2015-та краен рок за мерки против затоплувањето на земјината клима
17 ноември 2007Светскиот совет за климата во најновиот, четврти извештај за климата објавен денеска, ургентно предупреди на последиците од затоплувањето на планетава. Истражувачите и политичарите во него појасно отколку било кога досега го означуваат човекот како предизвикувач на земјиното затоплување.
Само уште до 2015-та година останува време за да се запре порастот на испуштањето гасови штетни за климата. Дури и кога концентрацијата на јаглен диоксид би останала на денешното ниво, тоа не би го стабилизирало порастот на нивото на морето за наредните столетија. Во последните 40-ина години се проширија сушните подрачја. Во опасност за изумирање се 20 до 30 насто од познатите животински и растителни видови, истакна денеска, на крајот од петдневните консултации во Валенсија, претседателот на Советот за клима на ОН Раџендра Пачаури.
Бан: научниците ја извршија својата работа, сега се владите на потег
„Најлошите сценарија на Светскиот климатски совет се застрашувачки како во научно-фантастичен филм“, рече генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун при претставувањето на извештајот во Валенција и додаде: „Пораката што ја содржи не може да биде поедноставна. Заканата од промена на климата е реална, но во него има и конкретни расположливи патишта за постапување со таа закана“.
Според Бан, извештајот е основа за претстојаната Конференција на ОН за климатските промени, што ќе започне по две недели на индонезискиот остров Бали. Генералниот секретар на ОН го нагласи посебното значење на тој собир: „Владите треба да изнајдат политички решенија за она, за што сега имаме вистински научно утврдени факти. Нужен е пробив за постигнување согласност за почеток на преговори за издржан договор што сите нации ќе можат да го прифатат и применат. Научниците ја извршија својата работа, сега ги повикувам политичките лидери и тие да го сторат своето и да се согласат не само за почеток на преговори, туку и нив да ги завршат до 2009-та година“.
Задршки на САД за извештајот, но не и за потребата да се дејствува
САД сметаат дека нема недвосмислена научна дефиниција на ризиците за промена на климата, е нагласено од редовите на американската делегација. Заклучоците во извештајот Американците ги оценуваат како „интерпретација“ и „политичко решение“. Сепак, и САД сметаат дека мора да се дејствува и оти мора да се унапредуваат технологии кои ќе овозможат трајно решение на проблемот.
ДПА, АФП / З. Јордановски