1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Rundfunk Deutschland

6 јуни 2010

Каква улога има јавниот радиодифузен сервис на либерализираниот медиумски пазар во Германија? Дали е само скапо финансирана нишка покрај приватните медиуми или како чувар на квалитетното новинарство е важна противтежа?

https://p.dw.com/p/NjM3

Јавниот радиодифузен сервис без сомневање мина низ многу структурни и содржински промени во изминатите шест децении. Создаден е на иницијатива на сојузничките сили, кои во никој случај не сакаа да дозволат медиум за порпаганда, каков што имаа националсоцијалистите. Нивната претстава за задачите на јавниот радиодифузен сервис во Германија беше јасна - тој не треба да е државен и оваа премиса важи до денес. Надзорните тела, со кои седат претставници на различни општествени групи имаат за задача да вршат контрола на тоа телевизијата, радиото, и во меѓувреме и онлајн-сферата, да не станат сојузници на владата. Сепак, се покажува дека политиката постојано се обидува да врши влијание врз персоналните одлуки. Критичарите кои на јавниот сервис му префрлаат дека не е доволно дистанциран од политиката, на пример, се жалат поради изборот на досегашниот портпарол на владата на Ангела Меркел за генерален директор на Бајерише Рундфунк и тоа го нарекуваат „политички несензибилно“. Но, фактот што за ваквата одлука се води јавна дебата во земјата е и сигнал за тоа дека мешањето на политичките интереси во медиумите финансирани од радиодифузна такса не е нешто што е само по себе разбирливо.

Verica Spasovska
Верица Спасовска

Критичарите предизвикаа и содржинска промена во јавниот радиодифузен систем. По долги години монопол, тој систем од 80-тите години на минатиот век е во конкурентска борба со приватните медиуми кои го освоија пазарот и големиот број на гледачи со булеварски информации, скандали и хјуман-тач приказни. Притисокот врз јавниот сервис да се легитимира исто така со успех кој ќе биде мерлив, се зголемува.

При обидот на широките маси да им понуди добра забава, на програмата се ставаат и емисии, кои во нивниот ’опсег’ веќе не се разликуваат од она што се нуди во приватните медиуми. „Популарното да се направи добро, а доброто да се направи популарно“ - гласи максимата на програмскиот директор на јавниот сервис АРД, Фолкер Херес, но таа не е секогаш успешна. Сепак, и покрај притисокот да се освојат што поголем број гледачи, јавниот радиодифузен сервис во Германија е понудувач на програма каде може да се најде многу нешто за што на приватните медиуми нема место - извонредни документарни програми и телевизиски игри кои храбро допираат непријатни општествени теми, кои се контроверзни и предизвикуваат дебати што се важни. На пример, играниот филм „Контерган“, кој се занимава со расветлување на скандалот со фаталните несакани дејства на еден лек кој во 60-тите години предизвика телесни оштетувања на илјадници германски деца. Овој филм не само што има освоено повеќе награди, туку го гледаа и милиони гледачи. Доколку јавниот радиодифузен сервис во Германија и во иднина има храброст да се зафаќа со вакви теми, тогаш загриженост за неговата иднина не е потребна.

Автор на коментарот: Верица Спасовска

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска