1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе продолжат ли преговорите за статусот на Косово?

19 март 2007

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со изјавата за продолжување на преговорите со нов посредник на светската организација очигледно дека ги изненади западните земји кои сеуште не реагираат.

https://p.dw.com/p/Adff
Сергеј Лавров
Сергеј ЛавровФотографија: AP

Вниманието на Белград и Приштина е насочено кон Вашингтон каде попладне ЕУ тројката предводена од германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс ќе разговараат за Косово. Западот сеуште молчи по ставот на Москва кој го изнесе шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров:

"Се зависи од позицијата на двете страни. Јас сметам дека е неопходно преговорите да продолжат. Доколку Марти Ахтисари е на мислење дека се исцрпени сите можности тогаш треба да се најде друг човек кој натаму ќе се зафати со ова прашање“ рече Лавров.

Експертот за случувањата на Балканот од фондацијата за наука и политика во Берлин, Душан Рељиќ смета дека изјавата на Лавров е значајна пресвртница во позицијата на Москва.

" По ваквите изјави мислам дека шансите за успех на планот на Марти Ахтисари во онаа форма како што тој го претстави пред неколку денови се незначителни“

Ваквиот потег на Москва според Рељиќ не изненадува со оглед на фактот дека Русија ги загуби своите воено политички потенцијали да проектира моќ каде што сака. Таа сака да издејствува признание дека е рамноправна политичка сила и се чувствува повредена бидејќи смета дека била иземена од дипломатските случувања околу Косово, вели Рељиќ и додава:

"Се разбира дека има такви кои се сомневаат во постојаноста на рускиот став и сметаат дека кога тогаш Русија ќе му излезе во пресрет на западот. Се е можно. Но сметам дека Русија на балканот нема што да загуби туку напротив може да добие. Мислам дека најголем губитник ќе биде ЕУ бидејќи се` ова се случува во регион кој еден ден треба да стане дел од Унијата“ смета Рељиќ

Инаку денеска советот за безбедност на ОН зад затворени врати го разгледува извештајот на УНМИК за состојбата во покраината. Шеефот на цивилната админситрација Јоаким Рикер изјави дека станува збор за извештај во кој се известува за напредокот во последните три месеци. Рикер нагласи дека институциите треба да се фокусираат кон остварување на стандардите и враќање на бегалците.