1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Арапските земји: Протести за Палестинците, но на капки

Катрин Шаер
14 ноември 2023

Посебно во арапските земји се нижат протести за поддршка на Палестинците. Но, веќе се случува демонстрантите да не можат да бидат задржани да ги критикуваат и сопствените влади.

https://p.dw.com/p/4Yl4h
Про-палестински протести во Каиро, Египет
Про-палестински протести во Каиро, ЕгипетФотографија: MOHAMED ABD EL GHANY/REUTERS

На крајот на октомври Египќаните смееја да сторат нешто што со години им беше забрането: да протестираат.  Египетската влада  и претседателот Абдел Фатах ел-Сиси не го променија мислењето и не ја укинаа забраната за собирање, но на одредени локации сепак допуштија протести за  поддршка на Палестинците. 

Некои од тие протести очигледно биле насочени од државата: очевидци тврдат дека демонстрантите биле донесувани со автобуси, а со паролите за поддршка на Палестинците, се слушале и пароли за поддршка на претседателот Ел-Сиси.

Но, не секогаш и не секаде: токму на плоштадот Тахир, кој беше изворот на „Арапската пролет“ во 2011 година и кој доведе до падот на тогашниот египетски диктатор Мубарак, по паролите со поддршка за Палестинците се` почесто се слушал и извикот „леб, слобода, социјална правда“, добро позната парола токму од 2011 година.

За Хосама ел Хамалави, добар познавач на приликите во Египет, тоа не е ништо чудно: „Проблемот на Палестинците со генерации е повод за политизација на младите Египќани“, вели авторот на редовна колумна за политиката на Египет. „Всушност, за многу египетски политички активисти, било оние на чело на ’Арапската пролет’ во 2011 или во претходните протести, нивната врата во политиката беше случајот на Палестинците. Бунтот во 2011 година всушност беше кулминација на процесот кој започна децении порано, со втората Интифада на Палестинците.“ 

Меч со две острици

На таа поврзаност укажува и Јоост Хилтерман, раководител на Одделот за Блиски Исток и Северна Африка во Меѓународна кризна група. Државните врвови на земјите од тој регион отсекогаш „во проблемот на Палестинците гледале и вентил за празнење на гневот на луѓето. Но, тоа е меч со две острици: ако состојбата во сопствената земја е многу лоша, тогаш протестите можат да се свртат кон домашни проблеми и да станат критика на владејачкиот режим.“ Така е и сега: во Египет на овие протести се уапсени повеќе од сто лица, а на улиците има засилено присуство на полиција.

Слично е и во Бахреин: и таму уште од 2011 година и тамошната „пролет“ беа забранети било какви демонстрации се до октомври годинава. А кога луѓето излегоа на улици, испадна голем протест на кој на плакатите и паролите можеше да се види и цртеж на омразениот крал на Бахреин рака под рака со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тука интервенираше полицијата и со сила ги растера демонстрантите.

И во овие случаи владарите на тие земји „мораат многу претпазливо да ја водат играта“ и да го манипулираат гневот на граѓаните: од една страна да им го зборуваат она што тие сакаат да го чујат, но во бесот е тешко да се држат демонстрантите на узди. Добар пример е Тунис, вели Хилтерман – тамошниот авторитарен владетел Каис Саид и самиот ги истакнуваше страдањата на Палестинците за да ја стекне наклоноста на граѓаните.

„Еден од мотивите на Саид беше поттик на гневот за случувањата во Појасот Газа за да го одврати вниманието од очајната економска состојба дома“, вели експертот. Дури, тој јавно изјави дека поддржува закон со кој е злочин нормализирање на  односите со Израел.  Но, неодамна сепак, пред бројна публика, изјави дека таков закон би го „загрозил економскиот и дипломатски развој на Тунис.“

Арапските земји се раководат и од економски интереси
Арапските земји се раководат и од економски интересиФотографија: Fayez Nureldine/AFP/Getty Images

Доказ за слабост

Ел Хамалави укажува дека таквото двојно однесување всушност „покажува колку се слаби владите на арапските земји, вклучувајќи го и Египет, нивната неспособност да влијаат на настаните, да ги заштитат Палестинците или да изнудат прекин на огнот. А токму тоа предизвикува широко негодување: тоа се гледа на социјалните мрежи, каде трескавично се разменуваат вести од палестинските подрачја, исто како и карикатури и шеги колку се смешни и Ел-Сиси и другите арапски владетели.“

Дали стравот на странските владетели од демонстрантите е оправдан? Дали ќе настапи нова „Арапска пролет“? Не, нема, смета овој експерт, односно не барем сега. „Не сме на праг на нова 2011 година и затоа што постои битна разлика меѓу демонстрантите тогаш и сега“, вели Ел Хамалави, зашто режимот на Ел-Сиси помалку или повеќе успеа да го задуши секој организиран облик на протест. Но, тоа со време може да се промени и да се формира нешто ново: „Што подолго трае оваа војна, (во Газа), тоа е поголема можноста да се случи такво нешто.“

За да се спречи тоа, земјите од  Блискиот Исток кои потешко ги нормализираат односите со Израел веќе и од сопствена економска корист со ред мора да ги задоволат своите гневни граѓани, иако мислат нешто сосема друго.  Тоа го сведочат и новинарите од весникот „Економист“: „Во разговор 'оф рекорд' некои арапски владетели за  Хамас зборуваат со речник кој може да се очекува од екстремно десни Израелци“, пишува во статијата. „Немаат ни малку симпатии за исламистичката група  која ја поддржува Иран,  но не се осудуваат такви изјави да дадат во јавност.“

Тоа е мислење и на политичкиот колумнист на Ал Џазира, Марван Бисхара: „Денес арапските водачи се спремни да изразат поддршка на Палестинците, но само ретко некој од нив е способен и да го спроведе она што го зборува.“