1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2015 чинеше многу, 2016 ќе биде уште поскапа!

Костадин Делимитов2 јануари 2016

Намалена невработеност, зголемена задолженост се економските белези на минатата година во Македонија. Што носи Новата 2016 година?

https://p.dw.com/p/1HX4P
Фотографија: DW/N. Velickovic

Македонија испрати уште една економски турбулентна година која статистиката ја изброи како успешна. Раст од 3,5% во првите три квартали, намалена невработеност на 25,5%, јавен долг од безмалку 45% од БДП, се клучните параметри кои ги отсликуваат перформансите во изминатите 365 денови. Но колку статистичките бројки и реално се пресликани во секојдневието? Дали 2015 навистина треба и може да се оцени како успешна? Власта е задоволна, а ќе беше уште повеќе ако годината не изминала во знакот на политичката криза:

„Да не беше оваа политичка криза наметната од опозицијата, економијата ќе се развиваше уште побрзо и многу поголем број на лица ќе се вработеа“, оцени премиерот Никола Груевски во своето новогодишно обраќање. Невработеноста според него е еден од клучните успеси во годината:

„Ми претставува особено задоволство фактот дека во 2015 оствариме нова рекордно ниска стапка на невработеност, која заклучно со септември е 25,5%. Да потсетам таа беше околу 38% во 2006, од кога континуирно секој квартал се намалува. Имаме уште работа на овој план, но можеме комотно да кажеме дека сме на добар пат. Државниот долг на земјата не се зголеми, туку и се намали од 39 на 36 отсто од БДП, и сме четврта најниско задолжена земја во Европа, според ЕУРОСТАТ. Позитивниот тренд во економијата особено на полето на инвестициите ќе продолжи и во 2016, за кога е проектиран раст од 4% од БДП и натамошно намалување на невработеноста, вели Груевски.

Arbeitsagentur in Tetovo Mazedonien
Фотографија: privat

Предиззвици допрва претстојат

Наспроти задоволството кај власта оценките на опозицијата се дека Македонија преживеа уште една година на промашени и нереализирани економски проекции, опасно зголемување на јавниот долг, продлабочување на јазот помеѓу богатите и сиромашните:

„Време е во 2016 година да започне изградбата на едно поправедно општество во Македонија. Општество во кое целта на економската политика ќе биде создавање на средна класа, а не како досега богатење на една мала група на луѓе, а осиромашување на мнозинството граѓани. За тоа да се постигне потребна е максимална транспарентност во трошењето на парите на граѓаните од страна на власта. Транспрентноста треба да ги намали можностите на малата група на луѓе на власт да ги злоупотребуваат државните ресурси. Се додека таа не постои, политичките елити секогаш ќе наоѓаат начини како парите на граѓаните да ги искористи во своја полза, а сите останати да добијат по многу малку или речиси ништо. Втората промена треба да овозможи функционирање на основните механизми на прераспределба на доходот, а тоа се даноците и социјалните трансфери. Потребно е да се воведат пониски даноци за посиромашните, а посилно одданочување на најбогатите и луксузот, заедно со реформа на социјалните трансфери во насока на подобро таргетирање на најранливите лица и создавање програми што ги извлекуваат корисниците од сиромаштија“, смета Драган Тевдоски претседател на комисијата за економија во СДСМ.

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Во 2015 беа најавени десетици нови странски компании, беа потпишани договори со дузина, а почнаа да се реалзираат неколку проекти. Сепак, Народната Банка изброи само 116 милиони евра директни странски инвестиции заклучно со септември. И оваа година остана тајна колку пари како директна и индиректна поддршка добиваат фабриките во слободните зони. За разлика од странските, домашните компании кои постојано апелираат на идентичен третман со оние во зоните, се задоволни што успеале да се одржат во живот. Сепак предупредуваат дека предизвиците допрва претстојат:

„Инвестициите во инфраструктурата дадоа главен белег на 2015, иако ќе беше многу подобро ако овој процес започнеше да се реализира уште пред 5, 6 години кога на тоа и се инсистираше од наша страна. Но сепак никогаш не е доцна. Клучниот проблем е политичката криза која создава голема неизвесност но и актуелната поделба на одговорноста во одредени министерства што реално го кочи функционирањето во секојдневието. Во делот на странските инвестиции е добро што на пример почнаа и домашни компании да инвестираат во зоните, но сепак сметам дека политиките на овој план треба да се променат во насока на изедначување на третманот за сите, не само за оние што инвестираат во зоните. Оти верувајте на овој начин домашните фирми го губат квалитетниот и квалификуван кадар бидејќи се ставени во една нерамноправна положба“, предупредува Антони Пешев претседател на управниот одбор на Стопанска комора на Македонија.

„Остварениот раст од 3,5 проценти не е резултат на раст на сите сектори во економијата, туку на фаворизирање на одредени области. Имавме перманентен пораст на јавниот долг, буџетскиот дефицит, дупката во Пензискиот фонд. Дополнителен проблем се и долговите, посебно во делот на ненавремениот поврат на ДДВ што сметаме дека мора да се корегира во наредниот период. Мора да се работи и на поголемо поврзување на странските инвеститори со домашното стопанство кое неправедно е запоставено на овој план “, смета Неби Хоџа, претседател на Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: DW/Medana Weident

Економијата под притисок на политичката криза

Дел од експертската јавност предупредува дека еден од клучните проблеми на Македонија е структурата на растот. Серизоно се загрижени и од трендот на непродуктивни трошења и скапите популистички мерки кои само го зголемуваат јавниот долг:

„Дистрибуцијата на растот останува многу лоша, растот скоро целосно завршува кај сопствениците на капиталот, додека само мал дел останува кај работниците. Растот е движен од градежништвото, кое се финансира со скапи кредити од странство, кои допрва ќе се враќаат во годините што следуваат. Буџетскиот дефицит повторно е повисок од првично планираниот, и тоа главно заради новите вработувања во јавната администрација (во ситуација кога 1600 административци земаат плата без да одат на работа), заради зголемените плати на полицајците и заради зголемените пензии. Не се за занемарување ни новите споменици од Скопје 2014, ни сите оние евтини предизборни популистички мерки, како бесплатниот превоз за студентите. 2015 ќе ја запомнам и како година во која слушнав најмногу сомнежи во веродостојноста на официјалните податоци. Кога Министерството за финансии вели дека јавниот долг е 44%, сите знаат дека тој долг не е целосен. Кога Министерството за информатичко општество и администрација вели дека бројот на вработени во јавниот сектор е 130.000, скоро никој не верува ни во тоа. Многумина се сомневаат дека економскиот раст е навистина 3-3.5%, дека невработеноста навистина се намалува, слично како и сиромаштијата“, коментира економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Во 2015 банкарскиот сектор остана стабилен, а кредитниот раст солиден. Банкарите го одврзаа ќесето за кредити за граѓаните кои достигнаа безмалку две милијарди евра. Народната банка реагираше со предупредување ваквиот тренд да подзапре, воведе нов сет мерки кои стартуваа од 1 јануари со цел повеќе да се финансираат становите и инвестициските проекти на компаниите:

Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Растот на потрошувачките кредити достигна 12.8% и е двојно повисок од зголемувањето на корпопративните кредити што за нас не е прифатливо на подолг рок, парите треба да се трошат за попродуктивни цели и за креирање раст и нови работни места“, изјави неодамна Гувернерот Димитар Богов.

2016 година македонската економија ја започнува со притисок од политичката криза и неизвесноста што ја носат предвремените парламентарни избори во април. Година во која власта планира да потроши рекордни 3,2 милијарди евра и да оствари економски раст од 4%. Експерти и бизнисмени предупредија дека во кризна и изборна година е илузорно да се проектира рекордно тежок буџет. Власта пак е оптимист и верува дека проекцијата е остварлива, посебно ако се има предвид дека растот ќе се базира врз политиката на поддршка преку капиталните инвестиции. И годинава најголем дел од народната каса ќе се потроши за плати, пензии, социјална помош.