1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Во Германија повторно проектили од САД со дострел до Русија

СН | ДР /агенции | АРД
12 јули 2024

Во Германија повторно ќе бидат стационирани американски ракетни системи со долг дострел. Одлуката била подготвувана долго време, но сепак ги изненади Германците. Кремљ предупредува од враќање на Студената војна.

https://p.dw.com/p/4iCaE
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Вашингтон за време на самитот на НАТО
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Вашингтон за време на самитот на НАТОФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

За време на самитот на НАТО во Вашингтон, во средата (10-ти јули), Белата куќа и германската влада во кратко заедничко соопштение наведоа дека почнувајќи од 2026 година, САД привремено ќе стационираат вооружени системи со долг дострел од својата повеќедоменска работна група во Германија како дел од планот за нивно идно постојано стационирање. Тие конвенционални единици, кога ќе бидат целосно развиени, ќе вклучуваат СM-6, Томахавки и хиперсоничното оружје кое моментално се развива. Тие оружја ќе имаат значително поголем дострел од сегашните копнени системи во Европа.

Во соопштението се оценува дека потегот „јасно ја покажува американската посветеност кон НАТО и служи како придонес за интегрираното европско одвраќање“.

Тоа значи дека за првпат од крајот на Студената војна, во Германија ќе бидат стационирани американски вооружени системи кои достигнуваат дури до Русија. Не се знае каде ќе биде стационирано ова оружје, но се знае дека крстосувачките ракети Томахавк се составен дел на американската (и британската) воена морнарица и дека се лансираат од подморници и од бродови.

Планираното распоредување ќе почне повеќе од една година по претседателските избори во САД на 5 ноември 2024 година. Затоа одлуката би можела да биде поништена доколку републиканецот Доналд Трамп победи на изборите.

Американски крстосувачки проектил од типот Томохавк испукан од брод
Американски крстосувачки проектил од типот Томохавк испукан од бродФотографија: picture alliance/dpa

Од почетокот на руската агресорска војна против Украина, американскиот претседател Џозеф Бајден го зголеми присуството на американски војници во Германија и во Европа за подобра заштита на територијата на НАТО.

Кремљ: Ова е чекор „кон Студена војна“

Русија го критикуваше најавеното распоредување како чекор „кон Студена војна“. Во интервју емитувано на руската државна телевизија, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков, предупреди на тоа. „Сите белези на Студената војна се враќаат со директна конфронтација.“

Тој, исто така, уште еднаш ги обвини САД, Германија, Франција и Велика Британија дека се директно вклучени во војната во Украина.

Шолц: „Долго подготвувана одлука“

Најавата за распоредување на вакво оружје во земјата предизвика изненадување и загриженост кај некои опозициски политичари во Германија, меѓу другото и поради можна нова меѓународна трка во вооружување.

„Знаеме дека има неверојатна акумулација на оружје во Русија што е закана за европската територија“,  изјави канцеларот Олаф Шолц за новинарите на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон. Германија мора „да има сопствена заштита со одвраќање“, а за тоа е неопходно прецизно оружје.

Одлуката за поставување оружје со долг дострел во Германија „се подготвува долго време“, нагласи Шолц. Тоа „не е вистинско изненадување за секој кој е вклучен во безбедносната и мировната политика“. Шолц се осврна на стратегијата за национална безбедност. Оваа одлука се вклопува токму таму, и за таа стратегија беше јавно дискутирано, рече германскиот канцелар.

Писториус: „Со ова го обезбедуваме нашиот начин на живот“

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за јавниот сервис АРД изјави дека со планираното стационирање „ние го компензираме она што го опишуваме како недостаток на нашите способности“.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус
Германскиот министер за одбрана Борис ПисториусФотографија: Maja Hitij/Getty Images

Писториус предупредува дека Русија веројатно има такви системи стационирани во Калининград долго време, а со тоа и „на дофат на Германија и другите европски народи“. „Со оглед на новонастанатата ситуација, прашањето е: како ефективно да одвратиме?“

За тоа се потребни системи кои „јасно му даваат до знаење на можниот руски агресор дека сме способни и подготвени да се браниме“, рече германскиот министер за одбрана.„На секој удар против нас ќе биде одговорено, и тоа конвенционално“, додаде тој.

„Ние самите сме должни да развиваме такви системи“, рече Писториус. Но, ќе помине некое време пред да можат да се произведат такви системи во Европа. „Дотогаш, Американците ќе не поддржуваат, ставајќи ни на располагање релевантни системи“, рече Писториус.

Германската партија БСВ предупреди дека со тоа распоредување и самата Германија е во опасност да стане жариште на војна. Министерот за одбрана Писториус тоа го отфрли како „чиста глупост“.

Левицата, исто така, предупреди на нова можна трка во вооружување. На тоа, Писториус рече дека не се работи за „вооружување и претекнување некого“, туку за „достигнување средството на одвраќање да биде кредибилно“, со цел однапред да се спречи натамошна ескалација и нов воен конфликт. На овој начин „го обезбедуваме нашиот начин на живот, во безбедност и слобода“.

Се очекуваат дополнителни дискусии во Германија

Волфганг Рихтер, пензиониран полковник и соработник на Фондацијата за наука и политика, секако очекува дека планираното распоредување на американски крстосувачки ракети ќе биде тема на разговор во Германија, бидејќи претходно за тоа немаше домашна политичка дебата.

Волфганг Рихтер, пензиониран полковник на Бундесверот
Волфганг Рихтер, пензиониран полковник на БундесверотФотографија: DW

Според него, соопштението од самитот на НАТО било „извршна одлука“. Затоа тој претпоставува дека ќе следи поголема парламентарна расправа, вели Рихтер.

А, од експертска гледна точка, тоа можеби нема да бидат само прашања на внатрешно политичко ниво, туку и од страна на некои партнери во НАТО. Тој спомена дека Франција веќе негодувала, бидејќи одлуката за распоредување е „билатерална одлука“. „Изненадувачки е што таквиот чекор не беше најавен од НАТО како сојуз“, вели Рихтер.

Германија, Франција, Италија и Полска развиваат крстосувачка ракета

На самитот во Вашингтон, Германија, Франција, Италија и Полска потпишаа декларација за намери да развијат вооружен  систем со долг дострел за заедничка одбрана. Декларацијата е основа за проектот ЕЛСА - „Европски пристап за удар со долг дострел“  ("European Long-Range Strike Approach").

Целта на проектот е да се развие крстосувачка ракета која има значително поголем дострел од германскиот Таурус кој лета околу 500 километри.

Американски систем за противвоздушна одбрана Патриот во Германија
Американски систем за противвоздушна одбрана Патриот во ГерманијаФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

А американската компанија Рејтеон (Raytheon) која работи во рамките на гигантот Ар-ти-екс (RTX), на 11 јули објави дека склучила договор со Германија во вредност од 1,2 милијарди долари за испорака на уште еден противвоздушен систем Патриот , втор оваа година.

Опсегот на договорот ги вклучува најновaта конфигурација на Патриот 3+, радари, лансери, командни и контролни станици, соодветни резервни делови и човечка поддршка.

Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) проценува дека секоја таканаречена батерија Патриот чини околу 1,1 милијарди долари (1 милијарда евра): 400 милиони долари (375 милиони евра) за системот и 690 милиони долари (647 милиони евра) за проектилите. Во исто време, цената на една ракета беше проценета на 4,1 милиони долари (3,8 милиони евра).