50 години Бундеслига
23 август 2012Во меѓувреме, Бундеслигата стана една од најсилните национални лиги во Европа, а ги урива и рекордите во посетеност на натпреварите.
Ото Рехагел е сведок на историјата на Бундеслигата: учествуваше во неа од самиот почеток, прво како играч, а потоа и како тренер. Основањето на лигата одамна беше повеќе од неопходно - другите европски фудбалски нации како Англија, Шпанија или Италија од поодамна имаа професионална лига. Но, во меѓувреме, Бундеслигата ги надмина сите нив - барем што се однесува до посетеноста.
„Бундеслигата беше атрактивна уште од првиот ден и стануваше се’ поатрактивна, се’ до денес. Погледнете само дека кој сака денес во Дортмунд да добие влезница, мора да се пријави многу рано“, вели Рехагел.
И не е само кај шампионот Борусија Дортмунд така. Минатата сезона за првпат просекот надмина 44 илјади гледачи по натпревар.
„Ова е денес една успешна приказна и таа продолжува, оти на крајот од минатата сезона имавме просек од 44.293 гледачи по натпревар. Тоа е сензационално“, смета претседателот на Лигата, Рајнхард Раубал.
Јубилејната сезона започнува на 24 август со натпреварот Борусија Дортмунд против Вердер Бремен - токму истата двојка како и на првиот натпревар пред 50 години.