1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе оди ли Гугл по патот на Мајкрософт?

Кристи Пледсон
22 октомври 2020

Во досега невидена тужба против Гугл се отсликуваат сите досегашни напори да се зауздаат технолошките гиганти како Мајкрософт или Епл. По обидите за примена на антимонополските закони дел од играчите заостануваат.

https://p.dw.com/p/3kHKl
Symbolbild Google
Фотографија: Eibner Europa/imago

Антимонополската судска постапка која неделава ја покрена американското Министерство за правда против Алфабет Инк. Гугл е невиден преседан и предизвик за доминацијата на глобалниот технолошки гигант.

Тужбата според која наводно компанијата створила монопол преку незаконско плаќање на производители на телефони за да се осигура дека Гугл хром ќе се појавува како стандарден пребарувач во мобилните телефони – е само почеток. Претходно овој месец, во извештајот на Судскиот комитет на Претставничкиот дом на САД се бараа огромни измени во американскиот Закон за монопол, откако е заклучено дека Гугл и колегите - американските технолошки гиганти Епл, Амазон и Фејсбук ја злоупотребуваат својата доминација на пазарот. Се очекуваат повеќе тужби против Гугл. 

Акцијата против технолошките монополи се интензивираше и во Европа. Во средата, Европскиот парламент со големо мнозинство ги поддржа плановите за развој на Закон за дигитални услуги, легислатива која има за цел значително да ја заузда моќта на технолошките гиганти во ЕУ.

Главната тужба против Гугл е последната во годините на огромни владини обиди да се примени антимонополскиот закон врз компани кои некогаш биле малечки стартапи но рапидно се развиле во глобални сили со потенцијал да ја задушат конкуренцијата и иновациите.

Министерството за правда контра Мајкрософт

Со револуционерниот случај од 1998 година, Министерството за правда го обвини компјутерскиот и софтверски гигант Мајкрософт дека им отежнува на производителите на компјутери и корисници да користат други веб-прелистувачи освен Мајкрософт интернет експлорер, кој доаѓа прединсталиран на сите компјутери на Мајкрософт. Министерството за правда пресуди дека „пакетот“ на Мајкрософт, составен од неговиот софтвер за веб-прелистувач и нивниот оперативен систем е причина за големиот успех на компанијата и дека овој потег претставува незаконска монополизација, според антимонополскиот закон на САД донесен во 1890 година.

Повеќе:

Корона-криза? Не за секого!

„Сајбер бароните“ од Фејсбук, Амазон, Епл и Гугл на сослушување

ЕУ со рекордна казна за Гугл

Мајкрософт аргументираше дека двата производа се компатибилни и поврзани. Компанијата дури вложи жалба на пресудата со која се бараше Мајкрософт да го подели својот бизниз на два одделни, еден за софтвер и еден за оперативен систем. На крајот, Министерството за правда постигна спогодба со Мајкрософт со која компанијата остана недопрена, а технолошкиот гигант се согласи да ги сподели деталите за својот компјутерски интерфејс со конкурентите.

По судскиот спор, Мајкрософт доста заостана зад останатите технолошки компании, губејќи ја трката со Гугл за доминација во доменот на веб-прелистувачи. Новата тужба на американското Министерството за правда против Гугл е базирана на случајот на Мајкрософт, но со фокус на деталите со кои би имале подобра шанса да победат и во однос на можната жалба.

ЕУ контра Мајкрософт

ЕУ во 2004 година покрена сопствена тужба против Мајкрософт, казнувајќи ја американската компанија со речиси половина милјарда евра за злоупотреба на нејзиниот „речиси монополски“ статус за да ја уништи конкуренцијата на пазарот на дигитални медиумски плеери и крајни сервери. На Мајкрософт му беше наредено да направи одредени промени, вклучително и да понуди верзија на Виндоус без нивниот медија плеер. Антимонополските власти исто така побараа од Мајкрософт да го сподели нивниот интерфејс код со конкурентските компании за да можат и тие да обезбедат „целосна интероперабилност“ со оперативниот систем Виндоус.

ЕУ контра Епл 

Во јули 2020 Епл доби спор на апелација против одлуката на ЕК да врати 13 милијарди евра даноци на Ирска. Комисијата аргументираше дека атрактивната даночна стапка која на Епл му била понудена од Ирска, најголемата европска база на производителот на телефони, фактички прераснала во нелегална државна субвенција која на Епл му овозможила префериран третман.

Случајот се вртеше околу ирското даночно законодавство за кое Комисијата тврдеше дека вештачки ја намалило даночната стапка за Епл во периоди и до 0,005% во период од преку две децении.

„Комисијата згрешила што тврдела” дека на Епл „му била дадена селективна економска предност”, се вели во пресудата на апелацијата.

Шефицата на ЕУ за антимонопол, Маргарете Вестагер, во септември 2020 поднесе контра-жалба на пресудата во која се вели дека судот во Луксембург во одлучувањето направил „серија грешки во примена на правото”. Данската политичарка вели дека случајот е важен за затворање на даночни дупки за мултинационални компании и за обезбедување транспарентност.

ЕУ контра Гугл

Министерството за правда на САД не е првото со мерки против најпопуларниот пребарувач на интернет. ЕУ од 2017 година има трипати носено пресуда против интернет гигантот за кршење на антимонополските правила. ЕК го казни Гугл со 8,25 милиони евра за нелегално бустирање на споредбените шопинг услуги во споредба со конкуренцијата, за воведување нелегални рестрикции кои осигуруваат употреба на пребарувачот на Гугл на андроид уреди и неодамна за нелегални договори со страници на трети компании кои забрануваат постирање реклами од ривали на Гугл за нивните машини за пребарување. 

Гугл трипати има поднесено жалба до апелација. Пресуда се очекува следната година.

ЕУ исто така „вага” дали планот на Гугл да ја купи фитнес апликацијата Фитбит би прекршил антимонополски закони. Критичарите се загрижени дека договорот би ја поткопал конкуренцијата, но и заштитата на податоци, а Гугл ќе се стекне со тон здравствени информации за корисниците. Одлука се очекува во јануари 2021.