1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

60 години од основањето на ЦСУ

Хајнц Дилонг3 декември 2005

ЦСУ, со 170 илјади членови, е ограничена само на Баварија, но има значително влијание врз германската сојузна политика

https://p.dw.com/p/Acbi
Е.Штојбер, претседател на ЦСУ
Е.Штојбер, претседател на ЦСУФотографија: AP

Пред 6 децении, всушност, се формирани повеќе комунални и регионални групи, кои во јануари 1946-та година се здружија во единствената Христијанско-социјалната унија. ЦСУ повеќе од 40 години е доминантна партија во покраината Баварија. Со само тригодишен прекин, помеѓу 1954-та и 57-ма, таа постојано го дава премиерот на втората по големина германска сојузна покраина со 12 ипол милиони жители. Од 1962-ра редовно има апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент. Во нејзината програма рамномерно се нагласени конзервативниот став, христијанската ориентација и федерализмот.

ЦСУ во перцепцијата на јавноста се поистоветува со Баварија – само таму настапува на изборите, што и’ овозможува особено силно да се ангажира за посебните интереси на покраината. „Во краткиот период како опозиција, ЦСУ со Ханс Зајдел како претседател токму тоа го осозна како како рецепт за успех, кој во основа го поврза економското модернизирање на Баварија со аспирациите и на сојузно ниво“ – оценува Андреас Кислинг, истражувач на партиите од универзитетот во Минхен.

ЦСУ и навистина може да се пофали со модернизацијата на порано аграрната покраина, а аспирации и на сојузно ниво има од самото основање. Како сестринска партија на Христијанско-демократската унија – ЦДУ, која пак воопшто не настапува на изборите во Баварија, ЦСУ учествуваше со повеќе министри во сите влади предводени од ЦДУ; обете партии во Бундестагот сочинуваат една фракциска заедница. Тоа има предности, но создава и проблеми, вели Кислинг: „ЦСУ постојано е во стратегиска дилема: јасно е дека може да биде успешна само ако остава впечаток на колку што е можна поголема сплотеност со ЦДУ, но секогаш стои и под притисок за самопрофилирање“.

Така, во општествено-политички прашања, како законската регулатива за доселувањето и за странците, или во сузбивањето на криминалот, ЦСУ често пати зазема поконзервативни ставови од сестринската ЦДУ. Кај социјално-политичките прашања има обратна ситуација. Со тоа што секогаш се презентира како партија на обичните луѓе и на социјален баланс, ЦСУ и’ ја оттргна тематската база на СПД.

Во таквиот развој улога играа и популистичките настапи на личности како Франц-Јозеф Штраус, кој беше на чело на ЦСУ 27 години, се’ до смртта во 1988-ма година. Штраус 10 години беше и покраински премиер на Баварија. Пред 25 години беше кандидат на ЦДУ и ЦСУ за сојузен канцелар, но ги загуби изборите, токму како и Едмунд Штојбер пред 3 години. На дистанца останаа пред се’ избирачите на северот. Во Баварија ЦСУ сега има двотретинско мнозинство во покраинскиот парламент, но Кислинг предупредува: „Решавачко за ЦСУ е да се здобие со способност за регенерација, зашто и во Баварија избирачите станаа пофлексибилни. Мнозинството за ЦСУ помалку од кога и да е “е од бога дадено“ и и баварскиот избирач е се’ по пребирлив“.