Рокас: ЕУ сака да помогне во евроинтеграцијата на Македонија
17 февруари 2025Европската Унија сака да помогне во евроинтеграцијата на Северна Македонија. Проширувањето ќе се случи, но потребно е што поскоро спроведување на неопходните реформи. Ова е пораката којашто ја испратија во Скопје странските амбасадори по презентацијата на најновите анализи коишто покажуваат дека евроскептицизмот се уште е присутен во земјата, а постои и голем отпор за спроведување на обврската за уставни измени, како еден од главните услови за напредок на патот кон ЕУ.
„Постои неотповиклива желба на ЕУ да помогне во евроинтегративниот процес на Северна Македонија. - Тука сме да помогнеме за што е можно поскоро да се спроведат неопходните реформи во земјата, со цел граѓаните да видат кои се придобивките во реално време од овие реформи“, порача евроамбасадорот Михалис Рокас. Главната порака на амбасадорите до граѓаните, според него, треба да биде уверувањето дека проширувањето ќе се случи.
„Од една страна, треба да се помогне со ставање на фокус на забрзување и што е можно поскоро спроведување на неопходните реформи, така што самите граѓани ќе можат да видат кои се придобивките во реално време од самите реформи, а од друга страна политички треба да се справиме и со поголемите предизвици кои се случуваат во Европа“, вели Рокас.
Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) презентираше две анализи на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ. Тие покажуваат дека 62% од испитаниците го поддржуваат пристапување кон Унијата, додека кај 11% има евроскептицирам. Според овие анализи, ЕУ останува најпосакуван партнер за македонските граѓани, додека перцепцијата за влијанието на САД бележи пад во однос на лани за 20%, што е голем пад и на некој начин е репозиционирање на јавноста во однос на глобалните текови.
„Партнери на патот кон ЕУ“
Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер вели дека е позитивно изненадена и оти граѓаните јасно го кажале своето мислење каде припаѓаат, а тоа е во Европа. Според Дрекслер, стапката на поддршка за влез во ЕУ е навистина висока. „Граѓаните кои беа анкетирани, јасно го истакнаа изборот каде припаѓаат - во Европа. Тука нема никакво сомнение. Дури и со намалувањето на довербата што се гледа во последните години, а тој тренд беше запрен, стапката на поддршка е 60 проценти, тоа е навистина силна поддршка“, вели таа.
Амбасадорката смета дека на Европа се гледа како на доверлив и долгорочен силен партнер и на тоа треба постојано да се работи. „Имајќи гипредвид сите предизвици со кои се соочуваме, една работа е јасна - ние сме партнери заедно, земјите на ЕУ и Северна Македонија, во процесот на пристапувањето и ќе продолжиме по тој пат“, додаде Дрекслер.
Таа упати порака: „Ако не верувате во можноста позитивно да се влијае на процесот, тогаш тој процес не треба ни да го започнете“. Осврнувајќи се на конференцијата за безбедност во Минхен, таа рече дека она што се покажало е дека Европа се наоѓа на една критична и егзестенцијална раскрсница по однос на безбедноста.
„Тоа не потсетува за што всушност е основана ЕУ. Тоа е Унија која што би требало да гарантира мир, слобода, стабилност и просперитет за своите луѓе и за своите соседи. Важно е да се потсетиме дека тоа е во сржта на она што треба да го бараме и постигнуваме заедно“, рече Дрекслер.
Неизвесноста води до евроскептицизам
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски смета дека отпорот кај граѓаните кон уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ, како и појавата на евроскептицизам, се должи на тоа што во Унијата постои неизвесност и нема стратегија за проширување.
Одложено дејство на уставни измени, според него, е рационален аргумент којшто би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира, а ЕУ да го менаџира тој процес до конечната цел.
„Македонија досега неколку пати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека таквите уставни измени ќе ја приближат Македонија кон преговорите за членство или кон самото членство, но очигледно е дека не ги исполнила своите ветувања и би било наивно да се прават уставни измени за да ни се случи уште едно неисполнето ветување“, вели Милошоски.