1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

70 години од „Кристалната ноќ“

9 ноември 2008

Ноќта меѓу 9 и 10 ноември 1938 година во Германија беа демолирани еврејските објекти и синагоги. Евреите малтретирани и депортирани во концентрациони логори. Германија ја одбележа 70-годишнината од погромот врз Евреите

https://p.dw.com/p/FpFN

Одбележувањето на 70-годишнината од „Кристалната ноќ“ во Германија, со која почна страшниот погром над Евреите во земјата, доби невообичаена завршница. Синоќа во Берлин се одржа посебен концерт во зданието на ноедамна затворениот аеродром Темпелхоф, каде 20 музичари со светско реноме одржаа тричасовен добротворен концерт.

Најголемо внимание при тоа привлече настапот на израелскиот пијанист Менахем Преслер, кој ноќта на погромот на Евреите во 1938-та ја доживеа како 14-годишно момче во градот Магдебург. Идејата за концертот дојде од британскиот виолинист од светска класа Даниел Хоуп, а покровителството го презеде шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер.

Потребно е одлучно спротиставување на расизмот и антисемитизмот

По повод навршувањето полни седум децении од координираната акција на нацистите ширум Германија, во која беа палени синагоги и уништувани дуќани на еврејските сограѓани, канцеларката Ангела Меркел порача дека такво нешто не смее никогаш повторно да добие шанса да се повтори. При тоа таа предупреди дека „рамнодушноста е првиот чекор во насока на загрозување на темелните вредности на едно општество“. Кандидатката на германските социјалдемократи за иден претедател на државата Гезине Шван, пак, порача дека граѓаните со цивилен кураж можат да создадат тврдина против секаков вид на злоупотреба на моќ и политичко своеволие.

EU Sondergipfel in Brüssel Angela Merkel
Меркел повика на одлучна борба против расизмот и антисемитизмотФотографија: AP

Ноќта на погромот

Во ноќта меѓу 9 и 10 ноември 1938 година во цела Германија беа демолирани продавниците и другите објекти во сопственост на Евреи, беа запалени синаногите, еврејските граѓани беа навредувани, малтретирани, тепани, затворани или депортирани во концентрациони логори. Ноќта на погромот наводно беше спонтан излив на народен бес, но во суштина таа беше инсценирана и раководена од нацистичката власт во земјата. Поводот за погромот беше убиството на еден германски дипломат во Париз од страна на 17 годишниот полски Евреин, Хершел Гринжшпан. Момчето стравувало за иднината на неговите родители кои со останатите полски Евреи биле протерани на ничија земја меѓу Германија и Полска.

Насилствата на 9 и 10 ноември, наречени во народот Кристална ноќ, поради големиот број искршени излози - беа одмазднички акт на нацистите и првиот голем напад врз Евреите во нацистичка Германија и Австрија. Стотици продавници и складишта, домови и синагоги беа запалени или целосно уништени, а штетите изнесуваа повеќе милиони рајхсмарки. Жртвите на погромот конечно беа двојно казнети од страна на нацистите. Под изговор дека треба да сторат нешто за поправање на ситуацијата по убиството на германскиот дипломат, на Евреите им беше одредена казна од една милијарда рајхсмарки. Евреите мораа своите продавници да ги реновираат на сопствен трошок. Истовремено беше забрзан и процесот на одземање на еврејскиот имот.

Feliks Chiczewski rettet 1300 Juden polnischer Herkunft 3
Илјадници Евреи беа депортирани во концентрациони логориФотографија: Polnisches Institut Leipzig

„Конечно решение“

Ноемврискиот погром до денес важи како пресвртен момент со кој се отвори патот кон целосно уништување на еврејството во Германија и важи за прв чекор до т.н „Конечно решение“, односно масовното убиство на Евреите во концентрационите логори.

Во модерната германска држава овој ден секогаш се оддбележува на посебен начин. Пораката гласи: Да не се заборави за да не се повтори. На овој ден вниманието на јавноста целосно е свртено кон еврејската заедница во земјата и нејзините активности. Пред Втората Светска Војна во Германија живееле околу 600 000 Евреи, а во 1945 година останале само 12 000. Денеска во Германија живеат повеќе од 110 000 Евреи.

Инаку 9-ти ноември го нарекуваат судбински ден во германската историја, оти на тој датум се случија многу настани, кои претставуваат пресвртна точка за Германија. Најновиот, падот на берлинскиот ѕид, по што уследи повторното обединување на Германија, се случи пред 19 години. А првиот во серијата настани беше во 1848-ма: стрелањето на борецот за слобода Роберт Блум во Виена беше почеток на крајот на мартовската револуција во државите на Германскиот Сојуз. На 9-ти ноември во 1918-та беше прогласена Германската Република, а пет години подоцна во Минхен се одигра таканаречениот „Хитлеров пуч“, кога Национал-социјалистичката партија НСДАП за прв пат го сврте вниманието врз себе.