1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Аптеките во Германија затворени

Тагесшау | ЕМФ
14 јуни 2023

Во знак на протест, повеќето аптеки во Германија денеска ќе останат затворени. Браншата се жали на зголемено оптоварување при пренизок финансиски надомест. Но, министерот за здравство не гледа многу простор за делување.

https://p.dw.com/p/4SY2a
Аптека Келн Германија
Вратите на аптеките во Германија денеска ќе останат затворениФотографија: Christoph Hardt /Future Images/imago images

Повеќето аптеки во Германија денеска (14.06) остануваат затворени. Браншата протестира против „манијата за штедење“ во здравствената политика. Лекови може да се набават само во дежурните аптеки. На „денот на протестот“ најавени се собири или демонстрации во неколку сојузни покраини, објави на својата веб-страница Сојузот на германските здруженија на фармацевти (АБДА). И во Берлин напладне се одржува „протестен марш“ од Потсдамер Плац до Сојузното министерство за економија, а планиран е и собир на Инвалиденплац.

АБДА го критикува порастот на барања и оптоварувања на вработените во аптеките кои се случуваат, на пример, поради теснец во снабдувањето со лекови или поради преголема бирократија во работењето. Проблемите со доставувањето лекови ја прават работата на аптеките „уште покомплицирана и тоа чини енергија и време“, се вели од АБДА. Во тој контекст, сојузот ја критикува, според нив, лошата здравствена политика на сојузната влада.

Предлог текстот на таканаречениот Закон за тесни грла за снабдување не е добар „ниту за подобрување на грижата за пациентите, ниту за поддршка на позицијата на аптеките како прва, локална точка на контакт за снабдување со лекови“. И тоа и покрај тоа што владејачките партии во својот коалициски договор го имаат зацртано токму тоа, се констатира од АБДА.

„Недоволното финансиско признание“ за аптеките го „загрозува нивното постоење“

АБДА оценува дека за зголемениот напор и дополнителната работа за вработените во аптеките нема „финансиско признание“. Браншата бара фиксната такса од 8,35 евра по лек на рецепт за совет да се зголеми на 12 евра. Оваа фиксна сума не е коригирана веќе десет години, и покрај зголемените трошоци, велат од АБДА. Тоа значи дека аптеките се „откачени од севкупниот економски развој“, што „веќе не е само неправедно, туку го загрозува нивното постоење“.

АБДА критикува дека другите здравствени установи, како што се медицинските ординации или клиниките, за разлика од аптеките, добиле дополнителен надомест за да обезбедат сигурна нега.

Германија аптека
Браншата бара фиксната такса од 8,35 евра по лек на рецепт за совет да се зголеми на 12 евраФотографија: Mohssen Assanimoghaddam/dpa/picture alliance

Лаутербах не гледа простор за повисок надомест

Но, сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах одговара негативно на барањата за повисоки плати за вработените во аптеките. Иако изрази разбирање за барањата на браншата, тој објаснува дека недостигот од дополнителни буџетски средства и зголемените придонеси за законското здравствено осигурување во моментов не оставаат простор за ваков чекор.

Барањето за повисоки примања наиде на отпор и кај Сојузот на здравствените каси за законско здравствено осигурување (ГКВ). Хонорарот за вработените во аптеките постојано се зголемува, бидејќи аптеките за секој лек, покрај паушалот, добиваат и по три отсто од набавната цена. „Со секое поскапување, со секој нов, поскап лек, се зголемува и хонорарот на аптекарот“, изјави портпаролот на ГКВ, Флоријан Ланц. Ако фиксната сума, како што се бара, се зголеми на дванаесет евра по издадено пакување лекови, тоа би значело дополнителен приход од 2,2 милијарди евра за аптеките - без да има какво било подобрување за пациентите.

Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах
Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах одговара негативно на барањата за повисоки плати за вработените во аптекитеФотографија: Tobias Schwarz/AFP/Getty Images

Аптекарите, пак, добиваат поддршка од владејачката партија ФДП. Ларс Линдеман од ФДП, кој се занимава со здравствени прашања, за агенцијата ДПА изјави: „Ако нема многу финансиски простор, тогаш мораме да ја смениме рамката“. Тоа за него значи - помалку бирократија, максимална флексибилност и сигурност за аптеките во планирањето. Паушално „не“ нема да го реши проблемот, предупредува Линдеман, нагласувајќи: „Затворени врати од аптеките не смеат да станат секојдневие“.

Сѐ помалку аптеки во земјата

Бројот на аптеки во Германија продолжува да опаѓа. Според ДПА, на крајот на март имало само уште околу 18.000 аптеки низ целата земја - најмал број во последните 40 години. Во првиот квартал од годинава на ниво на државата се отворени само 17 нови аптеки, додека во истиот период се затворени 146. И бројот на вработени во аптеките лани падна на околу 159.300.

Вкупниот промет на аптеките во 2022 година се искачи на речиси 64,9 милијарди евра.  Неоданочената добивка на една просечна аптека минатата година изнесувала 162.890 евра.