дер Белен, е навикнат на политички кризи. Тој веќе ја навигираше земјата и по таканаречениот скандал од Ибица. Со стоичка смиреност, Ван дер Белен ја води земјата и низ новата политичка криза во Австрија. „Ако нешто научив за време на мојот мандат како сојузен претседател на Република Австрија, тоа е дека секогаш има нови ситуации“, рече 80-годишниот пред да одговори што ќе се случува наредно во алпската република. Неуспехот на владините преговори и за него било изненадување, продолжи Ван дер Белен во неделата. Со повлекувањето на Карл Нехамер од функцијата претседател на Австрискката народна партија (ОВП) и канцелар, ситуацијата се променила. Гласовите во ОВП кои биле против коалиција со десничарко-популистичката Слободарска партија ( ФПО) значително се стишиле. „Тоа пак значи дека можеби се отвора нов пат кој претходно не постоеше. И од оваа причина, го повикав лидерот на Слободарската партија, г-дин Херберт Кикл, и се договоривме дека ќе се сретнеме утре во 11 часот за да разговараме за новата политичка ситуација“, рече ван дер Белен.
ОВП отворена за разговори
Политички аналитичари сметаат дека со тоа веќе нема никакви пречки на патот за коалиција меѓу десно радикалниот победник на изборите ФПО и ОВП како помал партнер. Во секој случај, Народната партија се покажа отворена за таква коалиција. Новиот вршител на должноста претседател на партијата, Кристијан Штокер, се изјасни за тоа Кикл да добие мандат за да води преговори за формирање влада. „Ако бидеме поканети, ќе ја прифатиме поканата за разговори“, вели тој. „За такво нешто денес добив и експлицитно овластување од сојузното претседателство на партијата“, вели Штокер. За политичкиот аналитичар Питер Филцмајер, ситуацијата е до некаде јасна. „Слушнав меѓу редови дека веројатно ќе има мандат за Херберт Кикл за формирање влада, освен ако не се случи нешто сосема неочекувано на утрешната средба со сојузниот претседател со Кикл во 11 часот. И ОВП ќе влезе во коалициски преговори со Слободарската партија. Де факто и веројатноста за окончување на преговорите е голема“, вели Филцмајер. За време на изборната кампања, Штокер исто така постојано се изјаснуваше против коалицијата со ФПО под водство на Кикл. Филцмајер сепак потсетува дека ОВП веќе неколку изборни кампањи се одрекуваше од ФПО, за на крај сепак да владее со нив. „Не е прв пат за ОВП. Во зависност од нечие лично мислење и позиционирање во однос на ФПО, тоа може да се смета за добро или лошо, но е неспорно дека е повторување на сценариото“, вели аналитичарот.
„Ни треба влада со стабилно мнозинство“
Сојузниот претседател исто така неколку пати нагласи дека си посакува влада без ФПО под Кикл. Ван дер Белен го отпушти Кикл од функцијата министер за внатрешни работи во 2019 година по аферата Ибица. Но, не се работи сега за тоа, нагласи ван дер Белен. „Станува збор за тоа Австрија да добие влада која е способна да дејствува. Се работи за тоа да имаме заедничка слика за Австрија во која сакаме да живееме. Ни треба сојузна влада со стабилно мнозинство“, порача претседателот. Ван дер Белен нагласи дека ќе се погрижи за тоа да се почитуваат темелите на австриската демократија. Ван дер Белен веќе неколку пати ги спомена овие фундаментални столбови во релација со ФПО. Доколку дојде до сино-црна коалиција, ван дер Белен би можел да биде првиот претседател кој инаугурира влада под водство на ФПО. Кикл пак, денеска коментираше писмено преку објава на Фејсбук во која вели дека не сака јавно да заземе став пред да се сретне со Ван дер Белен.