1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меланхоличен револт во Македонија

Б. Георгиевски/нцц/дивелт8 јуни 2015

Еден месец по борбите во Куманово, остануваат многу нејаснотии, пишува швајцарскиот весник НЦЦ во репортажата од Македонија. Ди Велт пишува дека Западниот Балкан станува „порта“ за влез на Исламската држава во Европа.

https://p.dw.com/p/1FdTE
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ во викенд изданието објавува репортажа од Македонија ,во која централно место заземаат бројните неодговорени прашања во врска со конфликтот во Куманово, но и за иднината на протестното движење #Протестирам во Скопје.

„Деновиве во дворот на една куќа (во кумановското Диво насеље, н.з.) се собраа околу 40 мажи, глави на семејствата од населбата. Секој добива по 150 швајцарски франци на рака и Божји благослов. Донацијата е од една џамија во кантонот Цирих, вели човек во темно-црвен костум кој ја надгледува распределбата. Тоа е мала сума, имајќи предвид колку е урнато. Како е направена листата на оние на кои треба да им се помогне? Без проблеми, вели еден кој чека, тука сите се познаваме. Како тогаш можеле вооружените напаѓачи незабележано да се вселат во населбата? Човекот ги крева рамената, останатите молчат“, ја пренесува репортерот на НЦЦ атмосферата од кумановското Диво насеље.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Уништена куќа во КумановоФотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

Надетничко движење

Авторот ги пренесува различните теории кои се вртат во јавноста во врска со случувањата во Куманово. Според првата теорија, станува збор за банда чии лидери се ривали на Али Ахмети. Според втората, дека македонската влада го инсценирала судирот за да ја одврати јавноста од скандалот со прислушувањето. „Но, тогаш зошто имаше толку многу жртви, доколку судирот со радикалните Албанци бил инсцениран? Иако оваа теорија отвора повеќе прашања отколку што дава одговари, таа е многу популарна меѓу членовите на протестното движење во Скопје“, пишува НЦЦ.

Весникот наведува оти протестното движење постепено се развивало во последната година, и дека неговото тврдо јадро го сочинуваат околу илјада, претежно млади луѓе.

„Движењето не е интеретничко, туку надетничко. Тоа е впечатливо во едно општество во кое од лулка до гроб етничката припадност е најважниот белег... Но и врз оптимизмот од првите недели од протестот сега се спушти плаштот на меланхолијата. Степенот на саморефлексија во ова движење е голем, но тој се заканува да ја задуши нивната политичка акција. Овие незадоволници се‘ уште осцилираат меѓу себеразбирањето како група со алтернативен стил и едно социјално движење со инстинкт за моќ. Следните недели и месеци ќе покажат дали на движењето ќе му успее политичкото будење. За да дојде до широка мобилизација, тие ќе мора да ги надминат границите на Старата турска чаршија, каде е нивната база“, пишува НЦЦ.

Mazedonien Demonstration in Skopje
Надетничко движење, пишува НЦЦФотографија: Reuters/M. Djurica

Меланхоличен револт во Македонија

„Притоа, лабавиот сојуз меѓу протестното движење и опозицискиот СДСМ на Зоран Заев полека ги покажува првите пукнатини. Оставката на премиерот Никола Груевски и натаму е заедничка цел, но еден млад активист вели: 'Социјалдемократите само сакаат повторно да се омрсат - по девет посни години. Ние сакаме реформа на политичкиот систем и поинаква политичка култура'. Една професорка која им се придружи на протестите и која, како и претходниот активист сака да остане анонимна, вели дека не и‘ пречи само тоа што опозицијата ја дели политиката на пријатели и непријатели, туку и невладините организации кои се финансираат од странство. 'Нам ни се потребни автохтони движења, а не проекти за поддршка на цивилното општество, онака како што ќе биде дефинирано во странство'“.

„По разговорот со активистите се чини дека нема основа за обвинувањата дека 'Западот произведува обоена револуција' ,слични на оние во Украина и Грузија. Такви обвинувања изнесе руското министерство за надворешни работи. Но, активистите се многу критични и кога станува збор за ЕУ. Откако комесарот Јоханес Хан на почетокот на јуни постигна договор со власта и опозицијата, многу демонстранти веруваат дека Брисел е пред сѐ заинтересиран за стабилноста на земјата, а не за демократијата и владеењето на правото во неа“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Исламската држава на портите на Европа

„Исламската држава“ и‘ се приближува на западна Европа, пишува весникот „Ди Велт“. Според информациите на весникот, Западниот Балкан станува некој вид „влезна порта“ за исламистичките џихадисти.

Islamischer Staat Kämpfer
„Исламската држава“ се заканува преку Балканот?Фотографија: picture-alliance/abaca/Balkis Press

„Германската тајна служба веќе неколку месеци воочува тренд дека исламистите на Балканот сѐ почесто формираат мрежи преку кои ги шверцуваат борците во воените подрачја. Салафистичките проповедници на Косово, БиХ, Албанија и Македонија на олемо регрутираат борци за војните во Сирија и Ирак. Само од Косово во тие кризни региони заминале повеќе од 250 луѓе“.

„Исто така, балканските земји сѐ повеќе се користат не само за регрутирање на борци - тие стануваат места во кои борците се враќаат од боиштата и во кои можеби се подготвуваат терористички напади“, пишува „Ди Велт“ и потсетува на нападот во Зворник, БиХ, во април годинава. Германскиот весник пишува дека Министерството за надворешни работи е многу загрижено поради тоа и најавува дека за „заканата од Западен Балкан“ неделава ќе се расправа и во парламентарната комисија на Бундестагот.