1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаСоединети Американски Држави

Американската влада го забрани рускиот софтвер Касперски

ЕМФ / дпа
21 јуни 2024

Американската влада, по опсежна истрага, го забрани рускиот антивирусен софтвер Касперски.

https://p.dw.com/p/4hLD8
Russische Softwareunternehmen Kaspersky Lab
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/K. Kallinikov

Од 20 јули годинава ќе биде забранета продажба на рускиот софтвер Касперски на компании и потрошувачи во САД. Од 29 септември Касперски веќе нема да смее да прави апдејти, со што софтверот ќе стане во голем дел бескорисен за одбрана од нови закани. Американската влада соопшти дека забраната за антивирусниот софтвер била единствениот начин за отстранување на сомнежите поврзани со националната безбедност. Причина за забраната, како што се вели, се способностите на руската влада за сајбер напади и нејзините можности за влијание врз активностите на Касперски. Софтверот е во состојба да собира информации од американски компании и граѓани кои потоа може да бидат злоупотребени од страна на руската влада, предупреди американското Биро за индустрија и безбедност.

Касперски ги отфрла обвинувањата и најавува преземање правни чекори за заштита на бизнисот. Се претпоставува дека одлуката е донесена „врз основа на моменталната геополитичка клима и теоретска загриженост“, а не врз основа на анализа на софтверот и услугите на компанијата. „Касперски не се вклучува во активности кои ја загрозуваат националната безбедност на САД“, се вели во соопштението на онлајн платформата X.

Касперски, некогаш меѓународно почитуван специјалист за безбедност на персонални компјутери, со години тешко работи на Западот. Во Германија, Службата за информациска безбедност (БСИ) предупредува од употреба на софтверот. Во САД, инсталацијата на овој софтвер на владините уреди е забранета од 2017 година.