1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Условна казна за багерите кои го оштетија локалитетот Влахо

ДТЗ
16 јуни 2023

Фирмата која што при ископување јаглен нанесе штета врз неолитското наоѓалиште ќе треба да плати и парична казна, но доби и предупредување да не копа на потегот каде има археолошко богатство.

https://p.dw.com/p/4Sf9H
локалитет Влахо
Условна казна и предупредување да не се уништува локалитетот ВлахоФотографија: Goce Naumov

Условна казна затвор од една година и глоба од 360 илјади денари е казната која што ќе треба да се плати за уништувањето на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија, неолитско наоѓалиште старо околу 8.400 години. Битолското обвинителство постигна спогодба со едно физичко лице и фирма кои се товареа за оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.

Со постигнатата предлог-спогодба, на управителот на фирмата му е изречена условна осуда казна затвор од една година која нема да се изврши доколку во рок од 3 години тој не стори ново кривично дело. Истрагата за случајот беше отворена во март годинава, откако археолозите неколкупати алармираа дека багери кои ископувале јаглен кај Битола го оштетиле неолитското наоѓалиште, со што е загрозена повеќегодишната работа на тим на македонски и на европски археолози на локалитетот кај битолското село Живојно. Тимот кој работи на локалитетот повеќе од три години, досега открил дека тој крие вредно археолошко богатство. Пронајдена е керамика, органски остатоци на разни култури, како и дури десетина ровови. 

локалитет Влахо
При истрагата се потврдиле укажувањата на археолозите дека при ископување на јаглен во целост е уништена  источната периферија на археолошко наоѓалиште Влахо.Фотографија: Goce Naumov

Ќе се заштити ли Влахо од понатамошно уништување?

При истрагата, како што соопштуваат од битолското обвинителство, се потврдиле укажувањата на археолозите дека при ископување на јаглен во целост е уништена источната периферија на археолошко наоѓалиште Влахо. Со постигната спогодба, на некој начин се преземаат мерки за во иднина да не се уништува ова археолошко богатство од огромно значење за земјата. Се додека јасно не се означи и огради подрачјето каде што се наоѓа локалитетот, фирми не ќе смеат да копаат јаглен на тоа подрачје - и кај локалитетот Влахо, но и на подрачјето каде се протегаат локалитетите Бел Камен и Кералот.

„Дејствија не смеат да се преземаат и се до завршување на заштитните археолошки истражувања. Откако ќе бидат завршени истражувањата, дејствијата на експлоатација на наведените локалитети да се вршат само во согласност со утврденото со заштитните археолошки истражувања“, се наведува во спогодбата. 

локалитет Влахо
Локалитетот Влахо кај Живојно во Пелагонија е познат уште од 1970-те години и внесен во регистарот на археолошки локалитетиФотографија: Goce Naumov

Резултатите од истражувањата на „Влахо“ во Пелагонија покажале дека населбата е основана пред околу 8.400 години. Притоа, преку деталните геомагнетни снимања на теренот се утврдила уште една карактеристика, незабележана во толкав обем кај ниту еден друг познат неолитски локалитет. Имено, се покажало дека на него се присутни дури десетина ровови, од кои, за жал, неколку се веќе оштетени.

Локалитетот Влахо кај Живојно во Пелагонија е познат уште од 1970-те години и внесен во регистарот на археолошки локалитети, како и во „Археолошката карта на Република Македонија“ публикувана во 1994 година. Потемелно почнува да се истражува во 2020 година кога е систематски рекогносциран, а потоа во 2021 и 2022 година се продолжува со археолошки ископувања, геомагнетно скенирање, хронолошка, археоботаничка, геоархеолошка и археозоолошка анализа. Оваа година предвидено е да се продолжи со негово теренско и кабинетско истражување, како и со лабораториски анализи кои се во тек.