Вина и помирување: Еден злосторник и еден ангел од Дахау
29 април 2020Фелдафинг на езерото Штарнбергер, оддалечено 35 километри од Минхен. Бараме траги од Хајнрих Шиц, поранешен СС-лекар, кој овде живеел по завршениот кривичен процес против него. Осуден бил на десет години затвор за убиство на 11 лица и еден обид за убиство. Толку можело да се докаже, иако имало многу повеќе жртви. Шиц убивал затвореници во концентрациониот логор Дахау, извршувајќи псевдомедицински обиди врз нив.
Во Фелдафинг никој не знае ништо за тоа, иако некои се сеќаваат на Шиц. „Беше добар човек, секогаш љубезен“, вели некогашната сосетка која го одржува неговиот гроб. Тоа што го дознава од нас, е шокирачки, повторува таа повеќепати.
Уништување на свештенството
Во септември 1939 година, 23-годишниот Кажимир Мајдански бил пред крај на студиите по теологија во Влоцлавек во Полска. Германските окупатори почнувале систематски да ја уништуваат полската интелигенција, меѓу другото го апселе и свештенството. И Мајдански бил испратен во концентрациониот логор Заксенхаузен, подоцна во Дахау. Од 1940 година таму биле затворени преку 2700 христијански свештеници од цела Европа. Преку 1700 биле Полјаци, половината не преживеале.
Во пролетта 1940 во Дахау стигнал и СС-лекарот Хајнрих Шиц, две години подоцна раководел со одделот за интерна медицина во логорската болница. „Со неуморен труд и исклучителна доверливост“, стои во унапредувањето во мајор.
Дахау е центар на псевдомедицински експерименти. Затворениците целно биле инфицирани со маларија или пегав тифус, на нив се тестирале смрзнатици. Шиц раководел со експериментите со сепса и гнојни запаленија. Во третманот биле променувани биохемиски средства, кои уште тогаш важеле за неделотворни. Во Дахау експериментите биле вршени претежно врз свештеници, како релативно здрави.
Експерименти
Ноември 1942 година. Во болничкиот ревир се вкрстуваат патиштата на Кажимир Мајдански и Хајнрих Шиц. 20 свештеници биле избрани за експериментирање, со влечење ждрепка. Лекарите, меѓу кои и Шиц, им вбризгувале гној. Некои умирале за 24 часа, преживеаните биле подложувани на третман, во групи, од група А со делотворен сулфонамид Тибатин, група Б по биохемиски пат. Кажимир Мејдански бил во втората група. Полека губел сили. Запалението се проширило, констатирала и комисијата која вршела контроли. Хајнрих Шиц бил нејзин важен член, знаел дека пациентите ќе умрат, за него тие биле само лабораториски глувци. Од пациентите течел гној, на некои им ампутирале раце или нозе, умирале бавно, во нечовечки маки. И Кажимир Мајдански го чекала смрт.
Ангелот од Дахау
„Во Дахау видов луѓе и чудовишта. Чудовишта беа оние кои ја загубиле човечноста“, изјави Мајдански во 1995 година во интервју за Дојче веле. На одделот за експерименти како негуватели работеле германски политички затвореници, првенствено социјалдемократи и комунисти. Меѓу нив и раководителот на негувателите Хајнрих Штер, наречен Хајни. Мајдански се сеќава на неговата љубезна насмевка кога се будел од болните операции. Од него Мајдански дознал дека му се заканува опасно труење на крвта. „Сакам да те спасам“, му рекол Хајни на Мајдански, кришум му ставил серија инјекции Тибатин. Штер спасил и други.
Мајдански го дочекал ослободувањето на логорот на 29 април 1945 година. Овој датум игра важна улога во неговиот живот. Токму 30 години подоцна на овој датум полските власти му дале дозвола за остварување на неговото животно дело - Семејниот институт на Теолошката академија во Варшава, кој постои до денес. Но, ужасите од логорот постојано се враќале во неговите ноќни кошмари.
Познатиот лекар од Есен
По војната, поранешниот СС-мајор Хајнрих Шиц живеел во Есен-Бреденеј. Интернистот имал ординација во најпознатиот кварт. Негови пациенти биле богати индустријалци или банкари со семејствата. Самиот бил член на ексклузивниот Ротари клуб. Кога Шиц ја почнал кариерата во Есен, во Нирнберг почнале Нирнбершките процеси против злосторниците од Третиот рајх. Сведок бил и поранешниот негувател Хајни. Но, никој не се интересирал за поранешниот СС-лекар. Следните 25 години злосторникот од Дахау водел мирен живот и основал семејство, имал четири деца.
Вина без казна
Дури во 1966 година започнал процес против Шиц. Пет години подоцна бил уапсен, во истражен затвор поминал само два месеца. Приватна банка од Есен, Буркард и компанија, платила висока кауција од тогашни 250.000 марки за Шиц да биде на слобода.
Во октомври 1975 почнал судски процес против него во Покраинскиот суд во Минхен. Пресудата била донесена по пет недели: 10 години затвор. Била правосилна, но Шиц не поминал ниту еден ден во затвор. Лекари издале потврда дека е болен. Наместо да оди во затвор, се преселил со семејството во Фелдафинг, 50 километри од Дахау. Таму никој не го знаел неговото минато. Не паѓал в очи. Живеел на работ на селото, најчесто останувал дома, понекогаш одел на прошетки. Поранешниот СС-лекар умрел во 1986 година, на 80 години.
Поглед очи в очи
Во ова време Мајдански веќе бил бискуп во диоцезата Штетин во Полска, професор по теологија и член на важни тела во Ватикан. Во есента 1975 година се сретнал со својот мачител во судската сала во Минхен. Како гест на простување, Мајдански му пружил рака на Шиц.
„Д-р Шиц не сакаше да ја пушти мојата рака, кога му реков: ‘Конечно можеме да си погледнеме во очи!' Шиц шепотеше: ‘Морав тоа да го правам, но правев помалку отколку што беше барано од мене'".
„Не е ли злосторникот едно од најбедните суштества под сонцето?“ напиша Мајдански во своите мемоари.
Сакавме да ги прашаме децата на Шиц дали татко им зборувал за оваа трогателна сцена? Но, децата молчат и ни порачаа – мртвите треба да се остават на мир. Минатото да остане минато. Да се заборави.
Помирување
Сосем поинаку од неговиот имењак Хајнрих Штер. Поранешниот затвореник по војната стана активен политичар во СПД, пратеник во покраинскиот парламент на Баварија, социјално ангажиран. Со неговата сопруга се залагаше за отворање старечки и дом за нега во Вајзенбург, кој подоцна ќе го носи нивното име. Дури и една улица го носи името на „ангелот“ од Дахау.
По војната бискупот Мајдански не успеа лино да му заблагодари на својот спасител. „Хајни“ почина во 1958 година. Тој имаше верба во луѓето, исто како и Кажимир Мајдански. Бискупот стана заговорник на мир и помирување. Во ноември 1965 година тој го потпиша познатото писмо на полските бискупи до нивните германски собраќа: „Ние даваме прошка и молиме за прошка.“ Со ова писмо започна процесот на германско-полското помирување. Лично и официјално, Мајдански даваше сигнали: во катедралата во Штетин често го посетуваа германски бискупи, со кои вршеше заеднички богослужби и им приредуваше пријателски прием.
Надбискупот Мајдански почина на 29 април 2007 година, на годишнината од ослободувањето на КЛ Дахау. Неговите најблиски соработници се уверени: Кажимир Мајдански цел живот се молеше за Хајни Штер, неговиот ангел од Дахау. И за злосторникот Хајнрих Шиц.
Од серијата репортажи „Вина без казна“, проект на полската редакција во Дојче веле и Интериа и Виртуена Полска, dw.com/zbrodniabezkary